Потребни состојки: 5 кг. јагнешко месо , 2 главици кромид, 5 парчиња лук, 5 листови ловоров лист, 5 свежи моркови, коријанден, рузмарин, мајчина душица, маслиново масло, 200 мл бело вино, 100 мл црвено вино, 100 мл пиво.
Подготовка: Во период од 10 часа јагнешкото месо треба да отстои во маринадата која е подготвена по мој рецепт.
Маслиново масло, рузмарин, мајчина душица, 200 мл. бело вино, коријандер. Од овие состојки формираме смеса/намаз со кој го премачкуваме целото месо. Месото го прекриваме со најлонска фолија, и отстојува околу 10 часа во фрижидер до следното утро кога треба да се пече.
Неговата подготовка под сач/вршник трае околу 2 и пол до 3 часа. Следното утро, во тепсијата ги додаваме останатите состојки. Кромидот го сецкаме на парчиња, заедно со лукчето, морковите а ловоровите листови ги додадаваме на неколку место на средина од месото. На крај, го поливаме со црвено вино.
Претходно, на загреан оган го ставаме сачот/вршникот да достигне температура. Тепсијата со јагнешкото месо ја поставуваме на пиростијата, под тепсијата ставаме жар и ја покриваме тепсијата со сачот/вршникот кој има веќе достигнато одредена температура. Над самиот вршник/сач ставаме и жарчиња за температурата горе и долу под тепсијата да биде рамномерна. Се проверуваме на одреден период од 15-20 минути како се пече месото и дали температурата е соодветна. Температурата на сачот/вршникот мора да ја одржуваме 2 до 3 часа се додека не се испече месото. 15 минути пред да го извадиме месото го поливаме со малку пиво за да добие крцкава кора и да се збогати вкусот.