Израелската армија соопшти дека спроведува „опсежни“ напади врз цели на Хезболах во Либан

Либанските медиуми известуваат за големи израелски воздушни напади во јужен Либан, како и длабоко во земјата во долината Бекаа.

Израелската армија (ИДФ) во исто време соопшти дека спроведува опсежни напади против Хезболах во Либан и оти подоцна ќе даде дополнителни детали. /МИА

Иранската револуционерна гарда им забрани на припадниците да користат комуникациски уреди

Минатата недела во нападите на комуникациските уреди на Хезболах загинаа 39 лица, а повеќе од 3.000 беа повредени. 

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) им нареди на сите членови да престанат да користат какви било уреди за комуникација откако илјадници пејџери и воки-токи користени од членовите на либанската милитантна група Хезболах во Либан експлодираа минатата недела, изјавија двајца високи ирански безбедносни претставници. Еден од нив рече дека во текот на големата операција спроведена од ИРГЦ се проверуваат сите уреди, а не само опремата за комуникација.

Тој посочи дека повеќето од овие уреди се од иранско производство или се увезени од Кина и Русија. Официјалниот претставник рече дека Иран е загрижен за инфилтрацијата на израелски агенти, вклучително и Иранци на платниот список на Израел, велејќи дека во тек е темелна истрага насочена кон членовите на ИРГЦ од средна и висока позиција.

Тој додаде дека истрагата вклучува преглед на нивните банкарски сметки во Иран и во странство, како и нивните патувања и на членовите на нивните семејства.

Официјалниот претставник истакна дека Иран ја зголемил безбедноста на нуклеарните и ракетните локации.

Минатата недела во нападите на комуникациските уреди на Хезболах загинаа 39 лица, а повеќе од 3.000 беа повредени. /МИА

Сиљановска Давкова: Меѓународниот суд на правдата да има посилна улога

Сиљановска Давкова на Самитот за иднината побара длабоки реформи во ОН како одговор на глобалните предизвици.

Претседателката Сиљановска Давкова на Самитот за иднината побара длабоки реформи во Обединетите нации како одговор на глобалните предизвици.

- Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во Обединетите нации, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното собрание, поголема инклузивност и транспаретност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права, рече претседателката Сиљановска Давкова. Треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите.

-Меѓународиот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Рече дека повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите со највисока правна сила, но и своевидна универзална повелба, односно општествен, меѓудржавен и меѓунационален договор. Претседателката побара да се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата, како во македонскиот случај.

ИДФ изведе десетици воздушни напади врз јужен Либан

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека од рано утринава извршиле десетици воздушни напади во јужен Либан.

„Тајмс оф Израел“ пренесува дека ИДФ изведува „широки“ напади врз цели на Хезболах во јужен Либан.

Снимки на социјалните мрежи покажуваат големи експлозии во јужен Либан, за кои се верува дека се дел од засилените израелски напади, што ИДФ ги најави утринава.

Скај Њуз јавува за десетици воздушни напади во јужен Либан. Голем облак од чад може да се забележи и над либанско-израелската граница.

Израел наведува дека денешните напади се очекува да бидат посилни од вчерашното силно бомбардирање.

Армискиот портпарол, контраадмиралот Даниел Хагари, утринава изјави дека жителите на јужен Либан добиле порака да се држат настрана од позициите на Хезболах.

Последниот бран воздушни напади уследи по напнатиот вчерашен ден во кој Хезболах истрела повеќе од сто ракети врз северен Израел, од кои некои паднаа во близина на градот Хаифа./МИА

притисни ентер