Италијанската новинарка Сала ослободена од затвор во Иран

Италијанската новинарка Сесилија Сала, која од 19 декември беше во притвор во Иран, е ослободена и денеска патува кон дома, соопштија италијанските власти.

- Сала полета од Техеран по интензивната работа на дипломатските и разузнавачките канали, истакна италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Новинарката на италијанскиот дневен весник „Ил Фиљо“ (Il Foglio) беше уапсена во Техеран на 19 декември, три дена откако пристигна во земјата. Таа е обвинета за кршење на законите на Иран.

Италијански претставници шпекулираат дека приведувањето и ослободувањето на Сала ќе биде искористено во преговорите за ослободување на Мохамед Абедини, кој на 16 декември беше уапсен на аеродромот во Милано, по американска потерница.

Министерството за правда на САД го обвини Абедини и уште тројца Иранци дека доставувале технологија за производство на дронови, што се користени во напад врз американски воен пункт во Јордан во јануари минатата година, при што загинаа тројца американски војници.

Абедини и понатаму е во притвор во Италија. /МИА

Македонските ракометари загубија од Хрватска во контролен натпревар пред СП 2026

Македонската ракометна репрезентација синоќа во Вараждин загуби од Хрватска со 27:25 во пријателски натпревар пред почетокот на Светското првенство 2026.

Во меч во кој резултатот не беше во прв план, избраниците на селекторот Кирил Лазаров покажаа дека на Мундијалот можат да се надеваат на добри резултати. Тие го добија првото полувреме со 14:13, имаа свои моменти и во вториот дел, особено ова се однесува на голманот Марко Кизиќ кој одбрани три пенали во серија.

Сепак домашните судии во салата во Вараждин им помогнаа на Хрватите на крајот да се радуваат.

Исто така, очигледно беше дека и двете селекции тактизираа и не играа со максимален интензитет.

Македонија на СП ќе игра во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Првиот меч ќе го има на 15 јануари со унгарската репрезентација.

Нов пожар избувна во Лос Анџелес, овојпат во Холивуд Хилс, најмалку 5 загинати

Нов шумски пожар избувна во Лос Анџелес, овојпат во населбата Холивуд Хилс, изјави на прес-конференција шефицата на противпожарната служба на ЛА, Кристин Кроули. Тоа значи дека бројот на пожари актиовни во градот е зголемен на шест.

Според Кроули, пламенот синоќа се проширил на околу 4 хектари во областа Холивуд Хилс, што предизвикало евакуација на целата област што е на стоптина метри од познатиот Холивуд булевар.

Ситуацијата и понатаму е најтешка во Пацифик Палисадес, сместено меѓу ридови со прекрасен поглед на океанот. Тоа е една од најскапите урбани области во САД - типичен дом таму се проценува дека чини 3,7 милиони долари . Само четири други американски станбени области се поскапи од таа населба.

Таму живеат многу филмски, телевизиски и музички ѕвезди, како Џејми Ли Кертис, Менди Мур и Марк Хамил, кои мораа да ги напуштат своите домови.

Досега во пожарите што беснеат од вторникот загинаа најмалку пет лица, уништија над 1.500 објекти, а ги оптоварија ресурсите на противпожарната служба. Наспроти ова, на над 100.000 луѓе им беше наредено да се евакуираат.

„Немаме доволно пожарникари за да се справиме со пожарите“, изјави началникот на противпожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Марони.

Во Калифорнија итно се испраќаат пожарникари од шест држави, а од Северна во Јужна Калифорнија се префрлени 250 противпожарни возила со 1.000 лица.

Недостигот на вода предизвика сушење на некои противпожарни хидранти во Пацифик Палисадес.

„Го оптоваривме системот до крај. Се бориме со шумски пожар користејќи го градскиот водовод и ова е огромен предизвик“, рече Јанис Кенонис, шеф на локалната управа за вода и електрична енергија, на прес-конференција.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом прогласи вонредна состојба, а претседателот на САД, Џо Бајден ја прогласи Калифорнија за област со природна катастрофа.

„Ќе направиме се што можеме онолку долго колку што е потребно за да ги ставиме овие пожари под контрола и вие да се вратите во вашиот нормален живот“, рече Бајден. „Патот пред нас е многу долг, ќе треба време.

Локалните жители ја споредија сцената во Лос Анџелес како во воена зона, јавија локалните медиуми.

Според противпожарната служба, во моментов ниту еден од пожарите, кои практично го опколиле градот, не е ставен под контрола.

Американскиот претседател Џо Бајден ја откажа претстојната посета на Италија поради ситуацијата со шумските пожари што беснеат во областа на Лос Анџелес, чии пламени изгореа стотици домови, а илјадници се принудени да се евакуираат.

„Претседателот Бајден одлучи да ја откаже претстојната посета на Италија со цел целосно да се посвети во следните денови на водење на федералниот одговор (за справување со кризата)“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.

Распоредот на Бајден предвидуваше тој да ја посети Италија од денеска до недела, што најверојатно ќе биде негова последна посета во странство како претседател.

Бајден планираше за утре и нова аудиенција кај папата Франциско во Ватикан.

Најмалку пет лица загинаа во пожарите што беснеат околу Лос Анџелес, соопштија властите откако во областа се регистрирани веќе шест пожари од вторникот досега. Најмалку 1.500 објекти се опустошени во вториот по големина град во САД, принудувајќи над 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови.

Ураганските ветрови дополнително ја усложнија ситуацијата особено во луксузната област Пацифик Палисадес - најпосакуваниот недвижен имот во Калифорнија што го фаворизираат холивудските познати личности.

Нов пожар избувна синоќа во Холивуд Хилс, на само неколку стотини метри од познатиот булевар Холивуд, што предизвика наредба за евакуација на главниот град на светската забава.

Началникот на пожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, рече дека неговите тимови се ужаснати од обемот и брзината на катастрофите што се случуваат.

„Правиме се што можеме. Но, немаме доволно пожарникарски персонал во округот ЛА за да се справи со ова“.

Пожарот што беснее во Пацифик Палисадес проголта околу 6.500 хектари од вчера досега при што се уништени најмалку 1.000 домови и деловни објекти.

Пожар што зафати 4.300 хектари гори околу Алтадена, северно од градот, каде пламените јазици се на приградските улици.

Шерифот на округот Лос Анџелес Роберт Луна рече дека се знае дека загинале пет лица, а се стравува дека има повеќе смртни случаи.

Шефот на противпожарната служба во Пасадена, Чад Аугустин, изјави дека до 500 згради се изгубени во пожарот.

Од доцна синоќа активен е пожар во кањонот Ранион во срцето на Холивуд, блиску до историските места како што се кинескиот театар Грауман, Патеката на славните и театарот Ел Капитан.

Воведена е наредба за евакуација на голем број улици, се до булеварот Холивуд.

Извршниот директор на Одделот за вода и енергија во Лос Анџелес, Џенис Кинонес, ги замоли луѓето да штедат вода откако хидрантите во Пацифик Палисадес пресушпија.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се огласи на својата платформа за социјалните медиуми тврдејќи - дека недостатокот на вода е резултат на еколошките политики на државата.

Всушност, голем дел од водата во Лос Анџелес доаѓа од реката Колорадо.

Американскиот претседател Џо Бајден го откажа патувањето во Италија оваа недела за да се фокусира на федералниот одговор на пожарите.

„Правиме се и онолку долго колку што е потребно за да ги ограничиме овие пожари“, изјави Бајден претходно на новинарите.

AccuWeather објави дека проценките се - 57 милијарди долари штети од пожарите досега.

Повеќе од 300.000 домаќинства се без електрична енергија во регионот, според веб-страницата outage.us. Комуналните претпријатија во Калифорнија често ги исклучуваат линиите за време на силни ветрови за да го минимизираат ризикот од нови пожари.

Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот ги менуваат временските модели.

Јужна Калифорнија имаше две децении суша проследени со две исклучително влажни години, што предизвика голем раст на вегетација. Ветровите во областа се со околу 160 км/час и дополнително ја усложнуваат ситуацијата, јавија американскикте медиуми потсетувајќи дека недостигот на дожд и исклучително високите температури на воздухот како и суша во изминатите шест месеци - е „нешто што не сме го виделе во записите од 1800-тите“.

Новиот Деловник на Собранието за власта добар, за опозицијата механизам за нивно задушување

 Новиот Деловник за работата на Собранието се покажа како добар во делот на надминување на неоснованите блокади кои се случуваа во минатиот состав со поднесување на илјадници амандмани. 

Пратениците кои ги контактираше МИА велат дека новиот Деловник го прави Собранието поефикасно без притоа политиката да доминира во него, туку мерит системот на носење на актите.

Новина во новиот Деловник е и одржувањето на седници за поставување пратенички прашања на кои прашањата ги поставува само опозицијата во времетраење од два часа.

- Согласно Член 42 - (1) Пратенички прашања од пратениците од пратеничките групи во опозиција и од пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група се поставуваат еднаш месечно, во денот кога се одржува седница на Собранието. Доколку во текот на месецот не се свикани седници, претседателот на Собранието задолжително свикува една седница заради поставување на пратенички прашања. (2) Пратеничките прашања од ставот (1) на овој член се поставуваат по утврдувањето на дневниот ред на седницата во траење од два часа, се посочува во објаснувањето од собраниската прес-служба.

Новиот Деловник за работа, за власта добар особено во делот на неоснованите блокади, за опозицијата механизам за нивно задушување

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во изјава за МИА нагласува дека новиот Деловник е добар и е нешто добро за демократијата во државата. Вели дека како и кај секоја новина, нормално е дека малку потешко се навикуваат пратениците, затоа што, како што вели, со стариот Деловник подолго време функционирало Собранието.

- Со оглед на тоа дека консензуално беше договаран повеќе години, сметам дека и самиот концепт на Собранието се промени во насока да биде нешто слично како германскиот Бундестаг, каде што ќе има предвидлив протокол од моментот кога ќе влезе некој материјал конкретно закон додека излезе. Сметам дека на таков начин го прави поефективно Собранието без притоа политиката да доминира во него, туку да доминира мерит системот на носење на актите, што е добро за граѓаните. Нормално дека малку е тешко со оглед дека од новиот мандат прв пат е во сила, да се навикнат пратениците, со оглед дека со стариот Деловник функционирало подолго време. Но е нешто на кое што ќе се навикне и сметам дека е добро за демократијата во државата, бидејќи се даваат алатки и на опозицијата да реагира, но и на јавноста доволно време да се запознае со актите и да најде начин да ги промени, вели Стојаноски.

Пратеникот на Коалицијата „Влен“, Халил Снопче во изјава за МИА оценува дека новиот Деловник не дозволува блокирање на законите со илјадници амандмани.

-Исклучок е Законот за бранители. Ова беше тенденциозна провокација на СДСМ, која го предложи без да поминат првите 100 дена од Владата. Сите албански партии се решени да не дозволат овој закон да влезе во процедура. Немаме злоупотреба на Комисијата за европски прашања за носење закони со европско знаме, вели Снопче.

Пратеничката и претседателка на Либерално-демократска партија, Моника Зајкова за МИА посочува дека новиот Деловник се покажал како добар во делот на надминување на филибастерингот и неоснованите блокади на кои, како што вели, сведочеле во минатиот состав.

-Сметам дека секогаш може подобро да работи Собранието во смисла на навремено известување за седници и неставање закони во комисии од денес за денес. Сепак, ние сме таму за интересот на граѓаните, вели Зајкова.

Илире Даути, пратеничка на „Европски фронт“ смета дека новиот Деловник бил донесен со надеж за зголемување на ефикасноста и демократијата во земјата, но посочува дека тој има ограничувања кои се злоупотребуваат од власта за да се задуши опозицијата.

- Новиот Деловник е производ на процесот Жан Моне, дијалог меѓу сите политички партии и помош на меѓународните пријатели. Овој Деловник беше донесен со надеж за зголемување на ефикасноста и демократијата во земјата. Но, за жал, како и многу други работи, и новиот Деловник и ограничувањата предвидени во него, денеска се злоупотребуваат од страна на парламентарното мнозинство и актуелната власт за да се задуши опозицијата, да се задуши демократијата и мајоризација на сите етнички заедници во земјава, вели Даути.

Со почнувањето на работа на новиот парламентарен состав, почна и примената на новиот Деловник за работа на Собранието, кој беше изгласан во 2023 година во времето кога претседателот на Собранието беше Талат Џафери. Договорот за нов Деловник за работата на Собранието помеѓу пратениците и од власта и опозицијата беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ кој започна пред околу пет години со посредство на неколку европратеници.

Тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, образложувајќи ја потребата од носење на новиот Деловник, рече дека тој е резултат на консензус од сите политички партии. Потенцираше дека со новиот Деловник ќе се надминат предизвиците со коишто се соочувало Собранието уште од независноста и дека слабостите како и различните толкувања ќе се оневозможат кога тој ќе стапи во сила.

- Ова е оптимално решение кое дава функционалност на законодавниот дом. Во иднина нема да се повторат ситуациите што ги имавме во минатите состави, вклучувајќи го и овој состав, дека треба да се стави крај на можностите за различни толкувања на собраниските постапки, односно да имаме заедничка гаранција дека Собранието не може да се блокира, туку ќе биде функционално во името на граѓаните, рече тогаш Џафери.

Пратениците генерално задоволни од работата на Собранието, преостанува неговата дигитализација

Пратениците што ги контактираше МИА генерално се задоволни од работата на Законодавниот дом. За пратениците од власта, во овој шестмесечен период преовладува добра и релаксирачка атмосфера, додека за опозициските пратеници предовладувале дискриминаторските политики против другите етнички заедници.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последниот брифинг со новинарите при оценувањето на шестмесечниот период на работата на законодавниот дом нагласи дека им преостанува уште многу да сработат.

– Оценката за работата на Собранието ја оставам на јавноста, на вас новинарите, на сите граѓани. Ние секој месец и со вас даваме извештаи, зборуваме за тоа колку и што сме работеле. Мислам дека кон крајот на годината, може и во почетокот на годината да направиме едно резиме за целата работа во овие седум месеци. Сепак, има уште многу да се работи. Нашите стратешки цели поставени и од поранешниот состав ние се обидуваме да ги реализираме, рече спикерот.

Потенцира дека пред нив како законодавен дом останува стратешката цел – дигитализацијата на Собранието, Отворениот Парламент, отворањето на сите канцеларии на пратениците во сите подрачни единици.

-Поголема транспарентност и на ова ќе работиме и работиме веќе интензивно. Се надевам дека после четири години ова Собрание ќе се издигне на многу поголемо ниво, рече Гаши.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочува дека е задоволен од работата на овој парламентарен состав, бидејќи, како што вели, многу закони се донесени кои треба да го подобрат животот на граѓаните.

- Ако треба да одвојам неколку закони на кои сум особено горд, тоа е Законот за покачување на пензиите на пензионерите од 2.500 денари за оваа година, законите со кои што успеавме да ги откочиме големите проекти како измени на Законот за експропријација со кое што го олеснуваме и го забрзуваме процесот на експропријација, но и многу други закони кои што можат да се видат и по бројките од Државниот завод за статистика дека има подобрување во пензиите, во платите и во реализацијата на капиталните проекти, нешто што досега не беше случај, вели Стојаноски.

И Халил Снопче од Влен вели дека е задоволен од работата на овој парламентарен состем и смета дека преовладувала релаксирачка атмосфера.

- Преовладува релаксирана атмосфера. Работата на Собранието во првите шест месеци ја карактеризира значително мнозинство и слаба опозиција. Немаше проблеми со кворумот како во претходниот мандат. Претседателот на Собранието Африм Гаши постави нова оперативна норма седниците да почнат точно во терминот кога се закажани. Имавме интерпелација против Гаши, кое беше неуспешно. Не гледам прагматизам и конструктивност кај албанската опозиција. Наместо да се занимаваат со реалните проблеми кои ги засегаат граѓаните, тие повеќе се фокусирани на создавање спектакли, обидувајќи се да креираат теми за дефокусирање од отворањето на корупциски случаи против нивните поранешни функционери. Најголем доказ за тоа беше денот кога се гласаше за буџетот за 2025 година. Таму јасно може да се спореди што ветила и што планира Владата да постигне во наредната година. Главното оружје со кое опозицијата треба да ја нападне власта е буџетот. Додека претходните години расправата за буџетот траеше по 4-5 дена, годинава таа заврши за само четири часа, рече Снопче.

Посочува дека опозицијата нема идеја, план и стратегија. Тој смета дека ова генерално не е добро за демократијата. Снопче посакува годинава да има една поконструктивна опозиција.

Со ставот на двајцата пратеници се согласува и пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која исто така работата на Собранието ја оценува како добра.

-Се надевам дека во годината која следи партиите ќе имаат повеќе слух и за законите на ЛДП кои се навистина закони во интерес на граѓаните, како што ние имаме. Посакувам во годината која следи поддршка да добие и нашиот Закон со кои се намалуваат банкарските провизии и трошоци и повеќе пари ќе се вратат назад во џебовите на граѓаните, но и други закони кои ќе ги доставиме, вели Зајкова.

Пратеничката Илире Даути од Европскиот фронт не се согласува со ставовите на другите пратеници дека работата на Собранието е добра. Таа нагласува дека актуелниот парламентарен состав ја отсликува волјата на граѓаните кои одлучувале кој ќе ги претставува во Собранието, додека парламентарното мнозинство е најдискриминаторското и најнелегитимното во историјата на државата.

-Денеска имаме парламентарно мнозинство кое не ја отсликува правичната застапеност на граѓаните и етничките заедници, имаме мнозинство што е создадено по волја на еден човек и една партија, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и само на нив им служи. Ова мнозинство е претворено во гласачка машинерија за проектите и желбите на ВМРО, каде пратениците Албанци во ова мнозинство се само спроведувачи на наредби. За жал, духот на демократијата во овој состав го одржува само Европскиот фронт, како единствена праведна опозиција, бидејќи другите македонски опозициски партии не се разликуваат многу од власта и во некои случаи се дури и погласни од мнозинството во дискриминаторските политики и против другите етнички заедници, вели Даути.

Кон средината на 2024-та, земјава доби нов парламентарен состав

Кон средината на годината што измина, земјава доби нов парламентарен состав. Единаесеттиот актуелен парламентарен состав се формира по одржувањето на вонредните парламентарни избори на 8 мај 2024 година заедно со вториот круг на претседателските избори. На парламентарните избори со мнозинство гласови победи ВМРО-ДПМНЕ. Од 120 члениот законодавен дом, ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратенички мандати, СДСМ и „Европски фронт“ по 18, Коалицијата „Вреди“ 14, Политичката партија Левица и Движењето ЗНАМ по шест пратенички мандати. За претседател на Собранието, пратениците го избраа Африм Гаши.

По формирањето на новата Влада составена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ, беа донесени измените на Законот за државна управа, со кои се правеше реорганизација на министерствата. Сега, бројот на министерства е за 4 поголем, односно во земјава има 20 министерства. Со новиот закон се формираа Министерството за спорт, Министерството за европски прашања, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за јавна администрација.

Шестмесечниот период на актуелниот парламентарен состав го карактеризираше и по поднесената интерпелација во септември против претседателот на Собранието Африм Гаши од страна на пратеничката група на Левица, која беше отрфлена. По однос на поднесената интерпелација за неговата работа, Гаши тогаш рече дека демократијата е Тогашниот да се ислушаат спротивставените мислења, но „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“./МИА

притисни ентер