Историскиот воен брод што беше оштетен од невремето, префрлен на солунското пристаниште

Силниот ветер и големите бранови во саботата оштетија дел од бродот, а синоќа со помош на реморкери беше пренесен во трговското пристаниште во Солун. 

Историскиот воен брод од Втората светска војна, разурнувачот „Велос“, закотвен во Солун, откако во саботата беше оштетен од невремето, веќе е пренесен на солунското пристаниште, каде што ќе се оцени состојбата и големината на штетата, јави дописничката на МИА од Атина.

Силниот ветер и големите бранови во саботата оштетија дел од бродот, а синоќа со помош на реморкери беше пренесен во трговското пристаниште во Солун.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека согласно информациите од надлежното Министерство од силниот ветер бродот удрил во пристаништето при што настанала пукнатина, а воената морнарицата ги презела сите неопходни активности.

-Немаше повредени. Немаше контаминација на околината. И она што можам да го кажам е дека е побарано од солунското пристаниште безбедно место за транспорт на разурнувачот. Доколку тоа не е можно, ќе биде преместен на безбедно пристаниште, рече Маринакис.

Според грчките медиуми, воениот брод бил ставен во функција на 3 јуни 1942 година и 32 години ѝ служел на грчката морнарица во мисии и вежби.

-Станува збор за брод со богата историја бидејќи, покрај службата во грчката морнарица, е и ветеран од Втората светска војна бидејќи беше воен брод што се бореше во операциите на американската морнарица во Тихиот Океан, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.

Од септември 2019 година „Велос“ беше закотвен во источниот дел на плажата во Солун и ги отвори вратите за посетителите. /МИА

Претставници на Западен Балкан, ЕУ и САД во Котор ќе разговараат за планот за раст на регионот

 Црна Гора денеска ќе ги собере лидерите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија и САД на самит на кој ќе разговараат за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Домаќин на самитот во Котор, под слоганот „Еден регион, заедничка визија“ ќе биде премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

На состанокот ќе учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеј и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан.

Стејт департментот соопшти дека О'Брајан и другите учесници на самитот во Котор ќе се фокусираат на регионалната економска интеграција и можностите за раст понудени од Планот за раст на Западен Балкан и ќе ја зајакнат силната американска поддршка за патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ.

Заедно со лидерите и министрите на земјите од регионот, во Котор беа поканети и партнерски организации, како што се Советот за регионална соработка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, Транспортната заедница, Атлантска алијанса, Енергетска заедница, Фондација Отворено општество, РеСПА, ГИЗ.

Планот за раст на Западен Балкан, што Европската комисија го усвои во ноември, а ЕУ пред две недели, предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ.

Услов за добивање средства е спроведување на реформите, пред се во делот на почитување на демократските механизми, владеењето на правото и основните права. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан шест да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги спроведувала во тој период.

Путин во посета на Кина

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска пристигна во дводневна посета на Кина, при што ќе се сретне со кинескиот колега Си Џинпинг и ќе се обиде да добие поголема поддршка за војната против Украина.

Тоа е прво патување на Путин во странство откако тој беше реизбран за претседател во март.

Путин за нешто повеќе од шест месеци вторпат е во посета на Кина.

НБА плејоф: Бостон ја затвори серијата со Кливленд, Далас поведе со Оклахома

Во најсилната кошаркарска лига на светот – НБА ноќеска се одиграа два натпревара од плејофот. 

Бостон селтикс обезбеди полуфинале откако на домашен терен во петтиот натпревар од серијата прв до четири против Кливленд кавалирс победи со 113:98.

Противник на Бостон во конференциското финале ќе биде поуспешниот од двојката Њујорк никс – Индијана пејсерс (3:2 за Њујорк).

На другиот натпревар, Далас маверикс на гостински терен ја совлада Оклахома Сити тандер со 104:92. Моменталниот резултат е 3:2 за Далас.

Вечер по полноќ се среќаваат Минесота тимбервулвс и Денвер нагетс. По пет одиграни натпревари Денвер води со 3:2.

притисни ентер