Инзаги го пофали Интер за настапот на натпреварот против Црвена ѕвезда

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги го пофали својот тим за синоќешната победа над Црвена ѕвезда (4:0) во натпреварот од 2. коло на Лигата на шампионите.

- Моите фудбалери завршија одлична работа против тим кој требаше да игра дефанзивно. Добро ја движевме топката и создававме шанси. Освен неколку контранапади и првите пет минути од вториот дел, сè мина во најдобар ред. Сакавме да победиме за да го зголемиме нашето бодовно салдо во Лигата на шампионите по првиот натпревар против Манчестер сити. Треба да се движиме во иста насока. Ги добив вистинските одговори на вистинските прашања, задоволен сум од тимот. Тареми и Арнаутовиќ даваат се на теренот, ги заслужуваат своите шанси и ги користат. Многу е добро кога добиваш таков одговор од фудбалерите, изјави Инзаги на официјалната веб-страница на УЕФА.

Интер се наоѓа на 5. место на табелата во Лигата на шампионите со 4 бода од два натпревара.

Во следното коло тимот од Милано ќе игра на гости кај Јанг Бојс.

Повторно пукање во Чаир, повредено едно лице

Како што пренесуваат повеќе медиуми, повредениот со прострелна рана во ногата е донесен во ГОБ „Св Наум Огридски“.

Од ГОБ „Св. Наум Охридски“ денеска околу 18:10 часот е пријавено во СВР Скопје дека повредениот Е.А. (35) од Скопје со прострелна рана на ногата е донесен во болницата.

Од МВР велат дека повредениот бил донесен од страна на неговиот брат.

Тој на полицијата и појаснил дека повредениот се движел по улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје кога му се приближило едно лице и му пукало во ногата.

Се претпоставува дека инцидентот настанал поради должничко-доверителни односи.

Скрипал: Путин нареди да бидам отруен со „Новичок“

 Поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин наредил да биде отруен со нервниот агенс „Новичок“.

Тој дал докази во истрагата за смртта на жена која случајно била отруена со нервен агенс.

Скрипал, кој продавал руски тајни на Велика Британија, и неговата ќерка Јулија, биле пронајдени во бесознание на клупа во јужниот англиски град Солсбери во март 2018 година, откако кваката на влезната врата од нивниот дом била намачкана со „Новичок“.

Четири месеци подоцна, локалната жителка Даун Старџис починала по изложувањето на отровот, откако нејзиниот партнер пронашол шише парфем за кој полицијата верува дека го користеле руските разузнавачи за да го прошверцуваат отровот во Велика Британија.

Сергеј и Јулија Скрипал и полицаецот кој бил во нивниот дом и го истражувал инцидентот, биле во критична состојба поради ефектите ос користењето за воени цели на нервниот агенс, но се опоравиле, како и партнерот на Стургис, Чарли Роули.

Русија постојано ги негираше британските обвинувања дека била вмешана во овие случаи./МИА

Договорена соработка на МАЕИ и Конзервативната партија на Канада

Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција - МАЕИ, Васил Стерјовски за време на престојот во Канада, се сретнал со Даниел Мејсон, кандидат за пратеник од Конзервативната партија во парламентот на Канада.

- Даниел, кој има македонски корени, има длабоки врски со Егејска Македонија. Од страната на татко му потекнува од село Прекопана, а од страната на мајка му од село В’мбел. Тој е личност со големи вредности и силна посветеност, која заслужува поддршка од македонската заедница во Торонто, која преку него ќе има свој глас во канадскиот парламент, рече Стерјовски за МИА.

На средбата договориле соработка од заеднички интерес помеѓу Конзервативната партија на Канада и МАЕИ.

Исто така информираше дека за време на престојот во Торонто, ја посетил и црквата Свети Климент Охридски – најстарата македонска православна црква надвор од Македонија, која „претставува вистински духовен и културен столб за Македонците во Канада“.

- Оваа црква не само што ги згрижува духовните потреби на македонската заедница, туку е и дом на значајни образовни, културни и добротворни друштва, кои се грижат за зачувување на македонскиот етнички и културен идентитет. Посебно ме радува што Македонците од Албанија активно учествуваат во богослужбите и различни активности во црквата, со што ја зајакнуваат заедницата и ја продолжуваат македонската традиција во Канада, посочи Стерјовски.

Присуствувал на богослужба, а отец Сашо Целески му подарил библија.

притисни ентер