Инсајдер: Поседуваме документи што покажуваат дека Навални е отруен

Рускиот портал Инсајдер објави дека добил пристап до официјални документи поврзани со смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални.

Порталот пишува дека има две верзии на документот потпишани од рускиот истражител Александар Варапаев. Тие се однесуваат на одлуката на рускиот истражен комитет да не отвора кривична постапка по смртта на Навални. Порталот пишува дека руските власти постојано ги отстранувале информациите за симптоми кои не одговараат на официјалната причина за смртта објавена од руската држава.

Претходната верзија ги опиша симптомите на Навални на следниов начин: „На 16.02.2024 година осудениот А.А.Навални додека бил во тренинг дворот број 2 на ТОЧК (стамбена единица од типот на едноќелија), почувствувал нагло влошување на неговата здравствена состојба, за што го известил дежурниот од установата, кој го извадил од просториите на дворот во просториите на одделение бр.4 на ЕПКТ. Таму осудениот А.А. Навални легна на подот и почна да се жали на остри болки во стомакот - почнал рефлексно да ја исфрла содржината од желудникот, имал конвулзии и изгубил свест, што веднаш било пријавено кај медицинскиот персонал од поправниот дом“.

Во подоцнежната верзија на истиот документ, која стана конечна, нема информации за болки во стомакот, повраќање или напади. Инсајдер пишува дека има пристап до друг документ кој содржи список на „конфискувани предмети“ земени од местото на смртта на Навални. Списокот вклучува „примероци од повраќање“, за кои во документот се вели дека биле доставени на тестирање.

Но, информациите за прегледот и наодите од повраќањето не се официјално објавени.

-Документите ги потврдуваат зборовите на Јулија Навална, која изјавила дека во последните минути пред смртта Алексеј се пожалил на акутна стомачна болка, пишува Инсајдер.

Инсајдер го цитира лекарот Александар Полупан, кој го лекуваше Навални во Омск по труењето со Новичок во 2020 година. Тој вели дека симптомите опишани во документите не се совпаѓаат со официјалната верзија.

-Официјалната причина за смртта, нарушување на срцевиот ритам, на никаков начин не ги објаснува симптомите опишани во документите: остри болки во стомакот, повраќање или напади. Овие симптоми тешко можат да се објаснат со ништо друго освен со труење. Краткиот интервал помеѓу абдоминалната болка и конвулзии сугерира можност за изложеност на истата класа на супстанција како и Новичок, но во овој случај можеби е администриран внатрешно наместо локално, изјави Полупан за Инсајдер.

Песков: Русија го осудува убиството на лидерот на Хезболах и нападите врз Либан

Русија го осудува убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрула и израелските напади врз Либан и верува дека тоа доведе до значителна дестабилизација на регионот на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Руската страна ги осудува ваквите акции. Сметаме дека тие доведоа до значително дестабилизација на ситуацијата во регионот, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање, пренесуваат руските медиуми.

Песков изјави дека неселективното бомбардирање на станбени области во Либан доведува до огромен број жртви, што ќе резултира со хуманитарна катастрофа каква што гледаме во Газа.

Од минатата недела израелските воздухопловни сили изведуваат масовни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Израелски авиони извршија и неколку наменски воздушни напади врз Бејрут, а во еден од нив беше убиен лидерот на Хезболах.

Алкараз: Разбирам во каква позиција се наоѓа Синер

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го поддржа светскиот рекет број еден Јаник Синер по веста дека Светската антидопинг агенција (ВАДА) планира да го дисквалификува Италијанецот.

- Ова е навистина тежок момент за него. Знам дека сите зборуваат за ова, пишуваат во вестите. Веројатно, како што кажа и самиот Карлос пред турнирот во Њујорк, луѓето почнаа да гледаат на него поинаку. Не знам како ќе биде, но дефинитивно ја разбирам неговата позиција. Се надевам дека овој проблем наскоро ќе биде зад нас, и тој ќе може да се фокусира на она што го сака, а тоа е играњето тенис и ќе продолжи напред, изјави Алкараз за „Tennis-Infinity“.

Синер пролетта имал два позитивни теста за анаболичен стероид клостебол. Независен трибунал одлучи дека забранетата супстанца влегла во телото на тенисерот преку спреј за лекување на исеченици купени од неговиот фитнес тренер. Физиотерапевтот го користел за да ја залечи раната на раката. Подоцна, тој го масирал Синер без ракавици.

Дваесет и тригодишниот Италијанец е шампион на два Грен слем турнири во сингл (Австралија Опен 2024 и УС Опен 2024). Вкупно има 17 АТП титули.

Се поизвесна е израелска копнена офанзива врз Либан

Дел од западните медиуми јавија дека Израел распоредува тенкови на границата со Либан, што најверојатно е подготовка за евентуална копнена инвазија.

Американскиот весник „Њузвик“ (Newsweek) објави дека операциите на израелските командоси во јужниот дел на Либан против Хезболах е дел од подготовките за евентуална копнена инвазија, што може да се случи во текот на неделата.

Неименуван израелски претставник за британскиот весник „Телеграф“ потврди дека елитните трупи се фокусирани на инфраструктурата на Хезболах, вклучително локациите со оружје и командните и контролните центри.

Израелската армија соопшти дека мобилизирала уште три баталјони резервисти, а две бригади веќе се испратени во северен Израел како подготовка за можната копнена операција.

Додека „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) објави дека израелски специјални сили ја преминале границата со Либан и испраќаат трупи во тунелите на Хезболах. И американскиот весник тврди дека тоа претходи на евентуална голема копнена офанзива.

Израелските медиуми јавија дека нападите врз Либан не само што ќе продолжат туку ИДФ се подготвува и за копнена операција. Неименуван безбедносен извор изјави дека иако сè уште не е донесена политичка одлука, ИДФ привршува „значајни операции“ како подготовка за копнена инвазија врз јужен Либан.

- Целта на копнените маневри е да се уништат целите, но и да се проектира моќта на Израел и ИДФ на Блиски Исток, особено врз Хезболах, истакна тој.

Според процена на Израел мрежата на тунели на Хезболах долга е неколку стотина километри. Се претпоставува дека Хезболах ги користи тунелите за влез во Израел, иако дел од нив се уништени во 2019 година од страна на израелската армија.

При нападите врз јужниот дел на Либан утрово елиминиран е лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Тир загинаа и сопругата, ќерката и синот на Амин.

ИДФ, првпат од војната во 2006 година, изврши напад врз центарот на Бејрут. Во денешните напади загинаа тројца припадници на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП).

Израелското военовоздухопловство од минатата недела интензивно напаѓа цел на Хезболах во различни области на Либан. Во воздушниот напад врз Бејрут загинаа неколку високи команданти на Хезболах, вклучително и лидерот Сајед Насрала.

Хезболах одговори со ракетни напади насочени првенствено кон северен Израел.

притисни ентер