Песков: Русија го осудува убиството на лидерот на Хезболах и нападите врз Либан

Русија го осудува убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрула и израелските напади врз Либан и верува дека тоа доведе до значителна дестабилизација на регионот на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Руската страна ги осудува ваквите акции. Сметаме дека тие доведоа до значително дестабилизација на ситуацијата во регионот, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање, пренесуваат руските медиуми.

Песков изјави дека неселективното бомбардирање на станбени области во Либан доведува до огромен број жртви, што ќе резултира со хуманитарна катастрофа каква што гледаме во Газа.

Од минатата недела израелските воздухопловни сили изведуваат масовни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Израелски авиони извршија и неколку наменски воздушни напади врз Бејрут, а во еден од нив беше убиен лидерот на Хезболах.

Јанчев: Кавадарчани ќе уживаат во зимските спортови, градежни активности на ул. „Ристо Џондев“

​Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев соопшти дека зимската сезона кавадарчани ќе уживаат во зимските спортови!

„[✅] Стартуваат подготовките за скијачкиот центар во Михајлово!

Од денес започнаа подготвителните теренски работи за изградба на скијачкиот центар во Михајлово, и истиот опфаќа ски стаза, ски лифт и потребните елементи за сите возрасти!

Целосната опрема е во фаза на изработка од страна на полска компанија која што веќе при крајот на ноември се очекува да се монтира доколку дозволуваат временските услови.

Скијачкиот центар се очекува да биде во функција оваа зимска сезона, за сите љубители на зимските спортови во кои ќе уживаат сите генерации.

[📌] Уште еден голем проект и инвестиција која го продолжува и така брзиот развој на нашата општина. Градоначалникот Митко Јанчев вети во предизборната програма, а од денес овој проект станува реалност.

[📌] Теренските работи се донација од општествено одговорната фирма ЈА МИ Кавадарци.

[📌] Инвестицијата за овој центар е донација од 231.660,00 евра, од кои 115.000,00 евра се средства донација од Комерцијална Банка и 115.000,00 евра се средства донација од Кожувчанка ДОО“, стои во објавата на Јанчев.

Во тек се градежни активности на ул. ,,Ристо Џондев'' кои опфаќаат реконструкција на таложници, изработка на атмосферска канализација Ф1000, во должина од 200 метри и поставување на атмосферски решетки, по што во втора фаза следува асфалтирање.

Изведувач на работите е Градба Промет.

Кавадарци за сите!, напиша Јанчев.

Ѓорчев:Експресното одбивање на Софија на посредништвото на Орбан може да се смета за нивен став

Експресното одбивање од Бугарија за посредништво од унгарскиот премиер Виктор Орбан во спорот со Македонија може да се смета како нивен траен став, а не предизборен маркетинг, смета поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев. 

Според него во Бугарија постои едногласност околу македонското прашање и нема да прифатат да отстапат од тоа што веќе е договорено, а псоледен доказ за тоа е Декларацијата во тамошното Собрание.

-Мислам дека Бугарија со едногласноста и усвојувањето на најновата декларација за Македонија, сите пратеници беа за, сите политички партии, дури и целиот јавен и општествен живот го делат тоа мислење, ценам дека Бугарија сака да каже дека нема да отстапи од ниту една точка од тоа што е потпишано. За нив е нашиот Договор, fabula acta est, приказната е завршена, и со тоа што ставила Македонија потпис на договорот се исрпени сите можности. Само забораваат дека во договорот има точка член 13 став 2 во којшто една од двете договорни страни може да поднесе измени и со взаемно усогласување по дипломатски пат може да се договораат измени, дали ќе бидат прифатени или не... и потоа став 3 дека Договорот може да биде раскинат. Така што ценам дека тоа не е предизборен маркетинг, едноставно е таква бугарската позиција – цврста и единствена. -Марјан Ѓорчев.

Официјална Софија само неколку часа по понудата веднаш го отфрли предлогот од унгарскиот премиер за посредништво. Од тамошното министерство за надворешни пред два дена споделија фотографија од средба на бугарскиот министер Кондов со неговиот унгарски колега Сијарто во Њујорк на која му порачал дека не е потребно посредување за Македонија да се убеди да ги исполни критериумите за почеток на преговорите. Истиот став денеска го сподели и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев со порака дека единствената европска преговарачка рамка за Македонија нема да се смени, без разлика колку Орбан ги нуди своите услуги .

-Не, нема никави сигнали за тоа колку и Орбан да ги нуди своите услуги. Ние да му предложиме да си ги среди работите со Словачка примарно, кадешто има унгарско малцинство, но се уште не се добри работите. Има наклонетост на Орбан кон властите во Македонија од Груевски до Мицкоски и половина милијарда која им ја даде, се разбира тоа се европски пари и медиумите на ДПМНЕ се во рацете на Унгарците и не се, во најмала рака, многу пријателски расположени кон Бугарија и духот на недостига добрососедство, изјави Ковачев.

Според поранешниот амбасадор Ѓорчев, пак, Орбан како претсетдавчл со ЕУ може да лобира кај европските партнери за евентуално прифаќање на предлогот од македонска страна за одложено дејство на уставните измени.

-Она што ние можеме да го имаме како поддршка од Орбан со негово на некој начин лобирање кај другите политички лидери од ЕУ е, она што не е дел од преговарачката рамка, а тоа е нашиот конкретен предлог, внесување на Бугарите во Уставот да биде со одложено дејство и мислам декА тука може Орбан најмногу да помогне, затоа што од една страна ние ги споделуваме барањата на Бугарите, а од друга страна помага да се откочи процесот да почне Македонија да преговара со ЕУ, вели Ѓорчев.

Унгарскиот премиер Орбан, при посетата на Македонија кажа дека има конкретен план како земјава до крајот на годинава, додека трае унгарското претседателство со ЕУ, да отвори еден кластер, но што предвидува тој план, не откри.

Тошковски: МВР е подготвено жестоко да одговори на обидите за дестабилизација

Полицијата жестоко ќе одговори на сите предзвици кои ќе бидат насочени кон дестабилизација на државата, вели министерот за внатрешни Панче Тошковски. 

По изјавата на премиерот Мицкоски за можни обиди за дестабилизација по одвојувањето на Македонија од Албанија во евроинтегративниот процес дека земјава соодветно ќе постапи, како и пораките од Мала Речица дека ДУИ е „подготвена за идните политички предизвици“, Тошковски вели дека сите информации се проследуваат до надлежните органи. Ќе се одговори, вели, и на сите обиди за подгревање на меѓуетнички тензии.

-Службите во рамки на институционалните форми кои што ги имавме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи во рамки на истите. Така што, сето она кое што сме го говореле во минатото, од аспект на обиди какви што веќе видовме во овие месец дена, за подгревање на меѓуетнички тензии, дека се реалност, соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина. Кога велам соодветно одговараме, велам дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно сè со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остварува правата. изјави – Панче Тошковски – Министер за внатрешни работи.

Премиерот Мицкоски во август излезе со тврдење дека интегративците во септември ќе преземат чекори во насока на дестабилизирање на државата во обид да го заштити капиталот кој го создаде за време на владеењето, но ова тврдење беше отфрлено од страна на партискиот лидер Али Ахмети.

Вчера партијата одржа состанок во седиштето во Мала Речица. Ние сме тука и сме подготвени, напишаа на заедничката фотографија што ја објавија по состанокот, а потоа, на социјалните мрежи се појавија и други фотографии со кои упатија прашање, Дали сте подготвени? А попладнево, како што споделија дел од порталите, на надвозник на автопатот Скопје – Тетово во близина на Сарај, бил поставен транспарент со ликот на Ахмети на кој на албански јазик е напишана порака – Команданте, ние сме спремни. Токму објавите на социјалните мрежи на ДУИ во јавноста беа протолкувани во насока на најавите за дестабилизација, но од партијата досега постојано демантираат дека имаат такви планови..

притисни ентер