Хуманитарен концерт по повод Меѓународниот Ден на Грижата за повеќе Згрижувачки Семејства

​На 29-ти октомври, со прекрасна атмосфера и искрени емоции, се одржа хуманитарниот концерт по повод Меѓународниот ден на грижа и поддршка.

Во организација на СОС Детско Село, со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Гази Баба, настанот, имаше за цел да ја подигне свеста за значењето на згрижувачките семејства и нивната непроценлива улога во општеството.

Голема благодарност и до Силви Бенд кои внесоа позитивна енергија и радост, но и ги инспирираа присутните да размислат за својата улога во заедницата и можноста да станат згрижувачи.

“Денес го славиме згрижувањето како акт на љубов и поддршка за децата кои најмногу имаат потреба од сигурност и внимание. Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, преку различни програми и проекти, продолжуваме да работиме на унапредување на системот на згрижување, да ја подигаме свеста за важноста на семејното згрижување и да охрабриме што повеќе семејства да се вклучат. “ – изјави г-дин Ѓоко Велковски, Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади.

Овој настан имаше за цел да ја подигне свеста за важноста на згрижувачите и да ги мотивира новите кандидати да се приклучат на оваа благородна мисија. Преку оваа иницијатива, се нагласи значењето на згрижувачите, кои играат клучна улога во заедницата, обезбедувајќи дом и семејство за децата кои имаат потреба од топлина и сигурност.

“Како општина, продолжуваме со заложбите за поддршка на семејното згрижување, бидејќи веруваме дека секое дете заслужува шанса да расте во безбедна и стабилна средина, опкружено со грижа и љубов. Затоа, и оваа година ја организираме оваа промотивна активност, каде што ја подигаме свеста за значењето на згрижувањето и ја изразуваме нашата длабока почит кон сите згрижувачи.“ – додаде во своето обраќање г-дин Бобан Стефковски – Градоначалник на Општина Гази Баба.

На настанот беше потенцирано дека згрижувањето не е само професија, туку мисија која носи позитивни промени во животите на децата. Секоја личност која станува згрижувач е дел од трансформацијата на едно детско срце, создавајќи можности за емоционален и психолошки развој.

„ Згрижувањето е во голема мера синоним за работата на СОС Детско Село, но за нас исто така претставува и наша морална одговорност. Сведоци сме на неверојатните приказни на посветеност и љубов што ги покажуваат згрижувачките семејства да создадат топол дом и грижа за секое дете, бидејќи згрижувачите се оние кои го гарантираат и овозможуваат вроденото право на секое дете на животен стандард кој ќе дозволи физички, ментален, духовен, морален и социјален развој.“- изјави директорката на СОС Детско село Скопје, Наде Качакова.

Пораката беше јасна – секое дете заслужува шанса за сигурен дом и љубов.

СОС Детско Село повикува сите кои сакаат да направат разлика во животот на едно дете да размислат за оваа важна улога и да се приклучат како згрижувачи.

Повеќе информации за тоа како да станете згрижувач можете да најдете на www.zgrizuvanje.mk или на 075 277 447.

Министерот за спорт Борко Ристовски се сретна со црногорскиот колега Драгослав Шќекиќ

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари билатерална средба со министерот за спорт и млади на Република Црна Гора, г-дин Драгослав Шќекиќ и со членови од неговиот кабинет.

На средбата беа разменети мислења и искуства во реализацијата на програми и проекти кои имаат за цел подобрување на условите за спортистите и унапредување на спортските активности во двете држави.

Министерот Ристовски изрази уверување дека оваа средба ќе биде почеток на плодна соработка преку која Република Македонија и Република Црна Гора ќе успеат да ги издигнат спортските постигнувања на регионално и на меѓународно ниво.

„На средбата изразивме обострана заложба за продлабочување на спортските врски меѓу двете блиски земји. Од министерот Шќекиќ добивме покана да потпишеме меморандум за соработка помеѓу двете министерства и очекувам дека ќе имаме одлична соработка во иднина. Верувам дека преку заеднички иницијативи ќе успееме да го подигнеме спортот на повисоко ниво“ – истакна министерот Ристовски.

Министерот Драгослав Шќекиќ го поздрави формирањето на македонското Министерство за спорт и изрази огромно задоволство од денешната средба.

„Како голем вљубеник во ракометот особено задоволство ми претставува што мој колега министер во македонското Министерството за спорт е токму познат ракометар како Борко Ристовски. Сигурен сум дека ќе имаме и други вакви средби и одлична соработка“ – рече министерот Шќекиќ.

Трудо: Вклучувањето на севернокорејските трупи во Украина може да доведе до ескалација

Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека распоредувањето и вклучувањето на севернокорејските трупи во судирот во Украина најверојатно ќе довде до ескалација на војната.

Трудо, во телефонскиот разговор со претседателот на Јужна Корелја, Јун Сук-јеол посочи дека војната значително ќе влијае врз безбедносното опкружување во Европа и во Индо-пацифичкиот регион и предложи продлабочување на соработка помеѓу Канада и Јужна Кореја.

Јун потврди дека распоредувањето на севернокорејските трупи во Русија било побрзо од што се очекувало, додавајќи оти тоа создава опасна ситуација.

Претходно, јужнокорејски владини претставници наведоа дека некои севернокорејски трупи можеби веќе се преместени на линијата на фронтот и изразија загриженост дека не се знае што Русија би можела да му даде на Пјонгјанг за возврат.

Перински: Децентрализација на власта останува најважен принцип

Шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефен Худолин, кажа дека состанокот е добра можност за мултивмрежување.

Подобрувањето на функционалноста на локалните самоуправи и дигитализација на услугите беа во фокусот на отворањето на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК).

Во рамките на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Република Македонија кон ЕУ“ од состанокот што се одржува во Скопје, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека е приоритет да се подобрат условите за живеење во сите општини.

-Децентрализација на власта останува најважен принцип, приоритет е да се подобри функционалноста на локалната самоуправа. Предвидено е до крај на 2026 да бидат создадени сите предуслови за дигитализација на пакет услуги, рече министерот.

Шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефен Худолин, кажа дека состанокот е добра можност за мултивмрежување.

-Овој состанок е во важен момент. Во клучен момент за иднината на ЕУ. Потребна е политичка волја за влез во ЕУ. Веруваме дека сцената е наместена. Она што треба да продолжи се реформите, посочи тој.

Патрик Молиноз, претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони, потенцираше дека е неопходно да се форсира децентрализацијата.

-Сами не сме ништо, може да растеме во светот само ако се залагаме и градиме посилна ЕУ. Децентрализацијата мора да се форсира и да биде главен дел од процесот за локалните самоуправи да добијат средства да ги остварат целите, рече тој.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, заедно со Министерството за локална самоуправа на Република Македонија се домаќини на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.

Втората тема на овој состанок е посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“ кога пред присутните ќе се обратат заменик министерот за дигитална трансформација во нашата земја, Радослав Настасијевиќ Варџински, известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Раит Пиџеглас, претставници од НАЛАС и од АЛДА.

Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело, кое одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, заседаваат двајца ко - претседавачи. Актуелен ко- претседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Собранието на Општина Трбовље (Република Словенија) и член на Европскиот Комитет на региони. ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти.

притисни ентер