Фани Каранфилова Пановска е новата заменик претседателка на СДСМ. Делегатите ја избраа на предлог на партискиот лидер Венко Филипче, а доаѓа на местото на актуелната пратеничка Сања Лукаревска, која поднесе оставка на функцијата по изборниот пораз. Каранфилова – Пановска долги години е активна во граѓанскиот сектор, а беше и директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија.
Конгресот го и избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ. Него го сочинуваат 113 лица, повеќето од нив се помалку познати за пошироката јавност, но има и екс пратеници, директори и други функционери. Во текот на следнава недела, Централниот одбор ќе избере и нов Извршен одбор, по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар и двајца организациски секретари.
Филипче по завршувањето на конгресот, имиња за партискиот врв не сакаше да открие, но најави нова енергија во раководните органи - млади лица и оние, како што рече, што досега не добиле шанса во партијата, а кои ќе работат во интерес на граѓаните и членството.
Филипче на почетокот од конгресот ја претстави новата програма и идеолошки документ на партијата. Во подолго обраќање пред членството порача дека критиките ги прифаќа, но поразот според него не е крај, туку нов почеток за враќање на победничките патеки.
Лидерот на СДСМ призна дел од грешките кои довеле за лошите изборни резултати. Според него не смееле да дозволат речиси целата енергија да ја насочат на евроинтеграциите, рече дека ги научиле и лекциите од сервилноста кон коалициските партнери,а потфрлиле и во борбата со криминалот и корупцијата..
Пред овој Конгрес, социјадемократите го одржале и отчетниот кој почна летото, но беше пркеинат. Тој се одржа зад затворени врати, без присуство на јавноста..