Харис: Постигнат е „извесен напредок“ во врска со договорот за прекин на огнот во Газа

- Треба да постигнеме прекин на огнот и договор за заложниците што е можно поскоро, изјави Харис на телевизијата Си-Би-Ес.

Американската потпретседателка и демократски кандидат за претседател Камала Харис денеска изјави дека е постигнат „извесен напредок“ во врска со договорот за прекин на огнот во Газа, но оти напредокот е „бесмислен“ доколку договорот навистина не биде постигнат.

- Треба да постигнеме прекин на огнот и договор за заложниците што е можно поскоро, изјави Харис на телевизијата Си-Би-Ес.

Харис во неделата најави дека Вашингтон ќе изврши притисок врз Израел и другите страни во регионот на Блискиот Исток со цел да се постигне договор за прекин на огнот во Газа.

Орбан: ЕУ мора да се промени, целта на унгарското претседателство е да биде гласот на промените

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија мора да се промени, а унгарското претседателство со ЕУ има за цел да биде „глас и катализатор за промени“.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што ја презентираше унгарската програма, Орбан рече дека конкурентноста е најважниот елемент на промените, јави агенцијата МТИ.

Според него, работата на Унгарија е да укаже на проблемите и да изнесува предлози во интерес на мирот, безбедноста и просперитетот на ЕУ.

Во однос на проблемите со конкурентноста на ЕУ, Орбан рече дека економскиот раст на блокот во изминатите две децении постојано заостанува зад оној на САД и Кина и оти растот на продуктивноста е побавен од оној на нејзините конкуренти и оти нејзиниот удел во глобалната трговијата е намален.

- Бизнисите плаќаат два до три пати повеќе за електрична енергија отколку во САД, а цените на бензинот се четири до пет пати повисоки, додаде тој.

Орбан потсети дека Унгарија за прв пат претседаваше со Советот на Европската унија во 2011 година и оти ситуацијата во блокот денес е „многу потешка и посериозна“ од таа година, мислејќи на војните во Украина и на Блискиот Исток. /МИА

Пренасочен сообраќајот Прилеп-Битола, од клучка Тополчани по Р1101 до депонија Алинци

Временскиот режим ќе трае во временски период од една година.

АМСМ денеска информира дека вчера од 13:15 часот поради изградба на патен коридор 10Д, делница Прилеп-Битола, извршено е пренасочување за секаков вид на сообраќај и тоа од клучка Тополчани по Р1101 до депонија Алинци.

Временскиот режим ќе трае во временски период од една година.

Лиза Мери Присли го чувала телото на починатиот син на мраз, два месеци пред погребот

Пејачката и ќерка на легендарниот американски пејач Елвис Присли - покојната Лиза Мери Присли го чувала телото на својот син Бенџамин Кијоу на мраз два месеци пред да се одржи погребот. 

Тоа таа го наведува во мемоарите објавени по нејзината смрт.

Нејзината ќерка, глумицата Даниел Рајли Кијоу ја заврши книгата. Таа вели дека на мајка ѝ ѝ било важно „да има доволно време да се збогува со својот син“, исто како што тоа го правела и со Елвис.

Лиза Мери - единственото дете на Елвис и Присила Присли, телото на својот 27-годишен син го чувала дома на мраз наместо во мртовечница, откако тој извршил самоубиство во 2020 година. Американската сојузна држава Калифорнија нема закони со коишто се налага телото да се однесе во мртовечница. Пејачката почина лани во февруари.

Во мемоарите, Лиза Мери говори и за нејзината врска со Мајкл Џексон... Па, вели дека некогашниот „крал на поп-музиката“ бил девственик до 35-годишна возраст.

Присли и Џексон се зближиле во 1994 година. Во тоа време Присли сè уште била в брак со нејзиниот прв сопруг Дени Кијоу, но тие се разведоа зашто Џексон ѝ ја признал својата љубов на својата колешка-пејачка за време на патување во Лас Вегас.

„Мајкл рече: 'Не знам дали си забележала, но јас сум целосно вљубен во тебе. Сакам да се венчаме и да ми родиш деца'“, пишува Лиза Мери во книгата „Од овде до Големото непознато“ (From Here to the Great Unknown), објавена вчера, 8 октомври. - „Не коментирав ништо веднаш, но потоа му реков: 'Навистина сум поласкана, не можам ни да зборувам'. Дотогаш веќе чувствував дека сум вљубена во него“, пишува Присли.

Таа потоа спогодбено се разведе со Кијоу, и почна врска со Мајкл Џексон. Се венча во мај 1994., кога Џексон имаше 35 години, а Присли - 25. Сепак, се разведоа во август 1996 година.

притисни ентер