РК Еурофарм Пелистер против Спортинг за први бодови во лигата на шампионите

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечер во Битола очекуваат да ги освојат првите бодови во европската Лига на шампионите. 

Битолчани, во спортската сала „Боро Чурлевски“ го пречекуваат Спортинг од Лисабон, клуб со кој прв пат меѓународен натпревар одиграа во 2017 година во рамки на тогашниот ЕХФ Челинџ Куп, а вечер од 20:45 часот ќе се сретнат во рамки на четвртото коло на Лига на шампионите.

- Спортинг е клуб во голема форма, но ние играме пред својата публика и на домашен терен и ќе дадеме се од себе да ги освоиме првите бодови во европската Лига на шампионите. Португалците играат модерен ракомет со полуконтри, но со силна одбрана ќе го спречиме нивниот брз напад, изјави во пресрет на вечерашниот дуел со гостите од Португалија, ракометарот Цветан Кузманоски.

Во досегашните меѓусебни средби во различни европски натпреварувања Спортинг има подобар вкупен резултат од македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.

Лиза Мери Присли го чувала телото на починатиот син на мраз, два месеци пред погребот

Пејачката и ќерка на легендарниот американски пејач Елвис Присли - покојната Лиза Мери Присли го чувала телото на својот син Бенџамин Кијоу на мраз два месеци пред да се одржи погребот. 

Тоа таа го наведува во мемоарите објавени по нејзината смрт.

Нејзината ќерка, глумицата Даниел Рајли Кијоу ја заврши книгата. Таа вели дека на мајка ѝ ѝ било важно „да има доволно време да се збогува со својот син“, исто како што тоа го правела и со Елвис.

Лиза Мери - единственото дете на Елвис и Присила Присли, телото на својот 27-годишен син го чувала дома на мраз наместо во мртовечница, откако тој извршил самоубиство во 2020 година. Американската сојузна држава Калифорнија нема закони со коишто се налага телото да се однесе во мртовечница. Пејачката почина лани во февруари.

Во мемоарите, Лиза Мери говори и за нејзината врска со Мајкл Џексон... Па, вели дека некогашниот „крал на поп-музиката“ бил девственик до 35-годишна возраст.

Присли и Џексон се зближиле во 1994 година. Во тоа време Присли сè уште била в брак со нејзиниот прв сопруг Дени Кијоу, но тие се разведоа зашто Џексон ѝ ја признал својата љубов на својата колешка-пејачка за време на патување во Лас Вегас.

„Мајкл рече: 'Не знам дали си забележала, но јас сум целосно вљубен во тебе. Сакам да се венчаме и да ми родиш деца'“, пишува Лиза Мери во книгата „Од овде до Големото непознато“ (From Here to the Great Unknown), објавена вчера, 8 октомври. - „Не коментирав ништо веднаш, но потоа му реков: 'Навистина сум поласкана, не можам ни да зборувам'. Дотогаш веќе чувствував дека сум вљубена во него“, пишува Присли.

Таа потоа спогодбено се разведе со Кијоу, и почна врска со Мајкл Џексон. Се венча во мај 1994., кога Џексон имаше 35 години, а Присли - 25. Сепак, се разведоа во август 1996 година.

Граѓанските организации ја повикуваат ЕК да ја зајакне поддршката за праведна транзиција

Граѓанските организации ја повикуваат ЕК да ја зајакне поддршката за праведна транзиција.

Група граѓански организации, вклучувајќи ги CEE Bankwatch Network и Еко-свест, ја повикуваат Европската комисија и други чинители да ја зголемат поддршката за праведна транзиција за заедниците зависни од јаглен на Западен Балкан.

Во најновиот извештај (1) тие посочуваат конкретни чекори кои Европската Комисија, меѓународните финансиски институции и националните влади треба да ги преземат за да ја забрзаат праведната транзиција и да овозможат локална економска диверзификација, осигурувајќи дека ќе се одговори на потребите на граѓаните и дека никој нема да биде изоставен.

Платформата на ЕУ наменета да ги поддржи регионите зависни од јаглен да се подготват за енергетската транзиција и да разменуваат искуства со заедници од ЕУ кои се соочуваат со слични предизвици, наречена Иницијатива за региони со јаглен во транзиција за Западен Балкан и Украина (2), функционираше од крајот на 2020 до крајот на 2023 година, но засега сеуште не е во функција нова слична иницијатива, со што локалните власти се оставени во неизвесност за тоа каква поддршка понатаму можат да очекуваат за овој сложен и скап процес.

Невена Смилевска, координатор за праведна транзиција за Западен Балкан, CEE Bankwatch Network -- „Потребно е итно да се обнови и прошири поддршката од Европската Унија за заедниците зависни од јаглен за да се овозможи праведна транзиција кон економија која не зависи од фосилни горива. Целта на препораките дадени во овој извештај е да се осигура дека локалните власти ќе бидат подготвени и ќе ги имаат потребните ресурси за планирање. Со тоа на заедниците зависни од јаглен, наместо да бидат оставени сами да се снаоѓаат или да бидат ставени во позиција да заостануваат, ќе им се овозможи во брзиот процес на енергетска транзиција и самите да напредуваат.“

Препораките ја нагласуваат потребата од насочено финансирање за проекти на општинско ниво, бидејќи локалните власти често не располагаат со доволно ресурси за самите да го испланираат процесот на транзиција на начин кој овозможува тој да биде праведен за сите граѓани во општината, ниту пак имаат средства таквите планови да ги спроведат. Специјализирани финансиски алатки за поттикнување на економска диверзификација и создавање на мали пилот-проекти може да помогнат да се прикажат можностите што ги нуди иднината без фосилни горива. За да се обезбеди отчетност и ефективност, финансирањето мора да биде условено со зајакнувањето на локалната самоуправа и со следење на транспарентноста на сите процеси поврзани со енергетската и праведната транзиција.

Слични препораки беа изнесени минатата недела во манифест потпишан од шест градоначалници од општини зависни од јаглен во Западен Балкан (3). Градоначалниците ја повикуваат Европската комисија да ги поддржи нивните напори за декарбонизација на локалните економии преку зголемување на техничката помош, промовирање на успешни приказни и олеснување на посилни партнерства со региони во Европската Унија кои биле или сè уште се зависни од јаглен.

Елена Николовска, програмски координатор за клима во Здружението Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје -- „Новата Европска комисија мора да ја искористи можноста позитивно да влијае преку адресирање на овие итни потреби и помагање на Република Македонија да постави курс кон праведна и одржлива иднина. Ја повикуваме Комисијата да ја потврди својата посветеност кон македонските региони зависни од јаглен и да обезбеди потребна поддршка за праведна и ефективна енергетска транзиција.“

Истото беше и голем дел од заклучоците кои произлегоа од локалните форуми на заедницата во Битола во ко-организација на Еко-свест и општината, каде се дискутираа проблемите и се изготвуваа препораки со визија за развој на Битола без јаглен. Главната препорака за развој на регионот беше дека е потребна техничка и финансиска подршка но и активно вклучување во централните процеси на носење одлуки од значење за локалните заедници.

Еко-свест Скопје

Во атар на село Јелошник најдени човечки остатоци, се работи за постаро исчезнато лице

Во атар на село Јелошник најдени човечки остатоци, според облеката и предмети се работи за постаро лице пријавено за исчезнато во август годинава.

СВР Тетово денеска информира дека биле најдени човечки остатоци, а според облеката и предмети станува збор за 81 годишната Олгица Димитровска, која семејството ја пријави за исчезната на 11 август 2024 година.

Во полицискиото одделение во Теарце вчера околу пладне било пријавено дека на место викано „Караџица“, атар на село Јелошник, биле пронајдени човечки коски.

- Увидна екипа на СВР Тетово и јавен обвинител извршиле увид, при што било констатирано дека најверојатно се работи за О.Д.(81) која имала здравствени проблеми, а за која на 11.08.2024 година во Полициското одделение Теарце нејзината ќерка Т.Г. пријавила дека се оддалечила од домот и според описот во пријавата се совпаѓа облеката и предметите пронајдени кај телото. По наредба на обвинителот деловите од телото биле предадени на обдукција, информираа од СВР Тетово.

По пријавувањето на исчезнувањето на Олгица на 11 август, семејството побара помош за нејзино наоѓање и преку социјалните мрежи и медиумите. Неколку дена во атарот на селото Јелошник беа организирани повеќе неуспешни потраги во кои учествуваа специјални единици на МВР, планинари,алпинисти, пожарникари и граѓани.

притисни ентер