Харадинај: Курти е српски шпион и предавник кој ја остави косовската војска без леб

 Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај денеска повторно го нарече премиерот Албин Курти шпион на Србија и предавник, откако, како што рече, „ја остави војската без леб“, јави дописникот на МИА од Приштин

Харадинај на денешната вонредна седница на Собранието, на која се расправа за проблемите со снабдувањето со храна на косовските безбедносни сили, рече дека секојдневната заложба на Курти е измама, и дека работи против интересите на државата.

„Од оваа говорница и претходно го нарекував измамник. Повеќето луѓе мислеа дека тоа е само од опозиционерството. Ве молам, неговото секојдневно залагање е целосна измама. Тој не работи во интерес на оваа држава. Курти систематски, континуирано ја слабее државата што ја води. Тоа ги ослабува виталните столбови на земјата, оние на безбедноста. Безмилосно удира по полицијата, АКИ (Агенцијата за разузнавање) и војската на најниски можни начини и продолжува да удира“, рече Харадинај.

Според поранешниот премиер, вознемирувачки е како шест години по создавањето на косовската војска се зборува за храната за војниците.

Тој рече дека Курти е агент, човек на Србија и предавник, бидејќи како што рече ја оставил војската, освен без облека и пристојни плати, сега и без леб.

„Еден ден овде му кажав дека е шпион на Србија. Да, тој човек е предавник што ја остава војската без леб. Зошто им го прави ова? Зошто му се случува на овој? Зошто никому тоа не му се случило во текот на нашите 20 години постоење? Сè е случајност, а? Ги остави без превоз, без облека, без пристојни плати, без многу друго, сега ги остави и без леб. Ве молам кој го штити овој човек замислете се што правите. Го штитите човекот кој постигна и војската да ја остави без леб... Да, тој е шпион, нивни агент, нивни човек. Инаку никако не би дозволил ваква ситуација“, рече Харадинај.

На денешната собраниска седница опозициските пратеници упатија остри критики на сметка на Владата поради проблемите со снабдување со храна за припадниците на ФСК, кои настапија поради, како што се тврди, пропусти во тендерските процедури. Тие побараа оставка на министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци и на другите надлежни функционери во Министерството и Владата.

Пратениците на владејачката партија на премиерот Курти, Движење самоопределување, ја бојкотираат седницата, за која тврдат дека опозицијата ја свикала за политичко-маркетиншки цели./МИА

Почина универзитетскиот професор Љупчо Арнаудовски

Почина универзитетскиот професор, правник Љупчо Арнаудовски.

Арнаудовски oсновно и средно образование го завршил во родниот град Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1960), а магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1966). На Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема „Вонзатворските воспитни мерки во југословенското кривично право“ (1975).

Работел како виш научен соработник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1963-1979). Бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите криминологија и пенологија (1979), а потоа и за редовен професор на истиот факултет (1985). Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. Бил секретар на Градскиот комитет на СКМ (1969-1973). Ги вршел функциите член на РИС и секретар за внатрешни работи на СРМ (1971-1973). Од овие функции бил отстранет во периодот на „либерализмот” поради сфаќањата и јавните настапи од тие позиции.

Бил член на Републичкиот судски совет (1994-2000 година). Избран за претседател на Моралниот суд на РМ (2003).

Во периодот 1960-1986 година бил главен и одговорен уредник на списанието „Правна мисла“, орган на Здружението на правниците на Македонија. Долги години бил претседател на издавачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право „Безбедност" - Скопје и издавачкиот совет на Ревијата за казнено право и криминологија - Скопје. Во периодот 1983/1984 година бил претседател на Советот на заедниците за научно-истражувачките дејности на Југославија.

Бил почесен претседател на Македонското пенолошко друштво и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

Во 1981 година добитник е на наградата „Гоце Делчев“. Објавил повеќе од 200 научни труда и неколку учебници.

Црна Г. го прогласи 23 декември за Ден на жалост поради трагичниот инцидент во Загреб

Владата на Црна Гора го прогласи 23 декември 2024 година за Ден на жалост во врска со трагичниот настан во училиште во Загреб, соопшти премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

„Изразуваме сочувство до семејството и пријателите на починатото дете и се молиме за брзо закрепнување на повредените. Нашите мисли се со нашите соседи“, напиша Спајиќ на социјалната мрежа Х.

Во страшното злосторство што вчера ја потресе Хрватска и регионот, загина седумгодишно дете, а неколку други и наставничка се тешко повредени кога 19-годишен напаѓач вооружен со нож упадна во основно училиште во Загреб.

Меѓу повредените е и напаѓачот кој се обидел да се самоубие.

Германија: Билансот од нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет загинати

Германија: Билансот од нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет загинати, над 200 повредени.

Бројот на загинати се искачи на пет, а повеќе од 200 се повредени кога автомобил вчера влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, изјави Рајнер Хаселоф, премеир на сојузната германска покраина Саксонија-Анхалт.

Канцеларот Олаф Шолц, кој беше со него за да оддаде почит во источниот град Магдебург, изрази посебна загриженост за околу 40 тешко повредени лица и ја осуди „страшната катастрофа“.

притисни ентер