Хамилтон му се извини на Мерцедес за грешките во Катар

 Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон призна дека се смета за виновен за слабиот резултат на трката во Формула 1 возена вчера за Големата награда на Катар.

- Не е добро, но се случува. Не ме осудувајте по тоа колку пати ќе паднам затоа што утре ќе станам и ќе се обидам повторно. Машината не работеше многу добро. На почетокот заостанавме многу и немавме можност да го отвориме крилото. Но, денешниот резултат е моја вина, па му се извинувам на тимот за лошиот, а потоа и за инцидентот во боксот, изјави Хамилтон за „Sky Sports F1“.

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи на трката за Големата награда на Катар. Возачот на Ферари, Шарл Леклерк го освои второто место, а првата тројка ја комплетираше Оскар Пјастри од Мекларен. Хамилтон заврши 12-ти. /МИА

Дурмиши: Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат

Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Дурмиши, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, посочува дека не очекува манипулации со новогодишната кошничка, а слична мерка најавува и за Рамазан и Велигден, како и дека зголемување на границата за пензионирање не се предвидува.

Во однос на препораките од Фискалниот совет и Светска банка за зголемување на старосната граница за пензионирање и кој е неговиот став, Дурмиши посочува дека согласно реорганизацијата на институциите, надлежноста на трудот доаѓа кај Министерство за економија и труд, но надлежностите за пензиите се на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

-Јас на прашањето, како член на Владата би го повторил ставот на премиерот дека не е предвидено зголемување на старосната граница за пензионирање. Но, да ве известам дека, како што знам, се прават анализи за реформа на пензискиот систем, изјави Дурмиши.

Прашан дали е можно да се исполни барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 450 евра, Дурмиши вели дека синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.

-Ние како Влада сме го отвориле како тема во рамки на Економско-социјалниот совет и сме оставиле тие да се усогласат. Како што се усогласени за Законот и правилата како да се зголемува минималната плата во март секоја година, пак ќе ги оставиме да се усогласат. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата. Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на месец февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари, изјави Дурмиши.

Прашан дали во Економско-социјалниот совет разговарате и за ревизија на законското решение за „недела неработен ден“, Дурмиши вели дека и тука има спротивставени страни.

-Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи, изјави Дурмиши.

Како министер, тој посочува дека одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“.

-Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени, изјави Дурмиши.

Прашан за акцијата Новогодишна кошничка, Дурмиши вели, дека се почитува и е применлива.

- Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Сега имаме друг вид на мерка која сами ја нудат трговците, производителите и дистрибутерите. На 5 декември кога беше најавена оваа мерка, ние до тогаш имавме повеќе од 10 состаноци и беа опфатени 675 производи од 58 трговци. Сега додека зборуваме, уште повеќе се надополнуваше таа бројка. Стигна до 1.068 и кошницата е отворена до 15 јануари.... Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн, посочува Дурмиши. /МИА.

Во Битола финални дуели од државното првенство во бокс

Попладне во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола ќе се одржат финалните дуели од државното првенство во бокс чии организатори се БК „Пелистерски јунак“ и Националната бокс федерација.

На првенството во Битола каде воедно е возобновен турнирот „Битолски победник“ се натпреваруваат боксери во сениорска, младинска, јуниорска и кадетска конкуренција.

-На вчерашното полуфинале имаше одлични дуели, а не се сомневам дека попладне ќе има возбудливи финални средби. Најголем дел од нашите претставници се пласираа во финалето и очекувам со уште поголема поддршка од публиката нивна победа, изјави за МИА, Јове Петровски Оцо, тренер на боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“.

Пред почетокот на финалето закажано за 16 часот, а со одлука на Боксерската федерација, на освојувачите на медали на неодамнешното Балканско првенство во бокс што се одржа во српскиот град Лозница, ќе им бидат доделени посебни награди.

Вонредно изборно собрание на ФФМ, Омерагиќ единствен кандидат

 Вонредно собрание за избор на нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е закажано за денеска во Скопје.

Вонредното собрание беше закажано на 17 ноември, откако Муамед Сејдини поднесе оставка на претседателското место во ФФМ.

Единствен кандидат за негов наследник е поранешниот фудбалер на Вардар и Слога Југомагнат, Масар Омерагиќ.

Комисијата за избори и верификација во рамки на ФФМ на почетокот на декември го прифати предлогот на Општинскиот фудбалски Сојуз на Свети Николе за поддршка на кандидатурата на Омерагиќ за претседател на ФФМ.

Јавна поддршка Омерагиќ да биде избран за нов претседател на ФФМ изминатиот период дојде од многу познати поранешни македонски фудбалери, предводени од Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими, Гоце Седлоски и Ѓорги Христов.

Сејдини беше на чело на ФФМ од март 2029 година. Во 2021 доби нов четиригодишен мандат, кој требаше да заврши во март идната година.

притисни ентер