Ѓорѓиевски: Обезбедено е ново противпожарно возило за потребите на Кисела Вода

Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните.

Како што објави на прес конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ова возило кое е донација од “Шпаркасе Лизинг”, ќе и биде понудено на Противпожарната Бригада-Скопје, со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода. Се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.

-Со големо задоволство денес сакам да објавам дека во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата “Шпаркасе Лизинг”, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило. Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани. Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да и’ го понудиме ова возило на Противпожарната Бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред се’ жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Директорот на “Шпаркасе Лизинг”, Марјан Манчев истакна дека како компанија која е длабоко посветена на општествената одговорност и поддршката на локалните заедници, го препознаваат значењето на соработката меѓу приватниот сектор и јавните институции и ја продолжуваат таа традиција преку донацијата на противпожарно возило на Општина Кисела Вода.

-Знаеме дека секоја општина се соочува со предизвици кои бараат брзи и ефикасни одговори, особено во ситуациите кога е загрозена безбедноста на граѓаните и нивниот имот. Противпожарното возило кое ќе помогне во спасувањето на животи и намалувањето на штетите во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби за жителите на општина Кисела Вода. На крајот, би сакал да потенцирам дека и понатаму ќе останеме отворени за соработка и поддршка на вакви и слични иницијативи. Заеднички, можеме да направиме многу повеќе за нашата заедница и нашата иднина-изјави директорот Манчев.

Лашкоска: Споредбените анализи ни помагаат во дефинирање на приоритетите

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска го отвори настанот „Изгледите за конкурентност на Западен Балкан за 2024 година“ .

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска го отвори настанот „Изгледите за конкурентност на Западен Балкан за 2024 година“ на кој беа презентирани специфичните клучни наоди за економскиот профил на нашата држава од евалуацијата спроведена во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

- Од страната на МЖСПП, имплементираме многу проекти подржувани од ЕУ преку ИПА програмата, меѓу кои имаме и големи инфраструктурни проекти вклучени во националните стратегии, за кои е потребна здрава економија – истакна Лашкоска во своето обраќање.

Според неа, МЖСПП веќе има постигнато значителен напредок во областа на животната средина, но остануваат уште многу предизвици во спроведувањето на проектите и политките.

- Затоа алатката создадена од податоците пренесени од евалуцијата, ќе ни покаже во кои области ќе треба да ставиме приоритет. Таа евалуација ќе ни даде можност да се споредиме со другите земји од регионот, но и со земјите членки на ЕУ и ОЕЦД во правец на подобрување на нашите општи политики за владеење – рече заменик министерката.

На настанот се дискутираше за главните постигнувања и предизвици во економијата на нашата земја, за перспективите и потенцијалот за конкурентност на Северна Македонија, поттикнувањето на одржлив раст и забрзување на нејзиното приближување кон земјите членки на ЕУ и ОЕЦД.

Дискусиите беа насочени и кон економските перформанси во политиките за животна средина и споделувањето на најновите насоки и стандарди за политики на ОЕЦД.

Двајца доктори и рендген техничар од Прилеп загинаа на пат кон клиника во Битола

Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство, во трагична сообраќајна несреќа утрово изгубивме двајца врвни лекари, пишува во објавите на социјалните мрежи.

Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа.

Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.

Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги. објавија од битолската клиника Плодност..

Трајчулески: За ДПМНЕ партиските интереси се многу поголеми од безбедноста на граѓаните

Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот.

Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот, па место да ја продолжи постапката за носење закон за основање Агенција за безбедност на патиштата, ним поважни им се кадровските промени во составот на советот, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница.

- За какви реформи зборува ДПМНЕ, кога законот за изменување и делување на безбедност во сообраќајот на патиштата, кој го предлагаат, има единствена цел-промена на персоналниот состав на советот. Овој начин на кадровски промени стана пракса и мантра на владејачката коалиција. Во образложението на законот е наведено дека една од причините за оваа измена е уредување на бројот на членови на советот како и условите за именување на претседател, без притоа да се наведат соодветно образование или пак, работното искуство од областа на безбедноста во сообраќајот на патиштата, рече Трајчулески.

Јасно е дека за власта поважни се политичките калкулации одошто безбедноста на граѓаните во сообраќајот. И со донесувањето на вакви законски решенија, објасни Трајчулески, се прави опасен преседан со големи последици.

- Ако зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата, зборуваме за човечки животи и тука најмалку тука треба да тераме политика. Она што очекував од новата влада е да ја продолжи постапката на СДСМ, за носење на законот за основање на Агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата. Реформски закон кој долго време беше работен во рамките на министерството за транспорт, каде беа вклучени сите релевантни институции и со поддршка на експерти од ЕУ и за кој остана да се завршат финалните усогласувања. Тоа е реформата за која сите треба да се залагаме. А, не главна цел да бидат кадровските промени во составот на советот за безбедност на сообраќајот на патиштата и политичките интереси и калкулации на власта“, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер