Сашко Јовев не менаџирал добро со Клиниката, се кршел Законот за здравствена заштита, има нерегуларности потврдени од Комисија на Министерството и затоа е санкциониран, ама сакам да ми биде советник за трансплантација, кажа Меџити пред камерите по брифингот со новинарите. Ќе одлучам дали ќе го разрешам и организацискиот директор, но да знаете дека во здравството не може никој да биде султан и не може вечно да биде на функција, раскажуваше Меџити на брифингот, тврдејќи дека Јовев му бил другар и одлуката не била субјективна и не се однесувала на поканата за отварање на хибридната сала, иако контролата од посебна комисија се спровела по настанот.
Пред новинарите, членовите на Комисијата што беа присутни на брифингот, помеѓу кои и Д-р Елена Ристеска кажаа дека контролата направена пред околу една недела потврдила дека вработените сестри, болничари, техничари и лекари не се евидентирале со картички за влез и излез, Клиниката не доставувала финансиски извештаи на шест месеци, а меѓудругото во 2022 се дежурало без да се добие согласност од Министерството. Изјава во камера не сакаа да дадат, ама зад неа кажаа дека не било физички возможно еден лекар 30 дена по 24 часа во неделата да оди на работа, да има 200 повици и 8 дежурства во еден месец. Иако спомена дека ги разбира реакциите во јавноста, Меџити одби да ја коментира изјавата на неговата заменичка Маја Манолева која за Канал 5 кажа дека не се согласува со неговата одлука.
Минисерот кажа дека контролата започнала откако дошол на функција и не се почнало токму од Кардиохирургија, туку се спроведувала во 20 болници, дел од директорите биле разрешени, а некои сами си заминале. Инаку, Клиниките за неврологија, дерматовенерологија, ендокринологија и уште неколку добија нови раководства, а токму директорските позиции беа предмет на договор за Алијансата за Албанците да влезе во Владата.