Гаши смета дека е неопходен нов Етички кодекс за работата на Собранието

Претседателот на Собранието, Африм Гаши истакна дека неопходен е нов Етички кодекс за работата на Собранието. 

-Се согласувам дека треба нов Етички кодекс на Собранието за да ги зајакнеме укажувањата и кога ќе се констатира дека некој го прекршил да има поголеми последици. Во фаза сме да имаме компаративна анализа од другите собранија како тоа е уредено за да видиме кој меѓу етичките кодекси е најсоодветен за нашите прилики. Јас сум многу посветен на тоа да го подигнеме кредибилитетот и достоинството на Собранието. Од првиот момент откако седнав на тоа столче укажувам на Етичкиот кодекс, сакаме да го примениме тој Кодекс, потоа сакаме да донесеме и нов кодекс уште подобар, но сепак тоа останува до совеста на секој пратеник. Секој пратеник во моментот кога ќе стапне на говорницата како ќе настапи, јас можам да го прекинам, да го опоменам, но сепак останува на совеста на пратениците. Жалам што има такви сцени во Собранието. Јас се чувствувам лошо и непријатно во тоа и не би сакал да се повторуваат таквите сцени. Работиме со сите групи и јас лично да се смири тонот и да се подобри комуникацијата, ќе видиме дали ќе успееме, но јас лично работам со сите пратенички групи да немаме таков тон и такво однесување, рече спикерот на денешниот брифинг со новинарите.

Околу инцидентот што се случи минатата недела во Собранието помеѓу пратеникот на Левица Димитар Апасиев со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Гаши нагласи дека за тој случај е надлежна собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која се активира по пријава од најмалку еден пратеник

-Треба некој да го пријави настанот за да може Комисијата на седница да констатира дали имало прекршување на Етичкиот кодекс. Според моите сознанија, се уште нема таква пријава, но знам дека се зборува во Собрание меѓу пратениците да има некаква постапка за тој инцидент. Според мене, во Кодексот јасно и децидно се кажува што значи мало и големо прекршување и повреда на Кодексот. Според мене, имаше тешка повреда на Етичкиот кодекс, но тоа треба да се констатира на Комисија, рече тој.

Но прашање зошто тој не покренува таква иницијатива оти и тој е пратеник, Гаши потенцира дека повеќе сака да остане неутрален и да биде човек кој зближува.

-Јас имам право, но во својство на претседател на Собрание се гледам повеќе како човек кој зближува и сакам да останам неутрален. Очекувам од пратениците тоа да го направат. За угледот на Собранието, тој инцидент е голема катастрофа. Јас многу жалам што се уште може да се слушне таков тон во Собрание. Тој е моделот кој ние им го прикажуваме на граѓаните. Сметам дека граѓаните не не делат, тие велат пратениците, Собранието. Тоа значи дека ве вклучува и мене. Не сакам ниту еден граѓанин да ме перцепира како човек кој се однесува така. Јас никогаш во животот никого не сум пцуел, рече Гаши посочувајќи дека најголемата „казна“ е тоа кога една комисија констатира дека некој постапил неетички.

Спикерот Гаши најави дека од утре и во следните секои петоци ќе ги почнат посетите на општините за, како што рече, да помогнат да се зголеми бројот на отворени канцеларии по општините.

-Канцелариите на пратениците во општините е одредба или процес на кој сме многу посветени. До минатиот месец беа 25 канцеларии, овој месец се отворија уште седум. Од утре ние ќе почнеме да ги посетуваме сите општини, да сензибилизираме и да помогнеме да се зголеми бројот на отворени канцеларии по општини. Мислиме дека тоа е многу битно за граѓаните, за пратениците, за непосредниот контакт што треба да го имаат граѓаните. Не сите граѓани имаат можност да дојдат во Скопје во Собранието да ги потпрашуваат пратениците и затоа можат во своите општини во тие канцеларии да ги сретнат пратениците и да се интересираат за своите потреби и прашања кои ги имаат, рече тој.

Информира дека заедно со НДИ веќе во функција е алатката е-регистар на организации каде заинтересираните невладини организации ќе можат да се пријавуваат за да учествуваат во дебата за одреден закон.

-Заедно со НДИ веќе имаме инсталирано и во функција е една алатка многу важна за мене и за сите граѓани и за Собранието особено затоа што сите невладини организации и сите заинтересирани страни можат да се пријават, да се регистрираат и да искажат заинтересираност за одредена област и во моментот кога во Собрание ќе има закон, јавна расправа, дебата, надзорна комисија за одредена област сите тие невладини организации се информираат, имаат нотификација и може да учествуваат во дебата. Тоа мислам дека ќе ја зголеми многу транспарентноста и ќе ја зголеми вклученоста, а со тоа јас сум убеден дека и квалитетот на донесување на закони, рече Гаши.

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски

Мицкоски на седницата за пратенички прашања посочи дека парите за набавка нема да се видат во новиот буџет, туку, како што рече, тие ќе бидат во предвидени во полугодишните рати за февруари-март 2028 година.

Парите за набавката на новите електрични автобуси ги нема во буџетот се до почетокот на исплатата на првата рата која е предвидена да биде во 2028 година, одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашање од пратеничката Сања Лукаревска до каде е набавката за електрични автобуси.

Мицкоски на седницата за пратенички прашања посочи дека парите за набавка нема да се видат во новиот буџет, туку, како што рече, тие ќе бидат во предвидени во полугодишните рати за февруари-март 2028 година.

- Затоа што условот е грејс период и заради анализата на пазарот. За тогаш е планирана првата од осумте полугодишни рати, која ќе доспее дури тогаш. Тогаш ќе се набавуваат 100 до 120 електрични автобуси, со 50 полначи. Поголемиот дел ќе бидат за Скопје, а останатите за градовите во кои има организиран јавен превоз, одговори Мицкоски

Сиљановска Давкова: Ако опстои, дури и најуспешните во чекорењето можат да се соочат со него

„Ако дозволиме ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него“.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета коментирајќи ја вчерашната изјава на новоизбраната еврокомесарка за проширување Марта Кос истакна дека и забележува на дикцијата во однос на очекувањата за уставните измени и додаде дека едно е да се укаже или препорача, но да се каже дека мора значи премногу бирократско перцепирање на Европската Унија. Таа повтори дека во потрага по вин-вин ситуација од наша страна „велиме дека еве ќе го сториме и тој чекор, но со одложено правно дејство“ и нагласи дека ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него.

-Обично ретко давам коментари на коментари и особено не надвор. Паметам кога г. Хелмут Кол рече за домашни прашања одговарам дома, но ќе ви одговорам. Искрено имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи како на, тоа не е филозофија, како на нешто што е познато земи го или остави го. Тоа мене ми личи на софистицирано евромандаринство, тоа мене ме плаши од дикција која значи директно мешање во внатрешните работи, истакна шефица на државата одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со нејзиниот црнороски колега, Јаков Милатовиќ, јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица.

Сиљановска Давкова истакна дека една од одредбите во Договорот за ЕУ е почитување на уставните и политичките структури.

-Би разбрала дикција дека препорачуваме или укажуваме итн., меѓутоа да речете мора тоа да го сторите тоа значи дека имате пристап од страна на ЕУ, што јас го нарекувам бирократски. ЕУ не е бирократска машинерија, повеќе е од тоа, така вели г. Макрон, дека е филозофија заснована на принципи и вредности, значи еве и јас малку да бидам прагматична. Зошто велам дека имам забелешка, од истата причина заради која јас сум овде по 50 години заедно. Јас очекувам и на оние кои веќе се во ЕУ, а до вчера биле со нас со умереност и респект да се однесуваат кон сите. Значи, тоа е првото, рече претседателката.

Како второ таа додаде дека земјава отсекогаш била кооперативна на патот кон ЕУ и правела компромиси на сопствена штета.

-Прво, во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, оти нели секој ден слушам „Пакта сунт серванда“, нема ниту еден збор за уставни измени. Тие се споменати во протоколот број 2, во членот 3 или сега во Преговарачката рамка и во заклучоците веќе не се употребува изразот протокол, се употребува изразот записник. Тврдам дека протокол не може да биде извор на уставно право, ниту на право, исто така и записниците, но еве во потрагата по вин-вин ние велиме дека еве ќе го сториме и тој чекор, но реков со одложено правно дејство. Причината да ги градиме мировните односи со нашиот сосед, бидејќи во Преамбулата на Договорот пишува дека Бугарија ќе ја поддржува и ќе ја поттикнува Македонија на патот кон ЕУ. Еве, да дадеме шанси на ова зошто тврдам ако дозволиме ветото да опстои дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со вето. Тоа навистина ја обезвреднува филозофијата на евроинтеграцијата. Да повторам, ако госпоѓата во говорот требаше да собере гласови па со слична дикција го кажа ова, тогаш кога веќе е избрана, мислам дека е добро да се сети на регионот и да ги мери зборовите, да се однесува поинаку од другите членки на ЕУ, бидејќи подобро ги знае работите од нив, нагласи Сиљановска Давкова.

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос вчера во изјава за медиуми веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија рече дека очекува Македонија да го промени Уставот, бидејќи, како што истакна, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија, јави специјалниот известувач на МИА од Стразбур.

-Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот, нагласи Кос.

На прашањето дали после тоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.

Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.

-Да се зборува, што е можно повеќе, и со Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален пролем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Македонија, рече Кос.

Еко-акција на повеќе локации во Македонска Каменица

 Вработени во Јавното претпријатие Камена Река од Македонска Каменица, задолжени за одржување на јавната чистота, успешно спроведоа еко-акција на повеќе локации во приградските делови на градот, соопштија денес од претпријатието.

Нивните активности опфатија чистење и уредување на местата Падарница, Репетитор, Луковички рид и над приградската населба Сарафско маало во Македонска Каменица.

-Со оваа акција, Јавното претпријатие Камена Река ги потврдува заложбите за зачувување на природата и постојано одржување на чиста животна средина на целата територија на Општина Македонска Каменица, соопштија од претпријатието.

Во таа насока, апелираа до сите граѓани и посетители на овие локации за поголема грижа кон природата.

-Да не оставаме отпад зад нас и да ги чуваме природните убавини. Само со одговорно однесување, можеме да обезбедиме чиста и здрава животна средина за сите нас и идните генерации, додадоа од претпријатието. Вакви и слични активности најавија и за наредниот период.

притисни ентер