Филмскиот фестивал „Киненова“ се отвора со првиот македонски долгометражен анимиран филм

Филмскиот фестивал „Киненова“ вечерва свечено се отвора со првиот македонски долгометражен анимиран филм.

-Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм. Овогодинешното фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски, вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

Фестивалот ќе започне со македонската премиера на овој филм, кој е во исто време дел од главната натпреварувачка програма.

Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан - робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да здружат сили за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство.

Улогите во филмот се на Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска.

Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш.

Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. Студирал на филмски студии во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Покрај неговите филмски активности, тој има работено и на различни комерцијални проекти за клиенти како што се Faith No More, Ed Sheeran, Samsung и Alcatel.

Тој е ко-основач на компанијата за издавање стрипови „Komic Brew“ со седиште во Шкотска, Велика Британија. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија како креативен директор на Lynx Animation Studios. Гоце стана првиот македонски автор кој се споменува во магазинот „Ролинг Стоун“ како режисер на спотот на Faith No More „Cone of Shame“. Работел на проекти за различни музички ѕвезди, вклучувајќи ја и анимираната верзија на хитот на Ед Ширан „Лоши навики“.

„Јон Вардар против Галаксијата“, неговиот втор филм, е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија и најголемиот копродукциски проект за анимација на Балканот во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Во кривичен продолжува судењето за убиството на Вања и Панче

Во Oсновниот кривичен суд скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

СИРИЗА избра нов лидер

 Пратеникот и поранешниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос е избран за нов лидер на грчката опозициска партија по вчерашните избори на кои гласаа нешто повеќе од 70.000 членови и симпатизери.

Пратеникот и поранешниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос е избран за нов лидер на грчката опозициска партија по вчерашните избори на кои гласаа нешто повеќе од 70.000 членови и симпатизери, јави дописничката на МИА од Атина.

Фамелос освои 49,4 отсто од гласовите, поранешниот министер Павлос Полакис беше втор со 43,5 проценти и веднаш по соопштувањето на резултатите доцна синоќа изјави дека не е потребно одржување втор круг.

Останатите двајца кандидати, европратеникот Николаос Фарандурис и актерот Апостолос Глецос освоија 5,1, односно 1,99 проценти од гласовите.

Поради зголемениот интерес, гласањето вчера беше продолжено за еден час.

По соопштувањето на резултатите, Фамелос (58) рече дека „СИРИЗА ќе биде посилна и поголема и во и вон Парламентот и во Грција и во Европа“.

Изборите во СИРИЗА се одржаа откако поранешниот претседател Стефанос Каселакис по само една година на функцијата беше разрешен во септември со одлука на Централниот комитет на партијата и не му беше дозволено одново да се бори за лидерската позиција, по што во саботата ја претстави неговата нова партија Движење на демократија.

На парламентарните избори пред нешто помалку од 18 месеци СИРИЗА освои 17,83 отсто од гласовите, додека пак на евроизборите во јуни годинава 14,92 проценти, а и во двата изборни процеси беше на второто место.

Согласно резултатите од истражувањата на јавното мислење во Грција објавени во изминатиот период, СИРИЗА е со намален рејтинг.

Марк Руте во посета на Турција и Грција

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска и утре ќе ги и посети Турција и Грција. 

Како што соопшти Алијансата, Руте денеска ќе престојува во Анкара, каде ќе има средби со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и со турските министри за надворешни работи и за одбрана, Хакан Фидан и Јашар Ѓулер.

Руте ќе има средба со претставници на турската одбранбена индустрија, а ќе посети и фабрика на „Турската воздухопловна и вселенска индустрија“ (ТУСАШ).

Предвидено е генералниот секретар на НАТО да положи и венец на мавзолејот на основачот на турската република Кемал Ататурк.

Утре, пак, Руте ќе престојува во Атина, каде ќе се сретне со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и со министрите за надворешни работи и за одбрана на Грција, Јоргос Герапетритис и Никос Дендиас.

притисни ентер