Европската комисија поведе истрага против „ТикТок“

Европската комисија денеска започна формална постапка против социјалната мрежа TikTok поради сомневање дека не го ограничила мешањето во изборите, особено на претседателските избори во Романија минатиот месец.

Извршното тело на Европската унија соопшти дека ќе бара информации и ќе ги истражи политиките на TikTok во врска со политичките реклами и платените политички содржини, како и системите на TikTok за генерирање упатувања и ризиците од нивна манипулација.

На 5 декември, комисијата му нареди на TikTok да ги замрзне податоците поврзани со романските избори според широкиот Закон за дигитални услуги, кој ја регулира работата на најголемите социјални мрежи во Европа.

Романскиот Врховен суд потоа ги поништи претседателските избори по обвинувањата за руско мешање и победата на прорускиот ултранационалист Калин Георгеску во првиот круг.

Започнувањето на формални постапки денеска ѝ дава на Комисијата овластување да преземе дополнителни чекори за спроведување на законот и прифаќање на обврските преземени од TikTok. Сè уште нема конкретен рок за завршување на постапката.

TikTok, кој е во сопственост на кинеската Bytedance, рече дека го заштитиле интегритетот на својата платформа преку повеќе од 150 избори ширум светот и ѝ дале на Европската комисија опширни информации за нејзините напори.

Тие додадоа дека не прифаќаат платени политички реклами и дека проактивно отстрануваат содржини што ја нарушуваат нивната политика за дезинформации и говор на омраза.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен изјави дека е покрената нова истрага по сериозните индиции дека странски актери интервенирале на романските претседателски избори, пишува Си-Ен-Ен.

- Мораме да ги заштитиме нашите демократии од какво било странско мешање. Кога се сомневаме на вакво мешање, особено за време на избори, мора да дејствуваме брзо и одлучно – се вели во соопштението.

Врнежи од снег во Берово, Делчево и на планинскиот превој Плетвар

Врнежи од снег со послаб интензитет вечерва има во Берово, Делчево и на планинскиот превој Плетвар, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот, информира АМСМ.

Се уште важи забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози на повисоките и претежно суви коловози на пониските места.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Кривичниот суд го одбил барањето на ОЈО да му одреди мерки на претпазливост за Ковачевски

Се уште нема никаква официјална информација каде е поранешниот директор на државната ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е осомничен за случајот „Адитив“. 

Скопскиот Кривичен суд го одби барањето на Обвинителството да му определи мерки на претпазливост на поранешниот директор на Електрани Македонија Васко Ковачевски, осомничен во случајот Адитив. Оттаму информираат дека судот го добил известувањето од МВР и предлогот е отфрлен со оглед на тоа дека осомничениот не е достапен за органите на прогон.

„Судија на претходна постапка може да постапува и да донесе решение за прифаќање на предлог на Јавен обвинител, без да биде сослушано осомниченото лице, само доколку за истото е предложена мерка притвор, но не и кога против истото лице се предложени мерки за претпазливост, како во конкретниот случај и истото лице воопшто не е лишено од слобода и спроведено во судот да се произнесе за предлогот како што налагаат одредбите од ЗКП.“...велат од Кривичен.

Министерот за внатрешни Панче Тошковски претходно рече дека е вчудовиден што обвинителството не барало притвор и за него, прашан околу тоа дали МВР го известило Обвинителството Ковачевски е недостапен за органите на прогонот.

„Од наша страна се преземени сите дејствија за информирање на јавното обвинителство, известено е писмено и усмено за лицето. Јавниот обвинител од ОЈО-ГОКК сметал дека не треба да бара таква мерка согласно одредбите од ЗКП. Иако мене ако ме прашате лично, малку сум вчудоневиден, како лице за кое се сомневаме дека е вклучен во криминал д околу 6,5 милиони евра, само за тоа лице – Обвинителството не побара најстрога мерка. Јавното обвинителство имало право, а и ако ме прашате мене – морало, да побара притвор. Зошто не го сториле не знам. Судот не можел да изрече најстрога мерка, ако не било побарано.“

Но од обвинителството одговорија дека од МВР вчера го добиле известувањето дека осомничениот во моментот на претресот не бил пронајден на домашната адреса.

„Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба најпрво да го извести судот кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Доколку притоа се утврди дека лицето е недостапно, судот известувањето на МВР ќе го достави на запознавање во случајов до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе побара обвинителството да се произнесе во однос на предлогот за определување на мерките на обезбедување.“

До денес, велат од обвинителството, не добиле документ од судот и обвинителите не можат да прескокнуваат постапки и институции и да носат предлози надвор од нивните овластувања. Кога ќе го добијат известувањето ќе се произнесат околу мерката за обезбедување.

И за случајот Државна лотарија откако во рамки на истрагата вчера беше уапсен сопственикот на кумановската компанија „Ритрон копи“, Тошковски вели дека се истражуваат и други сомненија за сторен криминал. Тој денеска ги презентираше резултатите за сработеното на МВР откако е на министерската позиција.

„Начекавме хаос. Ситуацијата беше на работ на колапс, но со натчовечко залагање на сите вклучени успеавме да воведеме ред во издавањето личните документи. Никогаш повеќе македонскиот граѓанин нема да биде понижуван со бескрајни редици и изгубени часови. Воведовме одржливи решенија преку дигитализација и автоматизација на процесите.“

На презентацијата присуствуваше и државниот обвинител Љупчо Коцевски како и директорот на АНБ Бојан Христовски, а по завршувањето на настанот беа презентирани и реквизити што ги користи полицијата.

ЈО оформи предмет по допрен глас, ќе истражува кој го следел Мицкоски

Откако вчера премиерот Мицкоски изјави дека претходната власт во изборната 2020 година го следела него како лидер на најголемата опозициска партија за наводна организација на паравоена формација,Јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас.

Обвинителството по допрен глас отвори предмет по вчерашната изјава на претеседателот на владата на Христијан Мицкоски кој посочи од собраниска говорница дека „една од разузнавачките институции го следеле и него и неговото семејство. Како причина за следењто е дека тој бил „нарачател и финансиер на пара-полициско воено-вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“.

„Обвинителство веќе има оформено предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на претседателот на Владата, за што јавниот обвинител денешната средба веќе го информираше и премиерот. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Обвинителство ќе ги преземе сите неопходни активности за да ги испита својства на можни инволвирани лица и евентуални инкриминарни дејствија, велат од Јавното Обвинителство.“

Мицкоски и вчера посочи дека една од безбедносните агенции располагала со наводни информации дека е организатор на вооружени терористички структури, а оти за тоа не го информирала. Затоа според него се поставува прашањето зошто безбедносната агенција не го информирала МВР.

„Одговорот е јасен. Затоа што тогаш имаше техничка влада, а технички министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ. За останатото, оставам на Обвинителството, а за тоа зборувавме и со обвинителот сега на настанот, да допре гласот до ЈО, па да видиме дали ЈО понатаму ќе преземе некакви мерки.“ – рече Мицкоски.

„Цилиндар“ и „Џокер“ се кодните имиња на измислените лица кои, според премиерот, се креирани од разузнавачките служби, во пресрет на изборите во 2020 година, кога беше во опозиција, со цел да создадат алиби за негово следење.

притисни ентер