Евроамбасадорот Гир ја посети Општина Виница

Евроамбасадорот Гир изрази задоволство од постигнатите резултати во развојот на локалната инфраструктура и создавањето услови за економски развој во општината.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Дејвид Гир денеска ја посети Општина Виница, при што оствари средба со градоначалникот Миле Петков и со членовите на општинскиот Совет, на која се разговараше за економските можности и природните потенцијали со кои располага општината, како и за финансиските капацитети за реализација на тековните проекти, со посебен акцент на оние што се реализират со поддршка од ЕУ.

Евроамбасадорот Гир изрази задоволство од постигнатите резултати во развојот на локалната инфраструктура и создавањето услови за економски развој во општината.

-Од фондовите на ЕУ има определено финансиски средства за поддршка на различни проекти во Виница, а тоа пред сè ја вклучува успешната реализација на проектот за третирање на цврст отпад и на атмосферските води со колекторот на канализациската мрежа кој што треба да се поврзе со главната пречистителна станица. Исто така, проект којшто е финансиран од ЕУ е обезбедувањето услови за вдомување на ромското население тука во Виница. Со претставниците на општинскиот Совет имавме навистина многу интересна размена на гледишта и поразговараме за геополитички прашања. Имавме можност да слушнеме од прва рака од нивна страна кои се прашањата коишто им се важни на граѓаните тука во Општина Виница и за евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија, истакна евроамбасадорот Гир.

Градоначалникот Петков изнесе подетални податоци за степенот на реализација на одредени проекти во општината, како и за проблемите околу регионалниот систем за управување со отпад, односно изградба на регионалната депонија во Источниот и Североисточниот регион.

-На средбата со амбасадорот на ЕУ разговаравме и за најновиот договор од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, со кој ќе се обезбедат европски средства за уредување на кејот на Градишка Река која што поминува низ централното градското подрачје на Виница. Овој, и другите проекти се значајни за нас затоа што не само што решаваат важни инфраструктурни проблеми на граѓаните, туку придонесуваме и кон развој на демократските процеси во самата општина, истакна Петков.

Во рамки на престојот во Виница, евроамбасадорот Гир го посети основното училиште „Славчо Стојменски“, а имаше и средба со претставниците на невладините здруженија на локално ниво. Под мотото „Прашај го амбасадорот“ за попладне е предвидена дебата со граѓаните на Виница.

Макрон: Франција е подготвена за Олимписките игри

Претседателот на Франција, Емануел Макрон при денешната посета на Олимпиското село истакна дека Пaриз е подготвен за да биде домаќин на Олимписките игри.

- Подготвени сме и ќе бидеме подготвени во текот на Игрите, посочи Макрон.

Претходно, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека неколку дена пред почетокот на ОИ во Париз спроведени се еден милион административни истраги и утврдено е оти 4.355 лица би можеле да претставуваат закана.

Безбедносните истражување се спроведени за сите лица кои на каков било начин ќе учествуваат во ОИ од 26 јули до 11 август и на Параолимписките игри од 28 август до 8 септември. Проверени се спортисти, тренери, новинари, волонтери, приватно обезбедување, дури и граѓаните кои живеат во близина на одржувањето на церемонијата на отворање на ОИ.

Околу 35.000 полицајци и жандарми и 18.000 француски војници ќе ги обезбедуваат Олимписките игри секој ден.

Со навремена пријава за пожар и брза интервенција спасена куќа во Велес

Пожар во куќа на улица „Живко Фирфов“, кој избувнал синоќа околу 19:00 часот од сопствениците бил веднаш пријавен во  Територијалната противпожарна единица Велес.

Пожар во куќа на улица „Живко Фирфов“, кој избувнал синоќа околу 19:00 часот од сопствениците бил веднаш пријавен во Територијалната противпожарна единица Велес, а чија екипа веднаш излегла на терен со две противпожарни возила и седум пожарникари. Тие го затекнале пожарот во почетна фаза што им ја олеснило работата, и што помогнало во несреќата огнот брзо да се ликвидира, информираат денеска од ТППЕ Велес.

Воедно потенцираат дека присебноста на сопствениците и навремената пријава на пожарот, како и брзата интервенција на пожарникарите ја спасиле куќата од опожарување.

Од Територијалната против пожарна единица повторно апелираат до граѓаните за брзо пријавување на пожари од било каков вид на телефонските броеви 112 или 193.

Пандов: Затвореници излегувале и влегувале во затворот „Скопје“ кога сакале

Пандев рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии, а состојбата била различна од она што го добиле во списокот и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. 

В.д. директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов денеска информираше дека ноќта на 19 овој месец е направен вонреден надзор во Затворот „Скопје“ и притоа е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.

Пандев рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии, а состојбата била различна од она што го добиле во списокот и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. Тој информира дека четворица затвореници во моментов се бегство.

На денешната прес-конференција тој посочи дека некои затвореници излегувале и влегувале во затворот кога сакале.

Според него, затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов - Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.

Тој вели дека седум години не била направена контрола во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот.

притисни ентер