ЕУ апелира за помасовна вакцинација против ХПВ и хепатитис Б

Советот на ЕУ денеска усвои Препорака за зајакнување на борбата против формите на рак што може да се спречат со вакцини, со која се бара од земјите членки на Унијата помасовна вакцинација против хуманиот папилома вирус и вирусот на хепатитис Б.

- Голем дел од случаите на рак може да се спречат. Покрај справувањето со факторите на ризик, како што алкохолот, тутунот и исхраната, вакцинацијата може да игра клучна улога во овој поглед, изјави белгиски вицепремиер и министер за здравство и социјални работи Франк Ванденбрук по повод усвојувањето на Препораката.

Ванденбрук, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, оцени дека Препорака има за цел да се зајакне превенцијата од рак преку зголемување на опфатот со вакцинација, да се подигне свеста кај целните групи и да се засили борба против дезинформациите околу вакцините.

Според извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), како што јави дописникот на МИА од Брисел, околу 40 отсто од случаите на рак се резултат на фактори од околината, како што се инфекциите со онковируси, пред се со ХПВ и ХБВ.

- Вакцинацијата против ХПВ и ХБВ може значително да го намали ризикот од развој на рак предизвикан до овие вируси. Степенот на вакцинација против ХПВ и вирусот на хепатитис Б е различен во земјите членки и на него влијаат прашања, како што се загриженоста за заштитата на личните податоците, родителската согласност, како и дезинформациите поврзани со овие инфекции и вакцини, посочува Советот на ЕУ.

Со Препораката се охрабруваат земјите членки на ЕУ да обезбедат вакцинирање против ХПВ на најмалку 90 отсто од девојчињата до 2030 година, значително зголемување на вакцинацијата на момчињата против овој вирус во истиот период со цел да се намали ризикот од пренесување, вакцинирање на 95 проценти од децата и новороденчиња против ХБВ и обезбедување стапка од 95 отсто на скрининг на бремените жени.

За остварување на овие цели, ЕУ им препорачува на земјите членки да обезбедат бесплатно и лесно достапно вакцинирање против ХПВ и ХБВ, подобра информираност на родителите и младите за полезноста од оваа вакцинација, борба против дезинформациите поврзани со вакцините и интегрирање на имунизацијата против ракот што може да се спречи со вакцини во нивните национални планови за борба против канцерот./МИА

Монитор: Недостигот на работна сила во Албанија го пополнуваат пензионерите

Од година во година се зголемува бројот на ангажирани пензионери во Албанија, како потреба да се покрие празнината што ја оставија младите на пазарот на трудот.

- Според податоците од анкетата за работна сила на државниот Институт за статистика (ИНСТАТ), во 2023 година над 16 отсто од луѓето над 65 години, или 82.000 биле вработени. Стапката на вработеност на возрасни лица-пензионери, се зголемува во текот на последната деценија, од 8,6 отсто во 2015 година на 16,3 отсто во 2023 година, се наведува во анализата на списанието „Монитор“ под наслов „Надеж кај старите. Младите се заменети со пензионери, работат 16 отсто од луѓето над 65 години“.

Според истиот извор вработувањето на постарите лица доаѓа во време кога во истиот период е зголемена невработеноста кај младите.

Стапката на невработеност за возрасната група од 15 до 24 години во 2023 година е многу висока и изнесува 25,6 отсто. Истата година, младите од возрасната група од 15 до 29 години, кои се невработени, не посетуваат училиште или стручна обука, сочинуваат 24,6 отсто.

- Експертите на пазарот на труд тврдат дека постарите лица на возраст за и по пензионирање ги покриваат потребите на бизнисите кои вообичаено не ги претпочитаат младите, како што се чувари на приватни објекти и професиите за кои не е потребна голема вештина и енергија. Од друга страна, ниските износи на старосни пензии ги охрабруваат сè повеќе постарите луѓе да работат за да ги покријат основните потреби, наведува „Монитор“.

Исто така поради недостиг на кадар, посебно во здравствениот и образовниот сектор многу медицински лица и просветни работници работат и по пензионирањето.

Приведен осуденик баран со потерница поради бегство од затворот „Идризово“

Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје лиши од слобода криминалец баран со потерница за затворска казна од 12 години и десет месеци, соопшти денеска  Министерството за внатрешни работи. 

Како што наведува во соопштение, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вчера (21 јули) го уапсиле 34-годишниот Ј.С. од Скопје кој поради бегство од затворот „Идризово“ бил баран со потерница по наредба на Основниот кривичен суд,

-Ј.С. бил осуден на казна затвор од 12 години и 10 месеци во врска со член 188 ст.1 и чл. 236 ст. 1 т.1 в.в чл. 22 и чл. 24 од Кривичниот законик. Тој ќe биде спроведен во надлежната казнено-поправна установа, наведува МВР.

Потпишан меморандум за соработка меѓу Општина Аеродром и Меѓународниот балкански универзитет

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и ректорот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, проф. д-р Лутфи Сунар денеска потпишаа меморандум за соработка и партнерство во повеќе области.

Ваквата соработка е од огромно значење и за Општина Аеродром, но и за студентите од овој универзитет затоа што теоријата што ја изучуваат ќе можат да ја применат во практика.

Еден од првите заеднички проекти би бил изработка на архитектонско решение за изградба на нова детска градинка од страна на студентите под надзор на професорите од овој универзитет.

Меморандумот, меѓу другото, опфаќа и обука на воспитно-наставниот кадар од градинките и од основните училишта во Аеродром во различни области со што уште повеќе ќе се зајакнат нивните капацитети и знаење преку различни семинари, курсеви и дообуки. Исто така се предвидува и ангажирање експерти од Општината во наставниот процес на универзитетот.

В. д. градоначалникот Митески и ректорот Сунар по потпишувањето на меморандумот извршија обиколка на целиот кампус и ги разгледаа капацитетите со кои располага универзитетот. Студентите покрај теоретскиот дел, во посебно уредени простории имаат можност практично да изведуваат вежби од областа на правото, стоматолошките науки, а во процес е и пуштање во употреба на комплетно уредени лаборатории за фармација и други студиски програми.

Општина Аеродром изразува надеж дека со овој меморандум во иднина ќе се иницираат голем број проекти и ќе се продлабочува соработката со Меѓународниот балкански универзитет, од што најголема корист ќе имаат граѓаните.

Општина Аеродром

притисни ентер