ЕСА ќе изврши тест со вештачко помрачување на Сонцето

Европската вселенска агенција - ЕСА ја почна програмата „ПРОБА-3“ со што ќе се обиде да изврши тест со вештачко затемнување на Сонцето. Ова е прв ваков научен потфат во историјата.

Во рамките на оваа мисија, би требало да бидат поставени два сателити што ќе ја проучуваат Сончевата Круна, односно надворешниот слој гасови што ја опкружува нашата најблиска ѕвезда, што ќе овозможи нови научни сознанија. Најголемиот предизвик е високата прецизност што проектот ја бара, а искуството што ќе го стекне ЕСА во рамките на оваа мисија ќе се користи за идните вселенски патувања и потфати.

Сателитите се склопуваат во Белгија, од каде што ќе бидат преместени во Индија и ќе бидат испратени во Земјината Орбита во септември оваа година.

Вселенските летала „Коронаграф“ и „Окултер“ ќе бидат поставени во формација чија прецизност се мери во милиметри, а на првично меѓусебно растојание од 144 метри. Вреди да се напомене дека затемнувањето предизвикано од сателитите нема да биде видливо на Земјата.

„Окултер“ ќе лета поблиску до Сонцето и ќе го блокира дискот, фрлајќи сенка за другиот сателит, на ист начин како што Месечината фрла сенка на Земјата во природното затемнување на Сонцето. Ова ќе му овозможи на „Коронаграфот“ да ја сними Круната, што во нормални, природни околности, е невозможно, поради заслепувачката светлина од Сонцето.

Проучувањето на Сончевата Круна ќе им помогне на научниците да ги предвидат сончевите геомагнетни бури, коишто влијаат на вештачките сателити, на комуникациите и на енергетските мрежи на Земјата.

- Тоа ќе ни помогне подобро да разбереме и многу други работи, како што е потеклото на сончевите ветрови. Сѐ уште има некои прашања на коишто немаме одговори, особено оние кои се однесуваат на бавните ветрови. Бавните ветрови се оние што варираат и не се хомогени и униформни. Сѐ уште не е сигурно од каде доаѓаат, вели Андреј Жуков, истражувач во Кралската опсерваторија во Белгија.

Зборот „ПРОБА“ е англиска кратенка за „Project of Onboard Autonomy" (Проект за достапно самоуправување) и исто така значи и „обид“ на латински и некои други јазици. /МИА

Американски агент сакал да му продаде тајни на руски разузнувач- осуден е на 22 години затвор

Џарех Себастијан Далк (32), поранешен агент на Националната агенција за безбедност (НСА), е осуден на 22 години затвор поради продажба на доверливи информации.

Како што пренесува порталот politico.com, Далк се обидел да продаде доверливи информации на таен агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) за кого мислел дека е агент на руската разузнавачка служба.

Судијата Рејмонд Мур, по изрекувањето на пресудата, рече дека можел да го осуди Далк на подолга затворска казна, нарекувајќи ја казната од 262 месеци „милост за неговите пресметани намери да се вработи во НСА за да може да продава доверливи информации“.

„Ова беше бесрамно. Беше дрско и, според мене, намерно. Тоа беше предавство и беше блиску до предавство колку што може да биде“, рече судијата Мур.

Адвокатите на осудениот, кој е и воен ветеран, минатата есен ја признаа вината за шпионажа како дел од договорот со обвинителството, поради што бараа тој да добие 14 години затвор. Тие го истакнаа фактот дека доверливите информации од значење за националната безбедност не завршиле во рацете на непријателот и дека не е направена никаква штета.

Помошникот јавен бранител Дејвид Краут нагласи дека Далк претрпел трауматска повреда на мозокот и дека во четири наврати се обидел да се самоубие. Далк изјавил дека пати од посттрауматско стресно растројство, биполарно растројство и опсесивно-компулсивно растројство. На судењето тој негирал дека неговиот мотив за продажба на тајни информации биле пари.

Според судските документи, Далк, кој бил во НСА околу еден месец, му рекол на таен агент на ФБИ дека сака да „предизвика промени“ откако ја испрашувал улогата на Соединетите Држави да му наштети на светот, но исто така рекол дека има долг од 237.000 долари. Тој исто така рече дека одлучил да работи со Русија бидејќи неговото потекло е „врзано со таа земја“.

На Далк првично му биле исплатени 16.499 долари во криптовалута за извадоци од некои документи што му ги дал на агентот за да му покаже што има, а потоа му понудил да ги продаде останатите информации што ги имал за 85.000 долари, според договорот за вина. Агентот му наложил да оди на железничката станица во центарот на Денвер на 28 септември 2022 година и да ги испрати документите користејќи сигурна дигитална врска.

Далк пристигнал носејќи го својот лаптоп и најпрво искористил интернет врска за да испрати белешка за благодарност на руски јазик во која рече дека „со нетрпение го очекува нашето пријателство и заедничка корист.“

Според обвинението, информациите што Далк сакал да ѝ ги продаде на Русија вклучувале проценка на заканите за воените офанзивни способности на трета, неименувана земја. Тие исто така вклучуваат опис на чувствителни американски одбранбени способности, од кои некои се однесуваат на истата странска земја.

Пендаровски: Внатрешните поделби се најголемиот проблем за напредок на државата

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва пред граѓаните на Куманово зборуваше за неговиот концепт на обединување, без поделби без дискриминација кон кого било.

Пендаровски посочи дека опозицијата со својата понуда сака да ја врати државата назад, дека одново сакаат да го делат народот, да вршат притисоци врз граѓаните.

„Најголемиот проблем за напредокот на државата се поделбите внатре. Ние имаме и неповолно опкружување, имаме и соседи кои долги години нѐ негираат, некои од нив продолжуваат да нѐ негираат, ние со тоа ќе се справиме, проблемот е како да се справиме со наши државјани, со наши граѓани кои не разбираат дека тоа што ќе го кажеш во изборната кампања, мораш да го реализираш по изборната кампања. Ако тие се во ситуација да бидат на власт и овој концепт го реализираат, ние се враќаме во раните 90ти кога националистите ја диктираа иднината на судбината на народите и на државите на Балканот“ порача Пендаровски.

Кандидатот Пендаровски истакна дека во вториот круг сè почнува од нула - нула и од граѓаните ја побара поддршката на изборниот ден на осми мај.

„Знам дека многумина сметаат дека изборот не се решава во првиот круг, туку во вториот и дека сите политичари се исти. Но не сме сите исти. Мојата понуда е многу поразлична од таа на мојата противкандидатка, а во изминатите пет години мене ме гледавте секаде како ваш претседател. Да не се враќаме во времињата на „заробена држава“. Сечиј глас е важен и сечиј глас решава. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“ порача Пендаровски, сооопштуваат од неговиот тим.

Дала отказ во хотел по само 27 минути- избегала кога видела што работи колешката (ВИДЕО)

Тиктокерката @tallandfunny1982 тврди дека еднаш ја напуштила работата по 27 минути работа.

Таа наведува дека била ангажирана како собарка во хотелот, но не останала долго откако видела „како нејзината колешка ја чисти собата“.

Американката проговори за краткото работно искуство, но не открива за кој хотел се работи.

Сѐ започнало кога со колешка влегла во една од собите. Наместо метла, таа земала парче селотејп и го користела за собирање влакна и видлива нечистотија од подот.

Потоа посегнала по освежувач на воздух со мирис на лаванда и испрскала сè, за „побрзо да ја заврши работата“, пренесува Lakalle Blu Radio.

Истата собарка потоа се приближила до креветот и наместо да ги смени чаршафите, само ги вшмукала и ги исправила чаршафите.

Искористените шолји за кафе не ги заменила, туку ги измила и ги вратила на масичката.

„Кога го видов тоа, без размислување си ги зедов работите и си заминав засекогаш“, рекла тиктокерката.

@tallandfunny1982 #stitch with @Boppod ♬ original sound - Laugh Track

Клипот за кратко време стана вирален и собра милиони прегледи. Нејзината приказна загрижи многу корисници, особено ентузијасти за патувања.

притисни ентер