Лејкерси ќе му го исполнат последниот сон на Леброн во НБА

Денвер Нагетс ги дотепаа ЛА Лејкерс во натпреварот 5 од првото коло и се пласираа во полуфиналето на Западната конференција.

Исто како и во вториот натпревар од серијата, Џамал ​​Мареј донесе одлука со победнички кош на четири секунди пред крајот, на кој Лејкерси не можеа да одговорат без тајмаут. Денвер победи со 108:106 и мина со вкупен сооднос 4:1.

Најдобар во редовите на поразениот тим завршувајќи ја својата 21 сезона во НБА беше Леброн Џејмс кој за 44:05 минути (најмногу во тимот) се доближи на трипл-дабл учинок, забележувајќи 30 поени, 11 асистенции и девет скока. Џејмс играше во просек речиси 41 минута во петте натпревари од серијата против Денвер, а толку минути во плеј-оф натпреварите немаше во просек од 2018 година, кога го водеше Кливленд во неговата последна сезона пред да им се приклучи на Лејкерс.

Во серијата против Денвер, Џејмс имаше просек од 27,8 поени додека шутираше 56,6%, што е најдобар процент во плеј-офот во целата негова кариера. Покрај тоа, тој забележа 8,8 асистенции, 6,8 скока и 2,6 украдени топки по натпревар, што е исто така рекорден просек во неговата плеј-оф кариера.

Се очекува Џејмс да игра уште две сезони, а до 29 јуни треба да се изјасни дали ќе ја користи опцијата играч за следната сезона и ќе остане во Лејкерси уште најмалку една година. Опцијата му гарантира 51,4 милиони долари за сезона. По поразот од Денвер, на прес-конференција беше запрашан дали тоа е неговиот последен натпревар за Лејкерси, а тој рече: „Го ценам вашето прашање, но одбивам да одговорам“.

Атлетик пишува дека Лејкерси имаат план да го задржат еден од најдобрите кошаркари на сите времиња. Лејкерси се подготвени на драфтот да го изберат синот на Леброн, Брони и со тоа да го исполнат последниот сон на Леброн - да игра со својот син во истиот тим.

Брони се пријави за овогодинешниот драфт и покрај тоа што го пропушти првиот дел од својата прва сезона во УСЦ поради срцев удар минатото лето. Брони, висок 192 см, играше 19 минути 25 пати во својата прва сезона на универзитет и имаше просек од 4,8 поени, 2,8 скока и 2,1 асистенции, со многу слаб шут од 36,6% од поле, 26,7% за тројка и 67,6% од слободни фрлања, но тој бил пофален како многу добар одбранбен играч.

Клисаровска: Дневната болница не е затворена

Точно е дека пациенти на Онкологија чекаат со часови бидејќи немаме доволно персонал, вели Клисаровска.

Дневната болница на Клиниката за онкологија не е затворена, информацијата е погрешна. Баш напротив, не само што не е затворена, туку работи со полна пареа. Само да, пациентите чекаат со часови. Терапиите се повеќечасовни во најголем дел од случаите, траат по пет и шест часа. Работиме со натчовечки напори, изјави денеска за МИА, в.д. медицинскиот директор на Клиниката, Виолета Клисаровска.

-Ако зборуваме за дневна болница, во делот на медицинските сестри кои таму работат, најмалку треба да ги дуплираат по број. Одлив на кадар имаме постојано и сѐ повеќе од сестрите најавуваат дека ќе си одат, бидејќи ова станува неиздржливо. На цела работа, уште работат и под притисоци и под закани. Во слободни денови ги викаме од дома, појасни таа.

Клисаровска рече дека дисперзијата под итно треба да се случи. Таа кажа оти ги разбираат пациентите кои имаат мака, сакаат да дојдат и да бидат веднаш услужени, но, додаде дека здравствените работници не се во можност тоа да им го пружат, па мора да се чека.

Од Клиниката за онкологија за МИА кажаа и дека во дневната болница работат и бремени сестри, опслужува и сестра која е нивен пациент со малигна болест. За жал, како што велат, има нервозни пациенти, кои се туркаат и ги вреѓаат здравствените работници на клиниката. /МИА

Неколку земји-членки на ЕУ бараат Украина во јуни да ги почне преговорите за членство

Неколку земји-членки денеска побараа од ЕУ да ги почне преговорите за членство на Украина и на Молдавија во јуни, но Унгарија се закани дека ќе биде против.

ЕУ во декември се согласи да отвори преговори со Украина и со Молдавија, но за да почнат преговорите земјите-членки треба да потпишат формална рамка за процесот, предложена во март од Брисел.

На состанокот во Брисел, францускиот министер за прашања на ЕУ, Жан-Ноел Баро повика на „ефикасно отворање на преговорите“ пред да заврши ротирачкото претседателство на Белгија на крајот на јуни.

Додека портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач истакна дека „не може да има исклучок врз основа на политички или идеолошки размислувања“.

- Има многу мал, ако воопшто има, напредок. Повторно, можам да ви повторам дека членството, одобрувањето треба да биде процес заснован на заслуги. Без исклучоци, посочи Ковач.

Друга можна пречка може да дојде од формирањето на нова десничарска влада во Холандија, што се спротивставува на какво било ново проширување на ЕУ.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ по рускиот напад во февруари 2022 година. /МИА

притисни ентер