Пендаровски: Внатрешните поделби се најголемиот проблем за напредок на државата

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва пред граѓаните на Куманово зборуваше за неговиот концепт на обединување, без поделби без дискриминација кон кого било.

Пендаровски посочи дека опозицијата со својата понуда сака да ја врати државата назад, дека одново сакаат да го делат народот, да вршат притисоци врз граѓаните.

„Најголемиот проблем за напредокот на државата се поделбите внатре. Ние имаме и неповолно опкружување, имаме и соседи кои долги години нѐ негираат, некои од нив продолжуваат да нѐ негираат, ние со тоа ќе се справиме, проблемот е како да се справиме со наши државјани, со наши граѓани кои не разбираат дека тоа што ќе го кажеш во изборната кампања, мораш да го реализираш по изборната кампања. Ако тие се во ситуација да бидат на власт и овој концепт го реализираат, ние се враќаме во раните 90ти кога националистите ја диктираа иднината на судбината на народите и на државите на Балканот“ порача Пендаровски.

Кандидатот Пендаровски истакна дека во вториот круг сè почнува од нула - нула и од граѓаните ја побара поддршката на изборниот ден на осми мај.

„Знам дека многумина сметаат дека изборот не се решава во првиот круг, туку во вториот и дека сите политичари се исти. Но не сме сите исти. Мојата понуда е многу поразлична од таа на мојата противкандидатка, а во изминатите пет години мене ме гледавте секаде како ваш претседател. Да не се враќаме во времињата на „заробена држава“. Сечиј глас е важен и сечиј глас решава. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“ порача Пендаровски, сооопштуваат од неговиот тим.

Лапид бара нормализација на односите Израел - Саудиска Арабија

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид денеска побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху да ги нормализира односите со Саудиска Арабија, како што предлагаат САД.

- Нетанјаху треба да најави дека стапил во преговори со Саудијците, вклучувајќи го и делот за Палестина, посочи лидерот на опозициската партија Јеш Атид“ (Има иднина).

Според Лапид тоа ќе ги поткопа и напорите за кривично гонење на Нетанјаху пред Меѓународниот кривичен суд.

- Во Хаг нема да гонат премиерот кој е во историскиот мировен процес. Ова ќе го реши проблемот со Хаг, проблемот во Газа, а исто така ќе ни помогне да добиеме притисок од Саудијците за ослободување на заложниците, истакна Лапид.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан пред два дена му пренел на Нетанјаху дека постои можност Израел да ги нормализира односите со Саудиска Арабија доколку Ерусалим се согласи на патот кон идната палестинска држава. Нетанјаху одговори дека нема да прифати палестинска држава, дури и со нормализирање на односите со Саудиска Арабија./МИА

ЕУ го одобри првиот закон во светот за вештачка интелигенција

Земјите-членки на Европската унија денеска го одобрија законот кој има за цел усогласување на правилата за вештачка интелигенција, таканаречениот Закон за вештачка интелигенција.

Тоа е прв акт од ваков вид во светот, кој може да постави глобални стандарди за законодавството за вештачка интелигенција, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Новиот закон има за цел да ги поттикне приватните и јавните актери да развијат и усвојат безбедни и сигурни системи за вештачка интелигенција на единствениот пазар на ЕУ.

Во исто време, се стреми да обезбеди почитување на основните права на граѓаните на ЕУ и да ги поттикне инвестициите и иновациите во областа на вештачката интелигенција во Европа.

Законот за вештачка интелигенција се однесува само на области опфатени со правото на ЕУ и предвидува исклучоци во случај на системи кои се користат исклучиво за воени и одбранбени цели, како и за истражувачки цели.

Според законот, различните форми на вештачка интелигенција се категоризираат според ризикот.

Така, како што е наведено, системите за вештачка интелигенција кои претставуваат ограничен ризик би биле предмет на многу благи обврски во однос на транспарентноста, додека системите со висок ризик би биле одобрени под услов да исполнуваат голем број барања и обврски за пристап до пазарот на ЕУ.

Компаниите кои ќе го прекршат законот за вештачка интелигенција ќе бидат казнети врз основа на процент од нивниот вкупен промет во претходната финансиска година или над однапред определен износ, кој и да е поголем.

Малите и средните претпријатија, како и компаниите кои се во старт, подлежат на пропорционални административни казни.

Регулативата предвидува и поголема транспарентност во однос на развојот и употребата на високоризични системи за вештачка интелигенција, кои ќе треба да бидат регистрирани во базата на податоци на ЕУ, а корисниците на системите за препознавање емоции ќе треба да ги известат луѓето кога ќе бидат изложени на таков систем.

Законот за вештачка интелигенција, откако ќе биде потпишан од претседателите на Европскиот парламент и на Советот, ќе стапи на сила 20 дена по неговото објавување во Службениот весник на ЕУ./МИА

Едно лице загина, повеќе се повредени на лет од Лондон кон Сингапур по големи турбуленции

Едно лице загина денеска, а повеќе се повредени на лет на Сингапур ерлајнс по „големи турбуленции“ додека се движеше од Лондон кон Сингапур пред да биде пренасочен кон Бангкок, соопшти компанијата.

„Можеме да потврдиме дека има повредени и една жртва во Боингот 777-300ER. Во авионот имало вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот“, објави авиокомпанијата на Фејсбук./МИА

притисни ентер