При претставувањето на годинaшната програма на „Пургаторије“, директорот на Центарот за култура Тиват, Горан Божовиќ истакна дека во програмската селекција на реномираниот театарски режисер и професор на Академијата на уметностите во Нови Сад, Борис Лијешевиќ се наоѓаат десет претстави што со огромен успех се играат на матичните сцени во Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од оваа година, организаторот најави дека покрај наградите за најдобра претстава, најдобра машка и женска улога, награда за актерско остварување и визуелно техничка иновација се воведува и награда за најдобра режија „Јагош Марковиќ“, во чест на починатиот театарски режисер кој оставил длабока трага во театарската уметност во регионот.
Селекторот на фестивалот Борис Лијешевиќ истакна дека претставата „Мојот маж“, работена според колажот од расказите на Румена Бужаровска и авторските монолози, е претстава што говори за проблемите на брачната структура на Балканот каде се’ се менува.
- Од фирми, продавници, држави, градови, се’ се менува, единствено односот кон жената е непроменет. Лијешевиќ потсети дека според книгата на Бужаровска се направени неколку претстави во продукции на театрите од регионот, но во селектирањето за фестивалот, тој се одлучил за претставата на Драмски театар Скопје поради нејзината изворност и автентичност, додаде Бужаровска.
Режисер на претставата е Нела Витошевиќ, драматург Викторија Рангелова - Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски, а асистент сценограф Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева - Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања. Претставата се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ - Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.