Царинска управа: Спречен обид за шверц - запленети 2,7 кг сребрен накит, 33 часовници ....

Во текот на изминатиот викенд, царинарниците на три гранични премини заплениле роба во вредност од 500.000 денари, со што спречиле избегнување на плаќање царински давачки од околу 150.000 денари.

Околу 2,7 килограми сребрен накит, 33 часовници, како и 160 парчиња облека со вкупна вредност од над половина милион денари се запленети од мобилни тимови на Секторот за контрола и истраги во три контроли на влез во државата на граничните премини „Богородица“, „Блаце“ и „Табановце“ во текот на изминатиот викенд. Со овие акции е спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки од околу 150 илјади денари, информираат од Царинската управа.

- Во првиот случај двајца сопружници на влез во државата на граничен премин „Богородица“ се обиделе нелегално да внесат околу 2,7 килограми сребрен накит. Накитот е откриен при контрола на куферите, при што во внатрешните џебови од облеката се пронајдени 37 пакувања со сребрен накит, а во возилото се пронајдени и три сметки од накитот кои биле на име на сопружникот, соопштуваат од Царина.

Во вториот случај станува збор за часовници што мобилниот тим на Царинска управа ги открил при контрола на автомобил на граничниот премин „Блаце“. Возачот на автомобилот ги скрил часовниците во црни ќеси кои ги ставил зад совозачкото седиште.

- Друг мобилен тим, пак, на граничниот премин „Табановце“ при извршена контрола на автобус откри и заплени 160 парчиња облека наменета за продажба на македонскиот пазар. Автобусот кој сообраќал на релација Белград – Скопје е селектиран за детален преглед при што под клупите и во фабричката шуплина над задните десни тркала се пронајдени непријавените парчиња облека, известуваат од ЦУ.

Оттаму, посочуваат дека во случајот на заплена на часовници и облека против лицата се поднесени прекршочни пријави. Во случајот во кој е запленет околу 2,7 килограми сребрен накит против лицето е поднесена кривична пријава до јавно обвинителство за кривично дело криумчарење, по што судот донесе одлука за одземање на накитот, парична казна од 2.500 евра во денарска противвредност и заплена на возилото со кое е извршено кривичното дело.

Шалтерите во Дирекцијата на „Водовод и канализација“ денеска и утре ќе работат до 14 часот

Шалтерите за наплата на „Водовод и канализација“ во дирекцијата на претпријатието денеска ќе работат од 07:30 до 14 часот, а утре од 09 до 14 часот. Наплатните пунктови во Сарај, Шуто Оризари и Лисиче, нема да работат.

Од претпријатието информираат дека од петок продолжуваат со редовно работно време.

Одлуката, како што посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“ е во согласност со заклучоците од 199. седница на Владата поради одржување на 30. Министерски состанок на ОБСЕ.

Халанд најбрзо до 40 гола во Лигата на шампионите

 Фудбалерот на Манчестер сити, Ерилнг Халанд синоќа беше стрелец во победата на неговиот тим против Лајпциг со 3:2 во натпреварот од 5. коло од групната фаза на Лигата на шампионите.

Норвежанецот на оваа средба го постигна својот 40-ти гол во 35-от натпревар од елитното фудбалско натпреварување.

Халанд е играчот кој најбрзо стигна до 40 гола во Лигата на шампионите. Тој го собори и рекордот на напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе и стана најмладиот играч кој постигнал 40 гола во Лигата на шампионите (23 години, 130 дена).

Оваа сезона, 23-годишниот Халанд забележа 20 настапи за Манчестер сити во сите натпреварувања, постигнувајќи 19 гола и четири асистенции.

Турција очекува да го ратификува приемот на Шведска во НАТО до крајот на годинава

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром изјави дека неговиот турски колега Хакан Фидан му рекол дека ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО може да се случи „во рок од неколку недели“.

-Го чекаме спроведувањето на ратификацијата. Вчера имав билатерална средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, на која тој изјави дека очекува ратификацијата да се случи во наредните недели, рече Билстром.

Изјавата на шведскиот министер ги потврдува зборовите на висок функционер на Стејт департментот, според кои турскиот министер за надворешни работи вчера на своите колеги од НАТО им рекол дека напорно работи на ратификацијата на приемот на Шведска во алијансата и посочил како веројатен период до крајот на годината.

притисни ентер