Бројот на загинати во израелскиот напад на Бејрут се искачи на 31

 Бројот на загинати од израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут, жариште на проиранското движење Хезболах, се искачи на 31, соопштија денеска властите.

-Меѓу загинатите има три деца и седум жени, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад на прес-конференција, додавајќи дека најмалку 68 лица се повредени во петочниот штрајк.

Претходно, Министерството објави дека загинале најмалку 14 лица.

Хезболах досега објави за смртта на 15 свои членови по израелскиот напад, вклучувајќи го и високиот воен функционер Ибрахим Акил и други команданти.

Во меѓувреме, бројот на жртви од координираните експлозии со електронски уреди во Либан на почетокот на оваа недела се зголеми од 37 на 39, соопшти Министерството за здравство.

Мицкоски: Владата ќе продолжи да инвестира во капитални проекти во Кавадарци

„Чест и задоволство е денеска да се биде овде во Кавадарци.

Јас нема да се повторувам со тоа што го кажа градоначалникот затоа што навистина се гледа еден исклучителен развој, реализација на капитални проекти, можам само да го изразам моето задоволство, да го охрабрам така да продолжи и да се заблагодарам за тоа што го прави тој заедно со администрацијата, советот, со пратениците во македонското Собрание за Кавадарци за кавадарчани.

Навистина ние како Влада стоиме на располагање се што е потребно да помогнеме и оваа навистина фантастична состојба во којашто градот се наоѓа денеска да ја направиме уште пофантастична, тоа е нашата цел како Влада и во рамките во таа цел е овој проект којшто преку Министерството за локална самоуправа има за цел да финансира капитални проекти во општините на целата територија на државата, Кавадарци спомена градоначалникот веќе аплицираше, разговаравме што би можеле да бидат проекти за следната година, бидејќи ова е само првиот дел до крајот на оваа година, до година ќе имаме повторно ваков јавен повик и убеден сум дека квалитетот на животот овде во Кавадарци, на кавадарчани ќе биде драматично подобар од оваа фантастична состојба во којашто сега се наоѓа.

Уште еднашка честитки до градоначалникот, пратениците, советниците, администрацијата којшто ја подржуваат работат на градоначалникот овде во Општина Кавадарци. Исто така на покана на министерот денеска сум овде во ОВР Кавадарци заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност да направиме еден увид на системот „Безбеден град“ којшто ќе напоменам, а тоа го споменаа моите претходни два соговорниците и градоначалникот и министерот за внатрешни работи е инвестиција на општината, но во периодот којшто следи треба да биде интегриран на оној поголем систем којшто планира МВР да го реализира.

Тоа е многу важно бидејќи ги гледате какви се бројките, степенот на криминалитет е драматично намален, тоа е нашата цел да спасиме што е можно повеќе човечки животи, еден човечки живот загубен е трајна загуба за семејството и за државата и затоа сме решени како Влада преку МВР овој проект да го истуркаме до крај, да се реализира на целата територија на Македонија бидејќи убедени сме дека ќе спасиме на тој начин многу човечки животи. Нема да биде тоа можеби веднаш офанзивно ќе има своевидна кампања, ќе има тест период да се уверат граѓаните дека мора да се почитуваат законите ако сакам и дисциплинирани да бидат во сообраќајот не само сообраќајот и насекаде ако сакаме да спасиме човечки животи што е можно повеќе бидејќи еден загубен е непроценлива загуба.

Така што ова денеска го видовме денеска во Кавадарци што ќе биде како безбеден град интегрирано во рамките на еден поголем проект што го работи министерството. Поддршката од страна на владата е недвосмислена, таа е јасна и продолжуваме во таа насока. Мора да има дисциплина, мора да има ред и мора да има владеење на законите, анархија, стихија, безредие не водат кон добро, водат кон лошо, а нашата цел за што ја добивме довербата на граѓаните пред повеќе од четири месеци е токму таа, да владее законот за сите подеднакво, да нема безредие, да нема хаос, да нема криминал или пак тоа да биде во рамките на многу минимална вредност, така што ете уште еднашка на крај ќе ми дозволите да му честитам на градоначалникот за исклучителната работа што ја прави овде во Општина Кавадарци да му посакам успешна работа на министерот во рамките на имплементирање на овој проект, на сите оние којшто ја подржуваат работата на директорот на БЈБ, на вработените овде во ОВР Кавадарци, во министерството, администрацијата во општината, советниците, пратениците овде од Кавадарци и само така да продолжиме и да покажеме дека не се сите исти, дека промени се возможни и дека промените од ден на ден доаѓаат, истакна премиерот Мицкоски.

Кризата на пазарот на недвижности во Германија се пренесува и во банкарскиот сектор

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. 

Темните облаци кои се надвиснаа над пазарот на недвижности во Германија се згуснуваат и над банкарскиот сектор во земјата откако голем број германски банки стравуваат дека ќе се соочат со пораст на бројот на нефункционални хипотекарни кредити со недвижен имот, јави ДПА повикувајќи се на ново истражување.

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. Меѓу учесниците во истражувањето, 78 проценти посочија дека очекуваат нивната финансиска институција да доживее зголемување на нефункционалните заеми во текот на следните 18 месеци. Ова го објави влијателниот германски економски дневен весник „Ханделсблат“, кој добил прелиминарен пристап до податоците од истражувањето на Делоит. Само 19 отсто од шефовите на банките не очекуваат влошување на лошата состојба со хипотеките.

Уште повеќе, четвртина од учесниците во истражувањето на најавуваат „значително“ или дури „премногу значајно“ зголемување на бројот на нефункционални хипотекарни заеми во Германија.

„Тоа е лош знак за состојбата на самите кредитни институции“, забележува Кристоф Росле. Тој е партнер во Делоит и коавтор на студијата.

Кредитите дадени за изградба или стекнување на недвижен имот го сочинуваат најголемиот дел од кредитните портфолија на банките, посочуваат експертите.

Германскиот финансиски регулатор БаФин претходно овој месец предупреди на тешкотиите со кои се соочуваат банките во земјата поради кризата во секторот на недвижности. Некои од нефункционалните хипотекарни заеми дадени за комерцијални имоти може да ја загрозат стабилноста на финансиската институција доколку инвестирала во ризични проекти. Ова го забележува германскиот финансиски регулатор во својот извештај „Ризиците во 2024 година“.

Наспроти ова, голем број германски банкарски компании значително ги зголемија средствата што ги издвоија за покривање на потенцијалните ризични заеми дадени за инвестиции во недвижнини.

Сојузното здружение за купување и кредитирање на Германија (БКС) очекува нефункционалните заеми за инвестиции во комерцијални недвижности да достигнат 3,6 отсто од сите заеми до крајот на 2024 година. Прогнозата за крајот на 2025 година е дека нивниот удел ќе порасне на 3,7 отсто.

„Наспроти ова, многу банки се повеќе размислуваат дали да ги продадат или не овие побарувања“, вели Кристоф Росле од Делоит.

Многу германски банки веќе целосно или делумно се откажаа од финансирање проекти во секторот на недвижности. Ова го покажуваат податоците од студијата спроведена од Меѓународната бизнис школа за недвижнини на Универзитетот во Регенсбург. Се заснова на податоци обезбедени од голем број големи кредитни институции, вклучувајќи ги Landesbank Baden-Württemberg (LBBW), Deutsche Pfandbriefbank и Bayern Landesbank (BayernLB).

Во 2023 година во Германија на јавна продажба се објавени 12.332 куќи, станови и парцели под хипотека, покажуваат податоците на специјализираниот онлајн портал „Аргетра“. Нивната вредност (3,87 милијарди евра) е за 15 отсто повисока од онаа на недвижниот имот ставен на јавна продажба во 2022 година.

Цените на комерцијалните недвижности во Германија паѓаат од средината на 2022 година поради повисоките стапки на кредитирање и повисоките трошоци за изградба.

Побарувачката за канцелариски простор слабее поради трендот на многу компании да им дозволат на вработените делумно или целосно да работат од дома. Интересот за малопродажните места, исто така, опаѓа, бидејќи онлајн купувањето добива се поголема популарност.

Во јуни 2024 година се издадени 17.600 одобренија за станбена градба. Ова претставува пад од 19 отсто во споредба со јуни 2023 година и е еднакво на 4.300 дозволи помалку, според веб-страницата на федералниот завод за статистика Дестатис. Споредено со јуни 2022 година, падот годинава е 42,1 отсто, што е еднакво на 12.800 помалку одобренија за градба.

Само 106.700 нови станови се одобрени за градба во Германија во првата половина од годинава. Тие одобренија за градба се за 21,1 отсто помалку од првите шест месеци од 2023 година.

Целта на германската влада од 400.000 нови станови годишно не може да се постигне во догледна иднина, забележуваат пазарните аналитичари.

Многу луѓе во Германија веќе не можат да си дозволат да поседуваат сопствен дом. За големите инвеститори инвестициите во станбени згради не се исплатливи, а оние со комерцијална намена им носат се поголеми загуби, посочува ДПА.

Хезболах тврди дека гранатирал израелски касарни во северниот дел

Либански Хезболах соопшти дека денеска истрелал ракети врз две воени позиции во северен Израел, во момент кога израелската војска соопшти дека извршува нови напади врз цели на Хезболах.

Во одделни изјави, групата поддржана од Иран рече дека истрелала „ракети Катјуша“ врз две касарни „како одговор“ на израелските напади „на јужни села и цивилни куќи“.

Западни медиуми јавија за силни израелски напади во неколку области на јужен Либан.

притисни ентер