Бријаторе се враќа во Формула 1

 Поранешниот шеф на Рено, Флавио Бријаторе, ќе ја преземе советничката улога во Алпин и ќе се врати во Формула 1 по 14 години.

Бријаторе е надвор од Формула 1 откако поднесе оставка како шеф на Рено поради неговата вмешаност во скандалот за Големата награда на Сингапур во 2008 година, кој беше откриен две години по трката.

Неколку недели се шпекулираше за враќање на Бријаторе, бидејќи Алпин размислуваше за неговата улога, а утрово беше потврдено дека тој ќе има официјална позиција.

„Алпин може да потврди дека Флавио Бријаторе е назначен од извршниот директор на Групацијата Рено, Лука де Мео, за негов извршен советник за Формула 1. Бријаторе првенствено ќе се фокусира на највисоките нивоа на тимот, вклучувајќи извидување таленти и проценка на пазарот на возачи, промени во постоечкиот проект и проценка на сегашната структура и советување за стратешки прашања во спортот“, се вели во кратката изјава на Алпин.

Бријаторе ги предводеше тимовите на Бенетон и Рено до најголемите успеси во Формула 1, бидејќи под негово водство Михаел Шумахер беше незапирлив во 1994 и 1995 година, а потоа и Фернандо Алонсо во 2005 и 2006 година. Сепак, неговиот мандат во францускиот тим заврши со еден од најголемите контроверзи во историјата на Формула 1. Првично беше казнет доживотно од ФИА поради неговата вмешаност во скандалот „Крашгејт“.

Помалку од една година по трката во Сингапур во 2008 година, Бријаторе беше обвинет дека му наредил на Нелсон Пике Јуниор да удри во ѕидот и да предизвика безбедносното возило да излезе на патеката за да му помогне на неговиот тимски колега Фернандо Алонсо да победи. Тоа стана познато дури откако на Пике му беше врачен отказ, а тој ги откри сите детали за скандалот што ја потресе Формула 1. И иако Бриаторе доби доживотна суспензија, неговата жалба пред францускиот Висок суд беше прифатена, откако беше утврдено дека таму имаше одредени несовпаѓања во казните кои беа изречени и на Бријаторе и на Пет Симондс, кој првично беше казнет со петгодишна суспензија.

И покрај скандалот, Бријаторе не ја напушти целосно Формула 1 - тој сè уште е еден од менаџерите на Алонсо, а исто така има одредена улога во организацијата на Големата награда на Азербејџан.

Она што е интересно е фактот дека ангажирањето на искусен Италијанец доаѓа во време кога Алпин ја разгледува можноста да ја напушти Формула 1 како производител на мотори. Наводно, францускиот тим сака да стапи во партнерство со некој од останатите конструктори од 2026 година, кога започнува новата ера на Формула 1, а се чини дека прв пик за ова е Мерцедес. /МИА

Почнува судењето против Саркози поради незаконско финансирање на изборна кампања

Во Париз денеска започнува судењето против поранешниот француски претседател Никола Саркози за наводно незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година од страна на режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.

Саркози, кој ја предводеше Франција од 2007 до 2012 година, постојано ги негира овие обвиненија. На обвинителна клупа заедно со него се уште 12 лица, меѓу кои и поранешни министри. Обвиненијата вклучуваат незаконско финансирање на кампања, злоупотреба на јавни средства и поткуп, пренесува ДПА.

Ако биде прогласен за виновен, Саркози се соочува со казна затвор до 10 години и значителна парична казна. Судскиот процес треба да трае до 10 април.

Франција побара правна помош од 21 земја во рамки на обемната истрага за овој случај, која вклучува 73 судски записи. /МИА

Учебната година во Белгија продолжува со најави за штрајкови и протести

Според синдикатите на образованието, до крајот на месецов се планирани дводневен штрајк и серија протестни акции, што се очекува да донесе социјално турбулентен јануари во белгискиот образовен систем. 

По божиќните и новогодишните празници учениците во Белгија од денеска се враќаат во училишните клупи, но второто полугодие започнува со најави за штрајкови на наставниот кадар во средните и основните училишта во кои наставата се одвива на француски јазик.

Според синдикатите на образованието, до крајот на месецов се планирани дводневен штрајк и серија протестни акции, што се очекува да донесе социјално турбулентен јануари во белгискиот образовен систем.

Целта на овие протести е да се изрази незадоволство од најавите на новите влади во франкофонскиот регион Валонија и во Брисел за планови за штедење и за реформи во образованието. Според синдикатите, со мерките за штедење во прашање се доведуваат околу 500 работни места.

Заедничкиот синдикален фронт на наставниците кон крајот на ноември веќе организираше демонстрации поради мерките на штедење со кои се предвидени помалку средства за техничкото и стручното образование.

Но, властите не отстапија пред синдикалните барање, па сега синдикатите најавуваат генерален штрајк во образованието за 27 и 28 јануари. Предвидено е во текот на двата дена од штрајкот на 27 јануари да се одржат улични протести во Брисел, што ќе започнат некаде пред пладне, а за следниот ден се предвидени демонстрации на повеќе различни места.

По повеќе години ова би било прв прекин на работата на наставниот кадар во Валонија и Брисел, што би траел подолго од 24 часа.

Овој дводневен генерален штрајк треба да претставува само кулминација протестите, по повеќето протестни акции што се предвидени да почнат следната недела.

Генералниот секретар на Конфедерацијата на христијански синдикати - Образование (ЦСЦ-Е), Ролан Лаје за весникот „Соар“ изјави дека целта на протестите е да и укажат на јавноста за „загубите на работни места што ќе ги предизвикаат овие заштеди“, најавувајќи дека првата протестна акција ќе се одржи на 15 јануари.

По ова од 20 јануари се планирани и други активности за „подигање на свеста“ на јавноста за планираните реформи во образованието и со барање во иднина сите наставници да добиваат договори за работа на неопределено време.

Најавите за нови мерки за штедење и реформи, дополнително го зголемија незадоволството на наставниот кадар, кој во претходните шест месеци одржа повеќе протести изразувајќи незадоволство од „Пактот за извонредност“, сеопфатен пакет на реформи во образовниот систем што треба етапно да се спроведат до 2030 година, како и од новата процедура за евалуација на наставниците. /МИА

Министерство за правда: Седум месеци посветени на реформи во правосудството

- Ја поништивме одлуката на претходната Влада за десеткратно зголемување на Нотарската тарифа-како одговор на неоснованото прекумерно зголемување на тарифата направено непосредно пред заминувањето на претходната власт. 

- После 8 години Комората на вештаци стана функционална! Запишана е во Централен регистар со што обезбедуваме поголема транспарентност, независност и професионалност во процесот на вештачењето.

- Започнавме со реформи за Судскиот совет. Одржавме стручни расправи за измените на Законот за Судски совет , го слушнавме мислењето на експертите, судиите, обвинителите. Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија на 23 октомври годинава не обврзува до јуни 2025 година да имаме нов закон за Судски совет.

-Како резултат на средбите со неколку синдикални организации,пристапивме кон изработка на нов Закон за судска служба, со оглед дека за суштински реформи во правосудството, не е доволно да се фокусираме само на судите, нивниот статус и одговорност . Судскиот систем го сочинуваат и илјадници вработени како судски службеници, лица кои вршат технички и помошни работи во судовите, и судски полицајци без кои судството не може да функционира.

-Отворивме канцеларија на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Со овој чекор се обезбедуваат услови за подобра заштита на човековите права и паричен надоместок за жртвите, согласно начелото на општествена солидарност.

- Подготвивме законски измени на Законот за бесплатна правна помош, кој Собранието веќе го донесе. Со ова се прошири пристапот до правда за најранливите граѓани во нашето општество.

- Како резултат на бројните средби со експертската јавност, граѓанските и меѓународните организации, одржавме јавни расправи за Законот за кривична постапка за понатамошно модернизирање и рационализирање на нашите правни процеси,по што ќе се пушти во владината процедура.

-Пристапивме кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. На барање на граѓанските организации, и стручната јавност, планирани се јавни расправи за Граѓанскиот законик со цел да се презентира концептот, но и да се слушнат коментарите и идеите за подобрување на концептот, кој за цел има зголемување на правната сигурност на граѓаните.

- Овозможивме целосна имплементација на системот Фемида - аудио-визуелен систем за снимање на судските рочишта што ќе обезбеди транспарентност во судските постапки, пред судовите на целата територија на државата, вклучувајќи го тука и Управниот суд. На ова се чекаше дури 14 години.

- Стапија на сила меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи.

-Реформите се одвиваат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план. Приоритет е да го реконституираме Советот за следење на имплементацијата на Развојната Секторска Стратегија за правосудство.

Следуваат многу нови проекти, мерки и активности!

Министерство за правда

притисни ентер