Блумберг: Иракли Кобахидзе останува премиер на Грузија

На денешната седница парламентот за нов министер за надворешни работи го избра Мак Бочорошвили, а за нов министер за правда Анри Оканашвили.

Грузискиот парламент на денешната конститутивна седница се согласи премиерот Иракли Кобахидзе да остане на функцијата и покрај тоа што членовите на опозицијата повикаа на бојкот во знак на протест против резултатите од парламентарните избори минатиот месец, објави Блумберг.

На денешната седница парламентот за нов министер за надворешни работи го избра Мак Бочорошвили, а за нов министер за правда Анри Оканашвили.

Кобахидзе ја презеде функцијата премиер во февруари годинава.

Грузиската Централна изборна комисија објави дека владејачката партија Грузиски сон освоила околу 54 отсто од гласовите на изборите во октомври, а лидерите на партијата ги отфрлија тврдењата на опозицијата за измама, додека пратениците на опозицијата и грузиската претседателка Саломе Зурабишвили ја бојкотираа конститутивната седница на парламентот.

Европските набљудувачи на изборите рекоа дека гласањето се одвивало во атмосфера на „поделби“ обележана со случаи на поткуп, двојно гласање и физичко насилство.

ЕУ уште во јуни на неопределено време го суспендираше процесот на аплицирање за членство на Грузија, откако парламентот усвои закон со кој се бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „да извршуваат интереси на странска сила“./МИА

АД ЕСМ понуди цена повисока за две евра на тендерот на ЕВН Хоум

АД ЕСМ на тендерот на ЕВН ХОУМ понуди цена од 62 евра за мегават часови. 

Оваа цена е за две евра повисока од досегашната што АД ЕСМ му ја продаваше на универзалниот снабдувач и таа има најголемо влијание врз цената на струјата што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари следната година.

Новата цена на струјата треба да биде дефинирана до крајот на годинава, а ќе важи од први јануари.

Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега во изјави за медиумите рече дека не очекува големи промени во цената на струјата, а доколку дојде до такво нешто, тогаш зголемувањето би било минимално од еден до три проценти.

Витина: Ако има иницијатива, Славески мора да свика вонредна седница на Советот

Советничката во Град Скопје, Ирена Витина ја оквалификува како неточна изјавата на претседателот на Советот Трајко Славески во врска со иницијативата на приватните превозници за зголемување на надоместот на услуга по километар. 

- Од иницијативата која ви ја прочитав советникот бара да отпочнеме постапка во која што ќе ги разгледаме сите можности за ние како советници да утврдиме дали постои оправдана причина за покачување на цената на приватните превозници по километар или не постои. Како на советници, од страна на претседателот на Советот ни е ускратено правото што го имаме согласно Статутот и Деловникот да разгледуваме иницијативи и да постапуваме по нив. Ги уверувам граѓаните дека единствено ние како советници во Советот на Град Скопје можеме да донесеме таква одлука, изјави Витина.

Советничката кажа дека право на советниците е да ги разгледаат иницијативите на приватните превозници, со претходна подготовка и податоци кои би ги побарале од службите и приватниците. Смета дека треба да се почне дебатата за иницијативата и дека по којзнае кој пат тоа право како на советници им се ускратува.

- Уште еднаш ќе повторам, мислењето на градоначалникот е едно, но нашето право на одлука е наше. Обврска ни е пред граѓаните на Град Скопје, пред приватниците да не играме дворски игри и да бидеме одговорни, рече Витина.

Кажа дека советникот Горан Арсов доставил иницијатива, а градоначалничката дала мислење и дека нема пречка да се закаже вонредна седница, бидејќи како што вели „околностите се вонредни“.

Романскиот Уставен суд ќе бара пребројување на гласовите од првиот круг на избори

Романскиот Уставен суд ќе побара пребројување на гласовите во првиот круг од претседателските избори, јавува денеска ТВ Диги24, повикувајќи се на судски извори. Портпаролот на Уставниот суд не сакаше да го потврди или негира извештајот.

По едноцифрената поддршка од гласачите во анкетите спроведени пред гласањето во неделата, екстремно десничарскиот независен политичар Калин Георгеску (62) извојува победа што го покрена прашањето како е можно вакво изненадување во Европската унија и во земја членка на НАТО, пренесуваат агенциите

Тој ќе се натпреварува со лидерката на опозицијата Елена Ласиони во вториот круг од претседателските избори на 8 декември. Георгеску доби многу гласови од младите гласачи и Романците кои живеат во странство, а неговата кампања во голема мера се потпираше на платформата за споделување видеа ТикТок.

Заменик-шефот на Романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску рече дека денеска ќе започне официјален процес за суспендирање на платформата ТикТок низ цела Романија во очекување на истрага за улогата што таа ја одигра во првиот круг од претседателските избори во неделата. /МИА

притисни ентер