Претседателот на САД, Џо Бајден, забрани нови дупчења на наоѓалишта на нафта и гас во близина на крајбрежјето на САД, а во обид да го зацементира своето еколошко наследство. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп пак ветува обнова во САД на ископувањата на јаглеродни енергетски ресурси како јаглен, нафта и гас.
Забраната се однесува главно на подрачја без значајни наоѓалишта, особено во Атлантскиот и Тихиот Океан, источниот дел на Мексиканскиот Залив и делови од северниот дел на Беринговото Море на Алјаска. Забраната ќе опфати водна површина од 625 милиони акри (253 милиони хектари).
Бајден се повикува на Законот за надворешни континентални шелфови донесен пред 70 години. Мерката е дел од напорите за борба против климатските промени со цел до 2030 година да се заштити барем 30 отсто од американските копнени и водни површини, изјавија синоќа од Белата куќа.
-Моето решение го рефлектира она што одамна е познато кај крајбрежните заедници, бизнисите и љубителите на плажите: дупчењето во близина на брегот може да нанесе непоправлива штета како истекување на нафта во местата кои значат многу и е непотребно во однос на задоволување на енергетските потреби на нашата земја, се наведува во изјавата на Бајден. „Тоа не вреди да се прави поради големите ризици.“
Според Управата за енергетски информации, околу 15 отсто од производството на нафта во САД доаѓа од федерални морски подрачја, главно во Мексиканскиот Залив. Но во изминатата деценија се постигна бум во производството на нафта и со развојот на копненото дупчење.
Моментално, САД се на прво место во светот по производство на нафта и гас, благодарение на подемот на дупчењето во сојузните држави како Тексас и Ново Мексико со усовршени технологиите за дупчење и зголемената побарувачка по почетокот на руската инвазија на Украина.
Изјавата на Бајден доаѓа во време кога Трамп вети укинување на политиката на претходната администрација за заштита на природата и борба против климатските промени, како и обнова на ископувањето на јаглен, нафта и гас. /МИА