Бајден помилува две мисирки пред Денот на благодарноста

- Мисирките што беа помилувани го добија името по цветот на праската што е симбол на државата Делавер, изјави Бајден, кој по потекло е од таа држава, пред толпата на тревникот пред Белата куќа.

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска помилува две мисирки со бели пердуви, Пич и Блосом, да не завршат на трпеза за Денот на благодарноста, годишна традиција што го означува почетокот на последната празнична сезона за демократите во Белата куќа.

- Мисирките што беа помилувани го добија името по цветот на праската што е симбол на државата Делавер, изјави Бајден, кој по потекло е од таа држава, пред толпата на тревникот пред Белата куќа.

Тој додаде дека настанот го означува официјалниот почеток на празничната сезона во Вашингтон.

- Исто така, последен пат ми е да зборувам овде како ваш претседател, во текот на оваа сезона, и да ви ја пренесам мојата благодарност, додаде тој.

- Затоа, дозволете ми да ви кажам, тоа беше честа на мојот живот, јас сум засекогаш благодарен, рече Бајден.

Помилувањето мисирки пред Денот на благодарноста, кој во Америка се слави последниот четврток во ноември, датира од претседателот Хари Труман во 1947 година, додека официјално стана традиција на Белата куќа во 1989 година, кога тогашниот претседател Џорџ Буш го понуди првото официјален претседателско помилување.

Најавено е дека Бајден подоцна денеска ќе отпатува за Стејтен Ајленд во Њујорк, каде што ќе присуствува на настанот „Денот на пријателите“ со припадниците на американската крајбрежна стража./МИА

Израелската влада забрани рекламирање во Хаарец, весникот познат по критиките

Владата на Израел денеска им нареди на сите јавни институции да престанат да се рекламираат во весникот Хаарец, познат по критиките за израелските акции на палестинските територии.

Министерот за комуникации Шломо Кархи рече дека владата го одобрила неговиот предлог откако издавачот Хаарец повика на санкции против Израел и ги нарече палестинските екстремисти како „борци за слобода“.

„Ние се залагаме за слободата на печатот и изразувањето, но и слободата на владата да одлучи да не финансира подбуцнување против државата Израел“, објави Кархи на платформата X.

Ноа Ландау, заменик уредник на Хаарец, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „работи на замолчување на независните и критички медиуми“, споредувајќи го со автократски лидери во други земји.

Хаарец редовно објавува колумни во кои ја критикува полувековната окупација на земјата од страна на Израел на која Палестинците сакаат да основаат независна држава.

Весникот исто така го критикуваше водењето на војната во Газа во време кога повеќето локални медиуми ја поддржуваа војната и претежно ги игнорираа страдањата на палестинските цивили. /МИА

Хјуман рајтс воч: Убиството на тројца новинари во израелски напад во Либан е воено злосторство

Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) денеска оцени дека израелскиот напад во Либан во октомври, во кој беа убиени тројца новинари, најверојатно е намерен напад врз цивили и очигледно воено злосторство.

Тројца новинари загинаа, а неколку беа ранети додека спиеле во гостилница во јужен Либан. Тоа беше еден од најсмртоносните напади врз медиумите од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред 13 месеци.

Оттогаш, уште 11 новинари се убиени, а осум се ранети, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад.

ХРВ заклучи дека израелските сили користеле бомба од американско производство со систем за наведување JDAM во нападот на 25 октомври.

ХРВ оцени дека американската влада треба да ја прекине испораката на оружје за Израел поради повторените „незаконски напади врз цивили, во кои американски официјални лица би можеле да бидат соучесници во воени злосторства“.

Израелската војска веднаш не го коментираше извештајот.

ХРВ пронашла остатоци од бомбата на местото на нападот и прегледала фотографии од деловите собрани од сопственикот на гостинската куќа и заклучила дека тие одговараат на комплетот за наведување бомби JDAM кои ги составува и продава американската компанија Боинг./МИА

Лига на шампиони: Алонсо на располагање има само 13 фудбалери

Германскиот фудбалски првак Баер Леверкузен има голем проблем со отсутни фудбалери пред утрешниот натпревар од 5. коло во Лигата на шампиони против австриски Салцбург за кој тренерот Чаби Алонсо на располагање има само 13 играчи.

Последниот играч кој отпадна поради повреда е францускиот напаѓач Мартин Териер. Напаѓачите Јонас Хофман и Виктор Бонифас, крилниот напаѓач Амине Адли и дефанзивците Норди Мукиеле и Жануел Белосијан се надвор од терените од претходно.

„Доколку сакаме да имаме шанса да влеземе меѓу осумте најдобри, следните два натпревари на домашен терен се клучни. Знаеме колку се важни претстојните натпревари против Салцбург и Интер. Салцбург игра со многу интензитет и динамика. Сакаме да освоиме важни бодови во БајАрена“, изјави Алонсо.

Германските медиуми пренесуваат дека Алонсо речиси и да нема алтернативи во нападот и одбраната, а кон тимот се приклучи и 16-годишниот Бен Хавигхорст.

„Доколку спортскиот директор ми даде договор како играч, можеби и јас би можел да играм“, рече Алонсо низ насмевка. „Сепак, имам договор само како тренер, така што не смеам да играм“./МИА

притисни ентер