Атанасов: МЗТ сезонава ќе атакува на четири трофеи

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов ги кажа амбициите на клубот во пресрет на новата сезона.

- Поминавме добри подготовки, а управата ни овозможи да го задржиме костурот на тимот и да се засилиме со странски играчи. Исполнети се моите барања за играчкиот кадар. Сега останува на нас да ги оправдаме очекувањата. Во новата сезона влегуваме со амбиции за одбрана на двата трофеја од домашното првенство и купот, освојување на Суперкупот, како и освојување на АБА 2 лига и влез во елитната конкуренција од регионалната лига, изјави Атанасов на денешната прес-конференција.

За капитенот Дамјан Стојановски неспорен е квалитетот на тимот со кој МЗТ Скопје ќе настапува во новото првенство.

- Одигравме доволен број на натпревари во подготвителниот период. Подготвени го дочекуваме стартот на АБА2 лигата. Секој почеток е тежок, но мислам дека од нас самите ќе зависи како ќе ја стартуваме АБА 2 лигата. Имаме квалитет за влез во АБА 1 и на тој пат очекувам помош од нашите навивачи кои секогаш се наш шести играч.

МЗТ Скопје Аеродром утре од 18 часот го пречекува Теодо Тиват во 1.коло од сезоната 2024/25 во АБА 2 лигата.

На 28 септември сино-белите од Аеродром ги очекува натпреварот од Суперкупот со Пелистер.

Семеен масакр во Турција: Ги убил сопругата, детето и родителите, па се самоубил

Осум лица загинаа во семеен масакр во Турција. Бахтијар Аладај убил седум членови од своето семејство, меѓу кои детето, мајката, таткото, сопругата и нејзината мајка, а сериозно ја повредил сестра си, пред да се самоубие.

Телата на неговото дете, сопругата и нејзината мајка, кои биле пријавени за исчезнати, биле пронајдени покрај езерото Бујукчекмеџе.

Според извештаите, Аладај претходно имал конфликти со сопругата поради љубомора, а наводно вежбал и пукање со воздушен пиштол во неговиот фризерски салон во Авџилар, пишува Хариет.

Злосторството започнало во неделата, околу 16 часот и 30 минути, кога Бахтијар Аладај (33) дошол во станот на неговото семејство, кој се наоѓал на приземје од четирикатница. По расправија со членовите на семејството пукал во татко му Мухамед (65), мајка му Нејмија (55) и сестра му Букет (30).

Неколку минути подоцна, околу 17 часот, Аладај отишол во својот фризерски салон во Авџилар, каде што ги застрелал вработените, од кои еден починал, а двајца биле тешко ранети. Со својот автомобил побегнал кон Есенјурт, каде што пукал во својот братучед, кој набрзо починал во болница.

Аладај потоа влегол во автомобилот и се самоубил пукајќи си во главата.

Истанбулската полиција соопшти дека Бахтијар Аладај бил пронајден мртов во својот автомобил, заедно со пиштол. Наведено е и дека Аладај имал бројни криминални досиеја за употреба на наркотици.

Според турските медиуми, последни биле пронајдени телата на неговото дете, сопругата и нејзината мајка, кои првично беа пријавени како исчезнати, а подоцна се пронајдени во областа Тепекент, покрај езерото Бујукчекмеџе. /МИА

Шефовите на дипломатиите на арапските земји бараат итен прекин на огнот во Газа и Либан

Неколку арапски министри за надворешни работи, собрани во Рим на маргините на состанокот на Г7, повикаа денеска на итен прекин на огнот во Газа и Либан и обезбедување хуманитарна помош за Палестинците.

Министрите на Јордан, Египет, Либан и Обединетите Арапски Емирати, како и генералниот секретар на Арапската лига, учествуваа на конференцијата во Рим, пред да им се придружат на министрите на Г7 подоцна во малиот град Фуџи.

-Газа сега е гробишта на децата, гробишта на човечките вредности, гробишта на меѓународното право, рече јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.

Конфликтот на Блискиот Исток е на врвот на агендата на Г7, бидејќи се известува дека е можен напредок во напорите за воспоставување прекин на огнот меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Амбасадорот на Израел во САД, Мајкл Херцог, рече дека може да се постигне договор во следните неколку дена.

Заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елиас Бусаб, сепак, го обвини Израел дека го зголемува бомбардирањето на Либан за да изврши притисок врз владата во Бејрут да прифати отстапки во индиректните преговори со Хезболах.

-Блиску сме до часот кој е одлучувачки за постигнување прекин на огнот, рече либанскиот претставник, додавајќи дека либанската страна е оптимист и дека има надеж, но дека „ништо не е загарантирано со некој како израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“.

Израел изврши тешки напади врз центарот на Бејрут во последните денови, а Хезболах го засили ракетниот напад врз Израел.

Во меѓувреме, САД се обидуваат да постигнат договор според кој борците на Хезболах и израелските сили ќе се повлечат од јужен Либан и либански војници и мировници на ОН ќе патролираат во областа.

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати потврди дека Каиро следниот понеделник ќе биде домаќин на министерска конференција за мобилизација на меѓународна помош за Газа.

На конференцијата тој повика на итен прекин на огнот во Газа и Либан, ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош за Палестинците и почеток на сериозен и вистински политички процес за создавање на палестинска држава./МИА

Фетаи: Владата ќе се заложи за ефикасна конфискација на нелегалниот имот

Заменикот претседател на Владата за политики за добро владеење Арбен Фетаи, денеска се обратил на Регионалниот состанок за политики за враќање на имот во Западен Балкан, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Фетаи, како што соопшти неговиот Кабинет, ја истакнал потребата од координирани активности против организираниот криминал и корупцијата, нагласувајќи ја важноста на размена на најдобрите практики и справување со нелегалните финансиски трансакции кои ја поткопуваат демократијата и довербата на граѓаните во институциите.

Тој го презентирал напредокот на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на три значајни закони за конфискација и управување со запленетиот имот, како и Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024–2028, која е во завршна фаза.

И покрај постигнатиот напредок, Фетаи посочил дека резултатите за 2023 година покажуваат пад на вредноста на замрзнатиот и конфискуваниот имот во споредба со 2022 година. Во 2022 година, вредноста на замрзнатиот имот изнесуваше речиси 40 милиони евра, додека конфискуваниот имот беше околу 28 милиони евра. Во 2023 година, замрзнатиот имот е намален на само 1,69 милиони евра, додека конфискуваниот изнесува околу 18 милиони евра.

-Овие бројки се повик за будење и потсетуваат на потребата од промена на пристапот, изјавил вицепремиерот за политики за добро владеење.

Фетаи го најавил формирањето на Национален совет за финансиски истраги за зајакнување на меѓуинституционалната координација и потврди дека земјата останува посветена на активна соработка со граѓанското општество.

-Никој не е над законот. Со силна политичка волја и меѓународна соработка, можеме да се справиме со криминалните мрежи и да ги изведеме корумпираните пред лицето на правдата, заклучил Фетаи, изразувајќи благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и италијанското Министерство за надворешни работи за организирањето на овој настан.

притисни ентер