Ангеловска: МојДДВ #Моја награда ќе доделува по десет парични награди на дневно ниво

Со новата апликација МојДДВ #Моја награда која започнува од 15 декември, граѓаните освен што ќе можат да го остваруваат правото на поврат на 15 проценти од ДДВ, ќе можат да добијат и десет парични награди на дневно ниво.

Сите граѓани кои скенираат фискални сметки ќе имаат еднакво право и можности да добијат награди.

Ова денеска го изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод саемот „Купи куќа, купи стан".

-Сите граѓани кои скенираат фискални сметки ќе имаат еднакво право и еднакви можности да добијат парични награди. Ќе се доделуваат 10 парични награди на дневно ниво, четири награди од по илјада денари, три награди од по 2 илјади денари, три награди од по 3 илјади денари, на месечно ниво ќе има 12 извлекувања за 15 награди по сто илјади денари, и ќе има две главни награди од по 3 милиони денари, рече Ангеловска.

Како што информира министерката, првото извлекување за главната награда ќе биде во март, а второто на крајот на наградната игра во декември 2020 година.

-Со новата апликација граѓаните ќе може и да видат колкав е повратот што го имаат секој момент остварено, колку број на сметки скенирале, и секоја фискална сметка ќе биде потенцијално добитна бидејќи слоганот на кампањата е „Секоја сметка е важна", рече Ангеловска.

Министерката додаде дека наградната игра е надоградување на проектот МојДДВ што е веќе успешен, и појасни дека главната цел на проектот е борба со сивата економија, да се стават граѓаните во улога на контролори, да бараат фискални смети и да пријавуваат кога има нерегуларност.

Дополнително, таа појасни дека граѓаните преку проектот МојДДВ веќе пријавуваат кога има нерегуларности, а со апдејтираната верзија на мобилната апликација, ќе имаат и посебно копче каде ќе можат уште полесно да пријават неегуларности за да потоа УЈП може да постапи.

Ангеловска истакна дека од Управата за јавни приходи е посочено сите граѓани да си ги проверат своите трансакциски сметки во мобилната апликација, а ако немаат трансакцјска сметка или е згрешена да ја апдејтираат за да може да им се изврши исплата на соодветна трансакциска сметка. Таа додаде дека има околу 5 илјади граѓани кои треба да си ги проверат и обноват трансакциски сметки. /МИА

Одбележан Водокрст во црквата „Света Богородица" во Тетово

Во тетовската црква „Света Богородица" се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. По светата литургија, во црковниот базен во дворот во црквата се изврши Водосвет и спуштање на Светиот крст.

По крстот скокнаа тројца верници, 21-годишниот Живко Секуловски, 30-годишниот Драгиша Јовановски и 36 годишниот Томислав Несторовски. Најуспешен и најсреќен беше најстариот Томислав кој го фати осветениот крст.

– Скокам по втор пат. Прв пат ми се насмевна среќата да го фатам јас крстот.  На сите христијани, браќа и сестри им го честитам денот, Водокрст да се живи и здрави, бериќет, здравје за сите и мир во државата. Лани скокнав за прв пат.  На личен план на прво место ми е фамилијата, да се живи и здрави, да има бериќет, изјави Томислав, професионален војник, женет и татко на две деца на пет години и два месеци.

Митрополитот на тетовско-гостиварската епархија господин Јосиф во својата беседа го истакна значењето на празникот, денот кога се осветуваат водите, а воедно ги поучи верниците како правилно треба да ја употребуваат светата вода.

– Денешниот празник се нарекува Водокрштение ,Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштението односно од осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Овој празник е востановен во спомен на крштението на луѓето кои го примале Христијанството. Во светата црква се познати две осветувања на вода. Големо и мало осветување. Големото осветување се врши два пати во годината. Токму на денешен ден на Водопост во предвечерието на Богојавление и утре на Богојавление, зошто се сеќаваме на крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан во која црквата го гледа прототипот на прочистување на гревовите но и вистинско осветување на водата со присуство на Бога. Исто така кога се врши Крштение се случува Големо осветување на водата. Додека мал водосвет се врши во различни прилики при дурги црковни чинови и на барање на верниците, истакна владиката.

Единствено во Тетово чинот на спуштање на крстот се извршува и на празникот Водокрст, односно еден ден пред Водици. Утре на Водици централното одбележување е во соборната црква „Свети Кирил и Методиј" каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен во 10 часот. /МИА

Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, интересите на граѓаните пред политичкото поентирање

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни. 

Апелираше до политичките субјекти да се однесуваат одговорно и интересите на граѓаните да бидат пред политичкото поентирање и медиумското внимание.

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна.

Таа посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите кои ќе бидат и зголемени, а ќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47, 7 проценти.

До крајот на месецот, како што најави Ангеловска, треба да биде готова и платформата за јавен долг која ќе овомозжи јасен преглед на целокупниот долг.

Според Ангеловска, со добра динамика се одвива и проектот за субвенционирање на платите, како и повратот на ДДВ кон фирмите. Само во првите 16 дена од месецов исплатени се 926 милиони денари поврат на ДДВ кон фирмите. Одлични резултати, како што рече Ангеловска, дава и мерката за поврат на ДДВ кон граѓаните. Нова исплата се очекува веќе следниот месец, а преку наградната игра која е надполнување на мерката, досега се доделени награди во вредност од 1,8 милини денари.

Соработката со заменичката министерка за финансии во техничката влада, Ангеловска ја оцени како професионална, коректна и на солидно ниво. – Имаме соработка во однос на проток на информации, рече Ангеловска. /МИА

Орце Ѓорѓиевски: Криминалот е заштитен знак на СДСМ

Криминалот е заштитен знак на СДСМ, а криминалците си помагаат едни на други.

Лица поврзани со СДСМ осомничени за тежок криминал, наместо да се соочат со правдата, добиваат награди.

Последниот пример е прераспределувањето на поранешниот началник на штипската полиција Љупчо Трајковски на позицијата советник во Бирото ја јавна безбедност. Да потсетиме за Љупчо Трајковски се води судски процес заради помагање при криумчарење на мигранти.

Да биде апсурдот уште поголем новоназначениот советник Трајковски сега е дел од Бирото за јавна безбедност кое меѓу другото има надлежност и врз секторот за гранични работи, миграции и криминалистичка полиција.

Со други зборови ова е како да се постави дилер  во одделот за недозволена трговија со наркотици .

Замислете за советник во БЈБ е поставен човек кој, според обвинението наплаќал по 200 евра од возило со мигранти и ги известувал криумчарите на кои места биле полициските патроли. Класична злоупотреба на службената должност и срам за полицијата.

Ова е кадровската политика на Заев, Спасовски и Славјанка Петровска. Полицијата наместо заштитник на граѓаните, се претвори во соучесник во криминалот.

Какви совети ќе му дава осомничениот на директорот на БЈБ ? Дали со унапредување на Трајковски му се дава нова можност за криминал? Дали тој треба да остварува контакт со подземјето во пресрет на изборите во  корист на СДСМ и Зоран Заев лично?

Бараме Директорот на Бирото за јавна безбедност се откаже од услугите и да го разреши Трајковски од позицијата советник. Истовремено мора да има одговорност и за лицата кои не го санкционирале и дистанцирале од позициите во полицијата за да не влијае на доказите и сведоците во случајот кој што се води против него.

Орце Ѓорѓиевски - член на ИК на ВМРО-ДПМНЕж

притисни ентер