Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

Пол позиција за Хамилтон во Франција

Тимот на Мерцедес доминираше на денешните квалификации за Големата награда на Франција, а британскиот возач Луис Хамилтон беше најбрз и стигна до 75-та пол позиција во неговата кариера.

Втор беше неговиот тимски колега Валтери Ботас, а на третата позиција заврши Себастијан Фетел од Ферари.

На четвртата и петтата позиција се двајцата возачи на Ред Бул, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо.

Трката за Големата награда на Франција се вози утре на патеката „Пол Ришар“. /МИА

Македонските ракометари поразени од Турција на Медитеранските игри

Македонските ракометари со пораз го почнаа настапот на Медитеранските игри во Тарагона, при што беа совладани од Турција со 26:29.

Македонската репрезентација во Шпанија допатува со комбиниран состав, кој го предводи помошникот на селекторот Раул Гонзалес, Роберто Гарсија Парондо.

Македонија поголем дел од натпреварот остана во резултатска негатива, а првото полувреме заврши со предност на Турција од 13:15.

Во вториот дел и покрај обидите на македонските ракометари да израмнат и да направат пресврт, Турција не дозволи да ја загуби предноста и оствари победа.

Македонија утре ќе игра против Египет. /МИА

СП 2018: Мексико ја порази Јужна Кореја

Мексико убедливо ја совлада Јужна Кореја со 2:1 во натпревар од групата Ф на Светското првенство во Русија.

Мексико поведе со 1:0 во 26-та минута со гол од пенал, кој го реализираше Карлос Вела.

Во вториот дел прецизен беше Хавиер Хернандес и во 66-та минута донесе водство од 2:0.

Јужна Кореја со голот на Сон Хеунг-мин успеа да ја намали разликата во судиското продолжение и во 93-та минута ги постави конечните 2:1.

Мексиканската репрезентација со оваа победата има шест бодови и е прва во групата, а Јужна Кореја останува без бодови и без никакви шанси за понатамошен пласман.

Во рамките на оваа група вечерва ќе се соочат Шведска, која има три, и Германија, која се уште нема бодови./МИА

притисни ентер