Основниот суд во Приштина денеска го прифати барањето на Специјалното обвинителство за определување мерка притвор за косовскиот државјанин од српска националност, со иницијали М.Д., кој е осомничен за учество во нападот на припадниците на Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, на минатогодишните протести во Звечан, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Дел од косовските медиуми објавија дека станува збор за лицето Марко Даниќ, жител на селото Бабин Мост во општина Обилиќ, кој беше уапсен вчера во Северна Митровица, во врска со нередите од 29 мај минатата година во Звечан, во кои беа повредени 93 војници на КФОР.
Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека тој е осомничен за сторени кривични дела „Здружување поради противуставна дејност“; „Загрозување на лица под меѓународна заштита“; „Учество во толпа која врши кривично дело и хулиганство“; „Напад на службено лице“.
Бранителот на Даниќ, адвокатот Небојша Данчетовиќ, по одлуката на судот во Приштина изјави дека доказите на обвинителството се неосновани.
„Обвинителството нема докази. Ова се некои измислени фотографии - дека е наводно виден во жолт џемпер на протест, дека држи нешто во рака - не е јасно дали е шише со вода. Доказите на обвинителството се недоволни“, изјави Данчетовиќ.
Тој потврди дека неговиот клиент бил на протестот тој ден, но рече дека тоа го направил поради политички несогласувања.
„Не може да се оквалификува како напад на уставниот поредок. Точно е дека бил на протестот, но не е точно дека повредил некој војник, ниту пак учествувал во нападот на меѓународните претставници“, изјави тој.
Данчетовиќ нагласи дека судот одлуката за притворот ќе ја достави на српски јазик дури во понеделник и најави дека ќе бидат поднесени жалбите.
Насилството во Звечан избувна откако локалните Срби се спротивставија на влегувањето на новите градоначалници Албанци во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток - општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население.
Како резултат на насилството беа повредени 93 припадници на КФОР, од кои неколкумина потешко.
КФОР претходно соопшти дека нападот врз неговите војници бил извршен „без никаква провокација“ и дека е „целосно неприфатлив“.
Косово ја обвини Србија за настаните во Звечан, велејќи дека тие биле извршени од „криминални групи блиски до српскиот претседател, Александар Вучиќ“./МИА