Арктикот би можел да остане без морски мраз во лето до 2030-тите, еве какви се последиците

Научниците предупредуваат дека Арктикот би можел да остане без морскиот мраз една деценија порано од предвиденото, што е уште еден јасен показател дека климатската криза се развива побрзо од очекуваното.

Според најновото истражување објавено денес во списанието Nature Communications, арктичкиот морски мраз би можел целосно да исчезне веќе во 2030-тите во текот на септември. Дури и ако значително ги намалиме емисиите на стакленички гасови, експертите веруваат дека до 2050-тите Арктикот може да го изгуби мразот во текот на летните месеци.

Научниците ги анализираа промените во нивото на мразот од 1979 до 2019 година, споредувајќи различни сателитски податоци и климатски модели. Тие открија дека намалувањето на морскиот мраз во голема мера е резултат на загадувањето кое ја загрева планетата и дека претходните модели ги потцениле трендовите на топење на ледените плочи на Арктикот.

„Можеме да останеме без мраз десет години порано од предвиденото“

- Бевме изненадени кога сфативме дека Арктикот ќе остане без мраз во текот на летото, дури и ако направиме нешто за намалување на емисиите на стакленички гасови, изјави за Си-Ен-Ен климатологот Сеунг-Ки Мин од Универзитетот за наука и технологија Поханг во Јужна Кореја.

Арктичкиот мраз се акумулира во текот на зимата, а потоа се топи во лето. Најниското ниво обично го достигнува во септември, а подоцна, со доаѓањето на постудено време, циклусот повторно започнува. Меѓутоа, ако нема повеќе мраз во текот на летото, тој ќе се акумулира побавно во зима.

Во случај да се зголемат штетните емисии и дополнително да го забрзаат глобалното затоплување, Мин верува дека до 2080 година Арктикот би можел да остане без мраз до крајот на октомври.

Наодите од ова истражување не се во согласност со извештајот од 2021 година на Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени, во кој се наведува дека Арктикот ќе биде „практично без мраз близу до средината на векот под сценарија за средни и високи емисии на стакленички гасови“. „Нашата студија покажува дека тоа би можело да се случи 10 години порано, без оглед на сценаријата за емисии“, рече Мин.

Кои се последиците?

Во текот на изминатите неколку децении, Арктикот се загреал четири пати побрзо од остатокот од светот, според студија од 2022 година. Арктикот без летен морски мраз би предизвикал страшни последици ширум светот. Имено, белиот мраз ја рефлектира сончевата енергија. Кога се топи, се изложува потемниот океан кој апсорбира повеќе топлина, што пак предизвикува дополнително затоплување.

- Намалувањето на нивото на морскиот мраз може да влијае и на глобалната клима. „Со оглед на претпоставката дека затоплувањето на Арктикот носи временски екстреми, како што се топлотни бранови, шумски пожари и поплави на северните географски широчини, порано целосно губење на мразот во текот на летото може да предизвика екстремни настани побрзо отколку што предвидовме, рече Мин.

Арктикот без мраз би можел да доведе и до зголемување на комерцијалниот поморски превоз поради отворањето на нови рути, а според минатогодишниот извештај за Арктикот на американската Национална агенција за истражување океани и атмосфера, зголемениот бродски превоз би довел до повисоки емисии и загадување во регионот.

Индекс.хр

САД го предупредија Вучиќ: Невидено е толкаво трупање војска на границата со Косово

„Детектираме големо воено присуство на Србија долж границата со Косово“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Ова вклучува „невидено распоредување на напредна српска артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици“. „Сметаме дека ова е многу дестабилизирачки развој. САД ја повикаа Србија да ги повлече овие сили од границата. Целта на српското вооружување сè уште не е јасна, но е загрижувачка“, рече Кирби, пренесува Дојче веле.

Новите тензии меѓу Србија и Косово го достигнаа својот врв минатата недела: група од 30, тешко вооружени српски командоси се бореше со косовската полиција во Бањска во близина на Митровица во северно Косово. Убиени се тројца српски напаѓачи и еден косовски полицаец. Кирби рече дека нападот бил „многу софистициран“ и вклучувал околу 20 возила, „воено оружје“, опрема и обука. „Не изгледаше како куп луѓе спонтано да се собраа.“

Американскиот државен секретар Антони Блинкен телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти американскиот Стејт департмент во Вашингтон. По тој повод Блинкен повика на „итна деескалација и враќање на дијалогот“. Тој го поздрави фактот што НАТО одобри распоредување дополнителни сили на Косово.

Како што јави српската новинска агенција Танјуг, Вучиќ во телефонски разговор со Блинкен ги опишал наводите од Вашингтон како „невистини“ и негирал дека собрале големи воени единици на границата со Косово. Претседателот на Србија се согласи со Блинкен дека е неопходна деескалација и „значително поголема улога на КФОР“, се вели во соопштението за печатот.

Од друга страна, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан разговарал со косовскиот премиер Албин Курти и „изразил загриженост за движењето на српската војска“. Двајцата, исто така, „разговараа за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, за кој Саливан посочи дека е единственото долгорочно решение за обезбедување стабилност на цело Косово“.

На платформата Х, порано Твитер, Курти побара помош од САД против „воените планови“ на Белград.

Џон Кирби рече и дека НАТО ќе го зголеми присуството на своите мировни сили КФОР на Косово, што во Брисел го потврди и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тој рече дека западната воена алијанса е подготвена да ги зајакне своите мировни сили во Косово за да одговори на ситуацијата. „Секогаш ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да обезбедиме безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово“, рече Столтенберг.

Северноатлантскиот совет, најважното тело за одлучување на НАТО, одобри распоредување на дополнителни воени сили на Косово, соопштено е во Брисел. На почетокот не беше јасно колку војници дополнително ќе бидат стационирани таму. Британското Министерство за одбрана подоцна објави дека Британија ставила на располагање баталјон од 500 до 650 војници на КФОР. Тие војници неодамна пристигнаа во регионот на долго планирани вежби, пренесува француската агенција АФП.

КФОР е одговорен за безбедноста на Косово од 1999 година. Според последните информации, во моментов има околу 4.500 војници од 27 земји на НАТО и земји партнери, од кои 80 се од Германија.

Во меѓувреме, Милан Радоичиќ, политичар и бизнисмен од косовските Срби, ја презеде одговорноста за нападот минатиот викенд. Тој тврди дека акцијата ја извршил самоиницијативно и дека за тоа не ги известил официјалните власти во Србија. Но, Владата во Приштина смета дека е невозможно Радоичиќ да дејствувал самостојно.

Косово, сега речиси исклучиво населено со Албанци, се отцепи од Србија во 1999 година со помош на НАТО и прогласи независност во 2008 година. Повеќе од 100 земји, вклучително и Германија, ја признаваат независноста, но не и Србија. Договорот за нормализација предложен од ЕУ бара Србија да го признае Косово де факто, но не де јуре. За возврат, Косово треба да дозволи формирање на Заедница на српски општини на северот на Косово. Сепак, Приштина оваа точка ја гледа како вовед во отцепување.

Ковачевски на средби со граѓаните на Дојран: Обезбедивме 135 милиони денари

Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски денеска беше помеѓу граѓаните на Дојран каде беше придружуван од градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. 

На средбите со граѓаните, претседателот Ковачевски рече дека Владата, заедно со локалната самоуправа предводена од СДСМ го решаваат деценискиот проблем за санација на колекторскиот систем со што директно покажаа одговорност и грижа за Дојранското езеро.

-Нашата грижа за Дојранското езеро ја покажуваме и на дело. Го решаваме деценискиот проблем, обезбедени се средства, меѓу кои и 135 милиони денари од Владата, потребни за санација на колекторскиот систем и нова пречистителна станица. Хидро-системот наскоро ќе биде во функција и ќе биде пуштен во употреба. Заштитата на Дојранското езеро како споменик на природата е исклучително важно за граѓаните на Дојран, но и за сите нас. Дојран постојано се развива, а се зголемува и бројот на туристи. Заедно со градоначалникот Ангов и понатаму ќе работиме за понатамошен развој на општина Дојран на секое поле, рече претседателот Ковачевски.

Градоначалникот Анго Ангов, од редовите на СДСМ е пример за одговорност и успешна работа, кој е посветен на реализација на многу проекти во интерес на граѓаните на Дојран.

На иницијатива на градоначалникот Ангов се решава и уште еден долгогодишен проблем со кој се среќава Дојран. Од оваа година на општината ѝ се ставени на располагање зголемен број на амбулантни возила, што ќе е од исклучителна помош во месеците кога Дојран има зголемен број на туристи и посетители,соопштуваат од СДСМ.

Борел: Загрижува трупањето на српска војска во близина на границата со Косово

Со партнерите и сојузниците разговараме за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација. 

За ова прашање сме во близок и редовен контакт со САД, изјави за странските медиуми шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, јави дописникот на МИА од Белград.

Борел истакна дека минатонеделното запленување на оружје и опрема кај група Срби било „многу сериозно“.

-Истовремено, трупањето на српската војска во близина на административната линија е многу загрижувачко и мора веднаш да се запре. На европскиот континент нема место за вооружување и трупање безбедносни сили. Силите треба да бидат веднаш повлечени, рече тој.

Шефот на европската дипломатија посочи дека се очекува казнување на сторителите на настаните во Бањска и порача дека „тие мора да се соочат со правдата“.

-Треба да се вратиме во ситуација кога двете страни разговараат и да се вратиме на Дијалогот со поддршка на ЕУ, која е единствената платформа за нормализација на нивните односи, заклучи Борел.

притисни ентер