Антигва и Барбуда отстранета од листата на ЕУ на „даночни раеви“

 Европскиот совет денеска реши да ја отстрани малата карипска држава Антигва и Барбуда од листата на ЕУ на „некооперативни земји и територии за даночни цели“.  

Советот посочува дека ваквата одлука е донесена откако Антигва и Барбуда направила измени на важечките даночни правила.

Државата, која има нешто над 100 илјади жители, беше ставена на листата на ЕУ на „даночни раеви“ во октомври 2023 година, врз основа на негативната оценка дадена од Глобалниот форум на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) поради начинот на „размена на барани информации“ поврзани со даночните обврзници.

Со отстранувањето на Антигва и Барбуда, на оваа листа остануваат 11 земји или територии и тоа Американските Девствени Острови, Американска Самоа, Ангвила, Вануату, Гуам, Палау, Панама, Русија, Самоа, Тринидад и Тобаго и Фиџи.

Во соопштението на Советот се изразува жалење што овие земји и територии на „се уште не соработуваат за даночни прашања“ и апелира до нив да ја подобрат својата законска рамка за надминување на идентификуваните проблеми.

Советот уште додава и дека океанските држави Палау и Фиџи направиле „ветувачки чекори за усогласување со критериумите“ за даночните политики, но дека тоа се уште не е доволно за ниво отстранување од листата.

Листата на ЕУ на некооперативни земји и територии за даночни цели е изработена во декември 2017 година, како дел од Стратегијата на Унијата за оданочување во странство и има за цел да придонесе за промоција на принципите на „добро даночно владеење“ ширум светот.

Некооперативноста се проценуваат врз основа на низа критериуми утврдени од Советот, како даночна транспарентност, правично оданочување и имплементација на меѓународните стандарди за спречување на намалувањето на даночната основица и помало оданочување на остварениот профитот.

ЕУ прави периодични прегледи на состојбите поврзани со ова прашање и врз основа на нив се врши ажурирање на листата. Од 2020 година листата на „даночни раеви“ е ажурирана во два наврати. Следниот преглед е предвиден за февруари 2025 година.

Доделени Решенија за финансиска поддршка за спортисти од општина Илинден

Во просториите на Дом на култура „Илинден“, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и оваа година додели Решенија за еднократна финансиска поддршка за спортисти кои се жители на Општина Илинден.

Градоначалникот, Александар Георгиевски истакна дека продолжува поддршката за спортистите од нашата општина и во иднина, а целта е да се наградат тие кои оствариле големи успеси во делот на спортот, како и да се стимулираат останатите за постигнување големи победи на спортските натпревари.

Градоначалникот додаде дека оваа мерка содржи повеќе категории, а износот кој го доделува Општината како финансиска поддршка изнесува, за прва категорија во висина до 130.000,00 денари, втора категорија во висина до 120.000,00 денари, трета категорија во висина до 90.000,00 денари, четврта категорија во висина до 60.000,00 денари и петта категорија во висина до 30.000,00 денари, додека за младинските категории 50% од предвидените суми.

Грижата и поддршката на индивидуалните и клубските спортисти ќе биде секогаш приоритет на Општина Илинден, истата ќе продолжи и во наредниот период со доделување на финансиска поддршка. Општина Илинден покрај поддршката на спортистите од овој вид на субвенционирање, преку Програмата за спорт финансиски ги поддржува и спортските клубовите на нејзина територија. Исто така вложува во обезбедување на одлични и најсовремени услови во спортската инфраструктура со реконструкција на постоечките и изградба на нови терени, овозможување на бесплатно користење на спортските објекти, како и поддршка на многу спортски настани кои се одржуваат во општината но и надвор од неа.

Општина Илинден

Град Скопје: Се реализира проектот за решавање на проблемот со водоснабдување во Злокуќани

Се реализира проектот за трајно решавање на проблемот со водоснабдување на жителите на Злокуќани

Град Скопје започна со реализација на уште еден проект за реконструкција на водоводната мрежа кој е од големо значење за граѓаните, со трајно решавање на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во населеното место Злокуќани.

Со градежните работи на реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата Скупи 5 во општината Карпош, целосно се менуваат старите цолови цевки, кои се со незадоволителен профил и се поставува нова водоводна мрежа со профили кои соодветствуваат на потребите на локалните жители.

По инсталирањето на новата водоводна мрежа, истата се поврзува со постоечката главна мрежа на магистралната улица Скупи. На новата мрежа ќе се поврзат и постоечките корисници, со што несоодветната мрежа ќе биде напуштена.

Изведбата на овој проект преставува реализација на дел од програмата за обновување на градската водоводна мрежа, се овозможува квалитетно водоснабдување во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, истакнуваат од Град Скопје.

Одделение за односи со јавност при Град Скопје

Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир

 Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир на градот, соопштија денеска надлежните од Секторот за локален економски развој.

Заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир. Понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.

Како што наведуваат од Секторот за економски развој, Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил. Рокот за доставување е до 21 октомври годинава.

Наградата за „Сувенир на општина Куманово“ изнесува 100.000,00 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000,00 денари и ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000,00 денари.

притисни ентер