Ова тој го кажа во интервју за албанската телевизија „Ора Њуз“ каде меѓудругото посочи дека со тоа што ја напуштил државава Груби докажал дека е виновен за делата кои му се ставаат на товар. Меџити во изјавата кажа дека очекува Груби наскоро да се соочи со правдата..
„Според информациите, не е на Косово, туку во Албанија. Но, тоа не е важно. Со бегството, тој ја докажал вината и затоа ја напуштил државата. Сигурен сум дека органите на прогонот ќе поднесат меѓународна тужба преку Интерпол и дека ќе се соочи со правдата, можеби денес, утре или задутре“-Изет Меџити – потпретседател на Владата.
За тврдењата на Меџити дека Груби во моментов е во Албанија нема потврда од МВР. Од полицијата велат дека во соработка со Интерпол се трага по поранешниот вицепремиер.
„ За лицето за кое прашувате е распишана меѓународна потерница и во координација со Интерпол и полициите од другите држави се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.“ - одговорија од МВР.
Освен по Груби полицијата распиша меѓународни потерница и трага по поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, осомничени за проневера на околу осум милиони евра. На двајцата во отсуство судот веќе им определи притвор кој ќе се реализира веднаш штом бидат пронајдени. Од адвокатскиот тим на Груби вчера излегоа со соопштение со кое тврдат дека немало кривични дела во дејстивјата за кои тој се обвинува, а неговата невиност велат ќе ја докажувале пред обвинителството и судот.
За пропустите на граничниот премин Блаце, пак, вчера полицецот со иницијали Б.Ј., заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што соопштија од полицијата не извршил проверки на возилото во кое се превезувал Груби и дека патниците од автомбоилот ги завел дека пешки ја поминале границата. Исто така, при граничната проверка не чекал да види дали некој од патниците фигурира на стоп-листата „задржи и веднаш извести“.
Дисциплинска мерка претходно беше определена и за полицаецот кој бил раководител на смена кога Груби замина од Македонија, а дали ќе бидат опфатени и други лица ќе покаже истрагата која ја води МВР.