Турција бара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

Турција преговара со САД за изземање од санкциите против Русија за да продолжи да купува руски гас, изјави министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар.

Говорејќи по состанокот на владата, Бајрактар ​​посочи дека одлуката на САД да воведат санкции за Гаспромбанк, делумно во сопственост на гасната компанија Газпром, може да создаде проблеми за Турција.

- Можеме да ги почувствуваме последиците. Нема да можеме да платиме, а ако не можеме да платиме, нема да можеме да купиме гас. Нашето Министерство за надворешни работи продолжува со преговорите за ова прашање, рече тој.

Министерот нагласи дека на неговата земја ѝ е потребен гас за да ја обезбеди побарувачката и потсети дека исклучок за гасот е применет со санкциите против Иран.

- На нашата индустрија и треба гас. Како што знаете, имаше санкции против Иран во минатото, но имаше исклучок за природниот гас. Ние сакаме таков исклучок од САД и за рускиот природен гас, рече тој.

Бајрактар ​​истакна и дека чекорот се прави на крајот на мандатот на претседателот Џо Бајден.

- Не ја разбираме администрацијата на Бајден што заминува. Остана уште месец и половина. Негативната страна е што е тешко да се укинат овие ембарга преку ноќ. Ако Турција не добие изземање, целта не е Русија, туку Турција. Нели е така?, праша министерот.

Многу силен земјотрес ја погоди Јапонија: Земјата се тресеше речиси една минута

Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погоди Јапонија.

Епицентарот бил на длабочина од 8 километри, а на 20 километри северозападно од Хакуи. Земјотресот бил почувствуван низ цела Јапонија.

„Креветот се тресеше добри пет секунди“, „Мислам дека ова траеше околу една минута, некако бавно лулање“, „Завесите и креветот се лулаа добри 30 секунди, ако не и цела минута“, велат луѓето во коментарите.

Засега нема информации за материјална штета и повредени.

Според податоците на Јапонскиот сеизмолошки институт, земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.

Германската ЦСУ не е веќе против постизборна коалиција со Зелените

Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените.

Три месеци пред предвремените парламентарни избори во Германија, претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените, но наведе промена на миграциската политика на Зелените како услов за соработка, објавија денеска германските медиуми.

-Одлучувачко прашање е ставот на Зелените. Кога станува збор за миграциската политика, оваа партија е на сосема погрешен пат, вели претседателот на ЦСУ, помала, сестринска партија во Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, во интервју за неделникот „Стерн“.

Досега Содер експлицитно одбиваше да соработува со Зелените, пред се поради миграциската политика и неговото инсистирање за најбрза можна зелена трансформација на општеството.

ЦСУ, која е на власт во Баварија, се залага за максимално ограничување на миграцијата и отфрлање на потенцијалните баратели на азил на самата граница, што Зелените го отфрлаат.

Содер, кој е и баварски премиер, во исто време рече дека Унијата не треба да се врзува за една партија во изборната кампања.

- Силната врска со Зелените би ги оддалечила гласачите од конзервативното граѓанско милје, рече Содер.

Според последните истражувања на јавното мислење, убедливо на прво место е Унијата ЦДУ/ЦСУ, со поддршка од 32 до 37 отсто од гласачите. На второ место е десничарската АфД, со околу 17 до 19 отсто. На трето место е моментално владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) со околу 15 отсто и Зелените со околу 12 отсто поддршка.

Либерално-демократската партија (ФДП) се движи околу изборниот праг од пет проценти. /МИА

Грузија кон средината на декември ќе избира нов претседател

Грузија ќе избира нов претседател со индиректно гласање на 14 декември, објави денеска Парламентот на малата кавкаска држава. Овие избори би можеле дополнително да ја зајакнат партијата на власт.

Оваа поранешна советска република минува низ многу бурен политички период во кој партијата Грузиски сон, на политичката сцена од 2012 година, е обвинета за продлабочување на врските со Русија. Таа конзервативна националистичка партија, предводена од милијардерот Биџина Иванишвили, победи на парламентарните избори на крајот на октомври со 54,09 отсто од гласовите.

За време на првата седница вчера, легитимитетот на новиот парламент беше доведен во прашање од демонстрантите и прозападниот актуелен претседател Саломе Зурабишвили, кој го повика Уставниот суд да ги поништи изборните резултати.

Сепак, новоизбраните грузиски пратеници се состанаа денеска за да го потврдат датумот на следните претседателски избори.

Следниот претседател за прв пат ќе се избира преку избирачки колеџ, наместо со народно гласање, во согласност со уставните промени во 2017 година иницирани од Грузискиот сон.

Парламентот денеска соопшти и дека инаугурацијата на новиот претседател ќе се одржи на 29 декември.

Претставниците на опозицијата не учествуваа на гласањето бидејќи ја бојкотираа седницата на парламентот.

Познавачите на уставното право сметаат дека одлуките на новиот парламентарен состав не се валидни бидејќи претставниците се сретнаа во понеделникот, пред Уставниот суд да ги објави резултатите од изборите.

Новата процедура за избор на претседател на државата предвидува избирачки колегиум од 300 членови, од кои 150 се заменици и претставници на локалните и регионалните власти.

Претседателот, чии овластувања се многу ограничени, се избира за мандат од пет години по јавно гласање, без прелиминарна расправа во парламентот. /МИА

притисни ентер