Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” беше прикажан во фамилијарната секција.
Режисерот Цветановски инфомора дека на премиерата имал кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажал на децата во публиката дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот.
Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро.
- Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември, рече режисерот Цветановски.
Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата” е хумористична приказна „за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси“.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.