„Балансерот“ в среда на дневен ред на седница на Уставен за донесување на конечна одлука

 Уставниот суд в среда на седница ќе треба да донесе конечна одлука по предлог постапката за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

На дневен ред на 27. седница на Уставниот суд закажана за 9 октомври се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и да утврди пет нацрт- решенија.

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Судот по неколкучасовна расправа, донесе одлука да поведе постапка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор - (Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Законот за административни службеници - (Член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор - (член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3 член 3, став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор – (член 3 став 1 алинеја 8), како и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување.

Фудбалски тим од третата грчка лига останал без опремата додека со траект патувал

Фудбалски тим од третата грчка лига останал без опремата додека со траект патувал од Крит за Атина.

Членовите на фудбалскиот клуб Ретимниакос од грчкиот остров Крит, останале без нивната опрема, што ги вклучува и дресовите, додека со траект патувале кон Атина за одигрување натпревар од третата фудбалска лига на Грција, а торбите, како што објавија од тимот на Фејсбук, им ги украле патници од Романија, јави дописничката на МИА од Атина.

Опремата била украдена од специјалниот простор за багаж во траектот што сообраќал од градот Ираклио кон атинското пристаниште Пиреас, а Романците, како што објаснија од ФК Ретимниакос, „преправајќи се дека се членови на тимот, ги зеле торбите, ги натовариле во комбето со кое патувале и исчезнале во непознат правец“.

Фудбалерите натпреварот го одиграле со позајмени дресови од домашниот тим од Атина, а кусо пред завршувањето на дуелот, биле информирани дека опремата била пронајдена.

Мицкоски-Вучевиќ: Силно го поддржуваме заедничкиот пат кон ЕУ

Силно го поддржуваме заедничкиот пат кон ЕУ, неопходно е да работиме за стабилност и безбедност на целиот регион.

Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.

Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.

-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека зборувале и во делот за енергетското поврзување на двете земји.

-Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа, нагласи Мицкоски.

Српскиот премиер од своја страна, исткна дека Македонија и Србија имаат традиционално добри односи, и се согласи со Мицкоски дека клучно за Србија е изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Македонија.

-Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава.

Уништено камено корито во Тиквешко, еден од првите садови за производство на вино

 Уништено е камено корито во Тиквешко, еден од првите садови за производство на вино, реагираше денеска во изјава за МИА, искусниот планинар Фено Наков. 

Тој потсети дека станува збор за камено корито од минатото што порано се користело за гмечење грозје во лозаровинарството, а во сегашно време може да биде атракција за промоција на винскиот туризам во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот.

- Станува збор за каменото корито што се наоѓа во локалитетот Белград, еден од најпознатите вински месности во Тиквешко. Пред неколку години, некои мислеле дека под каменот мора да има нешто, па фатиле со булдожер и го превртеле. Сега, така превртеното корито го уништиле. Го избушиле на неколку места, по што дошло до кршење на неколку места, појасни Наков.

За мистеријата на таканареченото бабино корито, за МИА раскажа Мики Камчевски, професор по историја во Основното општинско училиште „Тошо Велков - Пепето" во Кавадарци. Тој рече дека на територијата на општината Кавадарци има неколку археолошки локалитети на кои се пронајдени многу значајни артефакти, што говорат за минатото на овој крај, тесно поврзани со лозаровинарството.

Професорот додаде дека еден од најзначајните археолошки локалитети е Белград, каде на околу 400 метри надморска височина, се наоѓа месноста Падарница, еден од најпознатите лозарски реони во целиот крај, со долга традиција, за што зборуваат бројните археолошки остатоци.

- Во непосредна околина на Калина чешма, се наоѓа таканареченото бабино корито. Објектот претставува огромен камен од сив пешчар тежок триесетина тони, на горниот крај зарамнет во вид на плоча. На каменот со помош на длето и чекан се издлабени две корита. Поголемото со димензии 200 на 130 сантиметри, служело за газење на грозјето со нозе, а откако ќе се извршила таа операција, шурата низ канал се слевала во помало корито, кое собира околу 150 литри. Подоцна ширата со мешини или крбли се складира во питоси или бочви. Овој камен всушност претставува еден од првите садови за производство на вино, датиран од времето на антиката, подвлече младиот професор.

За жал, нагласи, ловците на богатство или таканаречените диви копачи, немаат никаква почит кон културното наследство.

- Со цел да дознаат дали под овој огромен камен има сокриено богатство, бидејќи кружеле муабети дека токму под овој огромен камен има закопано голема количина злато уште од турско време, со булдожер го поткренале коритото и тоа се стркалало во еден дол и застанало со отворот свертен кон земјата. Иако подоцна увиделе дека не станува збор за некакво закопано богатство, штетата веќе била направена, раскажа професорот.

Сега, со бушењето и кршењето, штетата е непоправлива, додаде Наков.

Од музеј на Град Неготино, велат за МИА, дека не е првпат неовластени лица да вршат девастација на културното наследство и дека ваквите појави треба да бидат ригорозно санкционирани од државата.

притисни ентер