Со децении легендарниот тенор Пласидо Доминго ги принудувал жените на сексуални односи со закана дека ќе ја изгубат работата, а преку професионалните врски во светот на операта ги казнувал оние кои му се спротиставиле.
Доминго важи за еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња и е познат диригент и режисер на операта во Лос Анџелес. Повеќекратниот добитник на Греми е високо ценет во оперскиот свет, а колегите го опишуваат како човек со неодолив шарм и енергија, кој работи неуморно за да го промовира овој уметнички талент.
И на 78 години, Доминго ја привлекува публика низ целиот свет, и има одиграно околу 150 улоги во повеќе од 4.000 претстави, повеќе од кој било друг оперски пејач во историјата.
Сепак, сега излезе на виделина темната страна на славниот пејач, што долго време беше јавна тајна во светот на операта.
Деветмина пејачки и танчерки изјавија за АП дека биле сексуално вознемирувани од шпанската sвезда кој е во брак скоро 60 години, и тоа во текот на три децении, од крајот на осумдесеттите.
Една жена изјави дека Доминго и ја ставал раката под здолништето, а три други дека насилно ги бакнувал во соблекувална, хотелска соба и на ручек.
- Деловниот ручек не беше невообичаен. Тој секогаш ме допираше, секогаш се обидуваше да ме бакне - рече една пејачка.
Покрај тоа, шест жени раскажаа за однесувањето на Доминг за што им било непријатно да зборуваат. Едната изјави дека тој упорно ја повикувал да пее во серија концерти со него во 90-тите.
Од агенцијата Асошијатед прес разговарале со неколку десетици пејачки, танчерки, музичарки во оркестарот, членови на театарскиот персонал, наставници и други кои биле сведоци на несоодветното сексуално однесување на Пласидо Доминго кој неказнето ги бркал и злоупотребувал младите жени.
На прашањата за сексуалниот скандал , од портпаролот на Доминго добиле соопштение во кое ги отфрла сите овие наводи како неточни.