Зеленски повторно ги повика сојузниците да го зголемат притисокот врз Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа по серијата руски напади во кои загинаа или се ранети цивили, повторно ги повика сојузниците на Киев да го зголемат притисокот врз Москва.

Во завчерашниот руски ракетен напад врз градот Дњепар загинаа пет лица, меѓу кои и едно дете, а повеќе од 20 беа ранети.

Едно лице загина, а тројца се ранети во руски напад вчера во Костантиновка, во близина на линијата на фронтот во областа Доњецк, соопшти регионалниот гувернер.

Истовремено, во руското гранатирање загинаа две лица на место западно од Херсон, а во Киев во напад со дрон на станбена зграда загина едно девојче.

Во синоќешното видео обраќање Зеленски рече дека овие напади покажуваат дека Русија е „решена да продолжи со агресијата“.

Тој додаде дека тоа се услови во кои недостигот на посилни одлуки од страна на партнерите за поддршка на Украина само го охрабрува рускиот претседател Путин дополнително да инвестира во теророт.

„Светот може да ја запре ескалацијата на војната. Зборовите не се доволни за тоа, потребни се конкретни чекори“, рече Зеленски. /МИА

Кварацхелија повеќе не е недопирлив во Наполи

Наполи викендов во 9. коло од Серија А го совлада Лече со резултат 1:0 и е лидер во поредокот со 22 бода. Квича Кварацхелија му го отстапи местото во стартната постава на Бразилецот Давид Нерес и на теренот се појави дури во 72. минута.

Тренерот на наполитанците, Антонио Конте, јасно им порача на италијанските медиуми дека Кварацхелија треба да се насочи кон тимските интереси, а не кон продолжување на договорот со зголемување на платата.

„La Gazzetta dello Sport“ го оцени настапот на Кварацхелија со скромни 6,0 - исто како и на претходната средба со Емполи.

Во исто време, директниот конкурент на Грузиецот за место во составот, Нерес, кој беше заменет со Кварацхелија, доби 5,5.

Во вторник, 29 октомври, Наполи ќе игра против Милан во Серија А на „Сан Сиро“./МИА

Нетанјаху: Прецизниот и моќен напад врз Иран ги постигна сите свои цели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека вчерашниот воздушен напад врз воените објекти во Иран ги постигнал сите цели.

„Нападот беше прецизен и моќен и ги постигна сите негови цели“, рече Нетанјаху денеска на церемонијата по повод првата годишнина според еврејскиот календар од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Иран го нападна Израел со стотици балистички ракети и нападот не успеа“, рече тој, мислејќи на иранскиот ракетен напад на 1 октомври, кога повеќето од истреланите проектили беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана.

„Потоа ветивме моќен одговор и вчера во зори го одржавме ветувањето. Воздухопловните сили го нападнаа Иран и ги погодија иранските одбранбени капацитети и капацитети за производство на ракети насочени кон нас“, додаде Нетанјаху. /МИА

Ла Лига го осуди расизмот против Јамал и ќе се жали во полиција

Раководството на Шпанското фудбалско првенство го осуди расизмот против Ламин Јамал.

- Поради настаните за време на натпреварот Реал Мадрид - Барселона, кои вклучија неприфатливо расистичко однесување, Ла Лига ќе пријави навреди и расистички гестови во полиција и ќе го извести обвинителот за криминал од омраза и дискриминација. Ла Лига силно ги осудува овие настани на „Сантијаго Бернабеу“ и останува цврста во својата посветеност да ги искорени сите манифестации на расизам и омраза на стадионите и пошироко. Нема место за ова зло во спортот, се вели во соопштението на Ла Лига.

Фудбалер на Барса бил подложен на навреди на расна основа по третиот гол на неговиот тим одигран синоќа на гостински терен со Реал Мадрид. /МИА

притисни ентер