Станува збор за изложба на графики на која учествуваат локални уметници последниве дваесет години.
-Се работи за неизложувани дела работени во различни временски периоди на коишто се воочува силен авторски печат и желба за остварување на авторска слобода во изразот. Тоа, пак, ќе резултира во креации со повеќеслојна ликовна естетика, карактеристична за експресивно-апстрактниот израз на современата графика. Во техничка смисла следиме и сè поголемо присуство на дигиталната графика како и обидите за експериментирање коишто често пати излегуваат од дефиницијата на графичко дело или ако сакате разбирањето на графиката како уметност на мултиоригиналот. Севкупно гледано, пред нас имаме една интересна колекција на графички листови којашто, се надеваме, ќе предизвика интерес кај пошироката публика, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста, од НУЦК „Трајко Прокопиев“.
На изложбата учество зедоа следниве академски графичари: Александар Стефановски, Валентина Илијевска, Зоран Јакимовски, Милена Арсовска, Мирослава Цветковиќ, Симона Јакимовска, Стефан Анчевски, Стефан Јакимовски, Тања Соларска-Темелковски и Ханифе Ислами.
Изложбата предизвикува интерес и кај локалната и кај македонската публика и континуирано ја следи кумановската графичка сцена. „Кумановски графичари“ е поддржана од Министерството за култура. За јавноста ќе биде отворена до 28 ноември.