Српскиот претседател Александар Вучиќ му понуди на унгарскиот премиер Виктор Орбан Србија да учествува со пет до десет проценти сопственост во изградбата на унгарската нуклеарна централа во Пакс и најави дека Белград ќе биде дел од единствената берза за струја со Словенија и Унгарија, објави Индекс.
Државните делегации на двете земји денеска се сретнаа во Будимпешта и потпишаа низа билатерални договори, при што беше истакнато дека унгарско-српските односи се на „највисоко историско ниво“ и дека двете земји имаат заеднички интереси во енергетскиот сектор, инфраструктурата и транспортот.
„Побарав од Орбан да ја разгледа можноста за купување на пет или десет отсто од сопственоста во унгарската нуклеарна централа Пакс, а нашиот удел би бил околу 150 милиони евра“, изјави Вучиќ по заедничките средби и разговори со Орбан.
Тој оцени дека енергетската диверзификација е „многу лековита“, вклучително и проекти за натамошно издавање на складишта за гас, во време кога се очекуваат големи проблеми во снабдувањето со електрична енергија низ Европа.
„И затоа сакаме да изградиме што повеќе гасни пумпи“, рече Вучиќ, потсетувајќи на неговите разговори со азербејџанскиот претседател Илхан Алиев за испорака на азербејџански гас за Србија.
„Можно е и Унгарците да влезат заедно со нас за да можеме заеднички да го финансираме и да користиме струја (од гасни централи)“, рече Вучиќ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан истакна дека двете земји треба да се обидат да ги надоместат пропуштените можности во историјата бидејќи Унгарија сака да биде богата и со нетрпение очекува да има земја со исти амбиции во нејзиното соседство.
„Успешната Србија ја зајакнува Унгарија и ја зголемува нашата вредност. Во наш интерес е Србите да бидат успешни и да станат богати исто како нас. Ова е нашиот заеднички став кон иднината“, рече Орбан.
Тој рече дека Унгарија со енергија се снабдува од Србија.
„Разговаравме за други инвестиции во снабдувањето со гас, складирање гас и снабдување со електрична енергија. Заедничката берза за електрична енергија ќе почне да работи наскоро“, рече Орбан.
Унгарија ја потврди својата посветеност и поддршка на Србија во европските интеграции.
„За нас сите проекти со вас - во енергетиката, транспортот, економијата, полициската и воената соработка и меѓусебната поддршка на политичката арена се од големо значење. Ви благодариме Викторе“, рече Вучиќ.