Од два по полноќ на дожд и минусни температури, до доцна попладне... 150те работници на Водовод распоредени во неколку екипи, наместо за предвидените 15 часа само за санација, ја изведоа најголемата операција во последниве неколку децении, уште од времето на Југославија, за само 5 часа...
Од ископувања на дупки од повеќе од три метри, до супштање во истите како и во шахтите покрај огромните цевки кои требаше да се санираат, работниците велат дека на сите локации морале да работат точно како часовник за успешно да се изведе потфатот...
Најмногу главоболки велат им создале дебелите челични завртки, од квалитет кој денеска не може да се пронајде, а кои „запекле“ и се монтирани уште пред шест децении..
Директорот на Водовод кој го водеше целиот план укажа дека се заменети неколку вентили кои создавале проблем, вклучително и оној поради кој граѓаните на Ѓорче Петров трпеа со години оти немаа соодветен притисок во водоснабдувањето.
Се променија пет воздушни вентили каде што имаше заробен воздух во цевководот за подобрување на водоснабдувањето, се направи поправка на два затворачи фи-700мм
Градоначалничката Арсовска, која беше присутна на терен, работниците од Водовод ги нарече херои кои во неколку часа го решиле она што требало некој да го реши пред повеќе од 10 години...
Со оваа санација која се прави еднаш на неколку децении, ќе се зголеми и количината на водата која доаѓа до домовите за околу 20 проценти, бидејќи од 100% вода која се испушта од Рашче, само 40% можеше да се користи, останата се одлеваше под површината поради дефекти на цевководите.