Ниту пристап за противпожарно возило, ниту функционални противпожарни скали, а уште помалку ефикасна хидрантска мрежа. Скопјани се плашат да размислуваат што доколку пожар ја зафати високатницата во која живеат. При обиколката на Канал 5 во неколку градски населби, најголем дел за најгорлив проблем ја посочуваат пристапноста до објектите, особено навечер кога паркинзите се преполни со возила, а пристапот до зградите целосно блокиран.
„Тука не можеш пеш да поминеш а не со пожарна, пристап нема никаков од колите што се паркирани кој како стигне./Не може да се пробие пожарна, ќе треба веројатно да се тргаат колите. Не дај боже, јас сум во една од овие кули, мене ми е страв да ви кажам право./ Не се случило за среќа да ни треба пожарна, лош е пристапот, нема пристап. Не може тука да се преземе, поради многу коли, нема коли да се паркираат, а не па пожарна да влезе.“
Следен проблем, велат граѓаните, се небезбедните противпожарните скали кои наместо да бидат проодни, се блокирани од буриња, клими, саксии, антени и предмети за кои дома немале место. Други пак, просторот го искроритиле за импровизирани тоалети и кујни, а основната намена на скалите е заборавена, зашто никој не ја ни тестирал нивната безбедност со децении.
„Ни тие не функционриаат, треба да се средат да се исчистат, да се проверат дали се железата скапани, се создаваат и магацини да, секој си заградува како му одговара. /Овде магацини се прават, во мојата зграда се прави лоџија, заградена е со прозорци и си направија или купатило од тој прозор каде што треба да излезат скалите.“
Хидранти има на речиси секој кат, но служат само како декор, нема црева, дел се тргнати или украдени.
На оваа висококатница, речиси на секој кат сликата е ваква, ниту хидрантите функционираат, ниту пак тука се цревата, што ако дојде до пожар, дополнително ќе ја искомплицира целата работа.
Алармантната состојба кај зградите, особено висококатниците ја потврдува и претседателот на противпожарниот сојуз на Скопје и Аеродром – Петар Плотников. Вели недостатоците се сериозни и создаваат сериозна опасност.. од суви хидранти, до непристапност.
„Контролите што ги вршиме по станбените влезови е катастрофа, 90% нема панични светла, 95% нема хидрантска мрежа, значи хаотична ситуација, во случај на пожар не знам како ќе успееме да се евакуираме, да го изгасиме пожарот во почетна фаза и слично. За да дојде возило, против пожарно треба поголем простор, брзата помош некако ќе се снајде, ќе се тргне некоја кола, ќе влезе. Меѓутоа за противпожарно возило кое треба да се лоцира што поблиску до објектот, пречат возила кои се паркирани непрописно паркирани.“
Плотников појаснува дека нивната дејност е надзорна и едукативна и дека немаат право да казнуваат за неправилностите што ги гледаат при секоја една инспекција. За затекнатото на терен се изготвува извештај и препорака која потоа се спроведува до градските власти од каде се очекува реакција и решавање на проблемите.