Захариева експлицитно не потврдува евентуално бугарско вето за Македонија

Никој не ги спречува нашите соседи да се самоопределат, но тоа не може да се прави врз основа на антибугарска реторика, смета бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.. 

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева без конкретен одговор дали Бугарија ќе го блокира евроинтегративниот процес на Македонија. Захариева во уште едно од низата гостувања на бугарските телевизии, избегна директно да одговори на серијата прашања посветени на таа тема, но кажа дека за нив од клучно значење е спроведувањето на договорот за добрососедство и продолжување со работа на комисијата за историски прашања.Вината за отежнатите односи на релација Софија –Скопје пак ја препиша на предизборието во Македонија.

,,Друго ве прашав, ќе им го попречиме ли патот кон ЕУ?Видете, нашиот парламент усвои една многу јасна декларација, исполнување на договорот. Во сите декларации на ЕУ, вклучително и последната на лидерите од Загреб. Што велите, ќе им го попречите ли патот кон ЕУ ако продолжат?Тоа е многу, жалам не сакам да ве навредам, но за ова прашање има стапки кои треба да се изодат и тоа го има во декларацијата. Подобро да ме навредите,но да одговорите. Треба да продолжи работата на експертската комисија, таа е експертска и на тоа настојувам многу пати, ако мислиме дека од денеска за утре, никогаш немавме толку...не сме толку наивни да мислиме дека ќе заврши со работа по две седници,никогаш не сум имала надеж дека тоа ќе се случи.

Захариева додаде и дека Бугарија не го оспорува правото на само определување на Македонците, но тоа според неа, не смее да се прави врз историски лаги и антибугарска реторика.

,,Тоа самоопределување, таа нација која тие ја изградија од 1944 година, не треба да биде врз лаги и антибугарска кампања, туку врз вистината. Основата на нашиот договор е историјата, заедничката историја. Никој не им го оспорува правото да имаат држава и да се самоопределуваат.

На изјавите кои изминатиот период доаѓаат од официјална Софија, од македонското МНР, во до сега веројатно најостра реакција, за Канал 5 велат дека обидот за отворање на дебата за идентитетот и јазикот од бугарска страна е навредливо и не е во духот на договорот за добрососедство.

,,Обидот за отворање на дебата за прашање што е затворено и за нас и за светот -македонскиот јазик - е навредливо, не е во духот и словото на договорот за пријателство, ниту на меѓународно право пошироко, не води кон пријателство и не е на линија на европските вредности. оваа позиција беше и ќе продолжи да биде комуницирана до соседна Бугарија и до сите наши меѓународни партнери, преку дипломатски канали на различни нивоа.

Од МНР исто така истакнуваат дека во 21 век во Европа, правото на самоопределување и само изјаснување не може да биде спорно, а процесот кој е започнат со Бугарија преку прифаќањето на сегашноста и на минатото, мора да се темели токму на ова право.

Бангладеш: Во удари од гром загинаа 74 луѓе за 38 дена

Најмалку 74 луѓе, од кои 35 земјоделци, загинаа од удари на гром во изминатите 38 дена во Бангладеш, а експертите посочуваат на влијанието на климатските промени како главна причина за ваквите инциденти.

Според извештајот објавен денеска од Save the Society и Thunderstorm Awareness Forum, 43 луѓе загинале од гром во текот на осум дена во мај, а 31 лице во април.

За еден ден во мај од гром загинаа 11 лица, а деветмина беа повредени.

„Во текот на изминатата деценија до 2021 година, громови убија најмалку 2.800 луѓе во Бангладеш“, покажуваат официјалните податоци. Оваа земја, како делта држава опкружена со Бенгалскиот Залив, доживува сè почести и смртоносни удари од гром.

Експертите велат дека ова очигледно се должи на климатските промени.

Кабирул Башар, претседател на Форумот и професор на Универзитетот Јахангирнагар, рече дека идентификувале две причини за зголемување на ударите на гром - зголеменото влијание на глобалното затоплување и сечата на дрвјата во руралните делови на Бангладеш, особено високите дрвја во полињата во Бангладеш.

Според Обединетите нации, во Бангладеш годишно се регистрираат просечно 300 смртни случаи предизвикани од грмотевици.

Овој април, Бангладеш го доживеа најдолгиот топлотен бран досега од 1948 година и првпат речиси 75 до 80 отсто од земјата доживеа континуирани топлотни бранови.

Рама в недела ќе одржи собир во Атина

Албанскиот премиер Еди Рама в недела ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји.

Албанскиот премиер Еди Рама в недела ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а министерот за надворешни работи на Грција, коментираше дека посетата е во несоодветен момент, јави дописничката на МИА од Атина.

За посетата на Атина, која како што самиот премиер на Албанија напиша на платформата Икс, не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека завчера, официјално биле информирани за посетата на Рама, но не и за местото каде што ќе се одржи настанот.

Според медиумите во Грција, најверојатно попладнево бил постигнат договор собирот да биде во затворена спортска сала.

Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкото радио „Скај“ утрово коментираше дека се работи за приватна посета, а не за посета што доаѓа на покана на грчката Влада, без каква било формалност, а сето она што се однесува на организирањето е во надлежност на албанската страна.

-Грција е земја која длабоко ја има воспоставено својата демократска свест, длабоко воспоставено функционирање на владеењето на правото. Сите сфаќаме дека никогаш не би можело да се постави пречка на кој било странски лидер да дојде да ѝ се обрати на својата дијаспора, на своите сонародници. Што значи дека ние никогаш не би покренале прашање. Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во предизборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.

Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија.

Кит се насукал на брегот на Орегон и експлодирал- го наполниле со 450 килограми динамит (ВИДЕО)

Поминале повеќе од 50 години, а луѓето сè уште раскажуваат за бизарниот настан снимен на брегот на Орегон.

Безживотно тело на кит, долго 14 метри и тешко осум тони, се насукал на плажата Флоренс. По неколку дена почнал да смрди, па надлежните реагирале.

Првично било планирано телото да биде закопано во песок, но постоела можност морето да го врати на површината, пренесува LadBible.

На крајот била донесена одлука телото да се наполни со 450 килограми динамит и да се разнесе. Расфрланите остатоци од китот, како што се очекувало, би биле изедени од диви животни.

Специјализирани екипи опколиле дел од плажата, каде се собрале љубопитни луѓе. Еден од граѓаните, искусен во рударството, предложил да се користи помалку експлозив, но не го послушале.

Телевизиските камери го снимиле целиот настан, вклучувајќи ја и детонацијата која го фрли лешот 45 метри во воздух!

Парчиња месо почнале да паѓаат врз насобраните луѓе и претставници на медиумите, а сѐ се претворило во катастрофа.

За среќа немало повредени, а оштетен бил и еден автомобил. Интересно, му припаѓал на човекот кој ги предупредил властите да ја намалат количината на динамит.

Сепак, најлоша била миризбата што се ширела покрај плажата, а очевидци велат дека била „двојно полоша“ од пред детонацијата.

Овој инцидент бил сфатен сериозно, а властите научиле како да не се справуваат со мртвите китови.

притисни ентер