Бангладеш: Во удари од гром загинаа 74 луѓе за 38 дена

Најмалку 74 луѓе, од кои 35 земјоделци, загинаа од удари на гром во изминатите 38 дена во Бангладеш, а експертите посочуваат на влијанието на климатските промени како главна причина за ваквите инциденти.

Според извештајот објавен денеска од Save the Society и Thunderstorm Awareness Forum, 43 луѓе загинале од гром во текот на осум дена во мај, а 31 лице во април.

За еден ден во мај од гром загинаа 11 лица, а деветмина беа повредени.

„Во текот на изминатата деценија до 2021 година, громови убија најмалку 2.800 луѓе во Бангладеш“, покажуваат официјалните податоци. Оваа земја, како делта држава опкружена со Бенгалскиот Залив, доживува сè почести и смртоносни удари од гром.

Експертите велат дека ова очигледно се должи на климатските промени.

Кабирул Башар, претседател на Форумот и професор на Универзитетот Јахангирнагар, рече дека идентификувале две причини за зголемување на ударите на гром - зголеменото влијание на глобалното затоплување и сечата на дрвјата во руралните делови на Бангладеш, особено високите дрвја во полињата во Бангладеш.

Според Обединетите нации, во Бангладеш годишно се регистрираат просечно 300 смртни случаи предизвикани од грмотевици.

Овој април, Бангладеш го доживеа најдолгиот топлотен бран досега од 1948 година и првпат речиси 75 до 80 отсто од земјата доживеа континуирани топлотни бранови.

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

-Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.

притисни ентер