Заев, како што соопшти владината прес-служба, посочил дека оваа институција е важна за државата и оти во соработка со Министерството за внатрешни работи е изнајдено решение за проблемот со обезбедувањето на Јавното правобранителство.
– Одлучни сме да ги подобриме условите за работа и да ја поддржиме модернизацијата на оваа институција. Тоа е составен дел во ефикасноста на процесите, што влијае и на останатите институции и животите на граѓаните, рекол Заев.
Апелирал правобранителите да сторат се што е во нивна надлежност да се динамизираат процесите на денационализација и да нема застој бидејќи од тоа бенефит ќе имаат и граѓаните и државата.
Покрај за можностите за подобрување на условите за работа, на средбата станало збор и за коефициентот за пресметување на платите на јавните правобранители.
– Правобранителите на средбата изразија благодарност за посетата и задоволство од поддршката на Владата за обезбедување кадровски и логистички услови за подобрување на работата на оваа институција. Обезбедувањето опрема за дигитализација на Архивата и на сите предмети што во иднина ќе се примат за работа и напорите да се воведе електронски систем се клучни за зголемување на ефикасноста, велат од Владата.
Државниот правобранител Фехми Стафа се заблагодарил за оваа прва посета на премиер на оваа институција.