Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на дводневната посета на Париз изјави дека очекува во следните два месеци да потпише договор за купување на 12 борбени авиони Рафале, а на потпишувањето ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон, објави Индекс.
Не се познати финансиските детали од потенцијалната зделка, но медиумите блиски до властите во Белград објавија проценки дека се работи за околу 3,2 милијарди евра.
Посетата на Вучиќ, инаку придружена со исклучително внимание од провладините медиуми во Србија, се случи и со поддршка на Париз до Белград на европскиот пат и потпишување на билатерален меморандум за разбирање меѓу српската и француската електрокомпанија, што создава условите за стратешко партнерство при проценка на потенцијалот за развој на цивилна нуклеарна програма во Србија и енергетска транзиција.
Меѓу темите на Вучиќ и Макрон беа и разговорите за воено-техничката соработка, како и за процесот на дијалог со Косово.
Американската новинска агенција АП денеска објави дека Србија е „блиску до потпишување договор за купување на 12 француски повеќенаменски борбени авиони Рафале“, оценувајќи дека тоа „ќе означи оддалечување од традиционалниот воен снабдувач Русија“.
Според АП, Србија повеќе од две години размислува за купување на нови авиони, откако Хрватска купи 12 користени авиони од ист тип за околу една милијарда евра.
„Брзото вооружување на српската армија ги загрижува некои од нејзините соседи по крвавиот распад на Југославија во 1990-тите“, пишува АП, потсетувајќи дека Србија е кандидат за членство во ЕУ, а повеќето земји со кои е опкружена се членки на НАТО.